Македонската политика и смртта на историскиот субјект (1)

04.06.2016 19:43
Македонската политика и смртта на историскиот субјект

1.

Пред нешто повеќе од една година нашиот добро познат медиумски „бурекчија“ на еден сосема нормален и ноншалантен начин во присуство на првиот министер на републиката ни соопшти дека „народот“ во Македонија не се интересира за апстрактни вредности како „демократија“ и „слобода на говор“ туку за конкретни нешта како „работа“ и „ефикасни шалтери“. Премиерот, секако, ја поткрепи изјавата и го увери соговорникот дека токму тоа се нештата на коишто неговата влада е фокусирана. Оттогаш се случија многу настани во кои македонското општество се растресе со серијата бомби (како метафорични така и вистински) во чиј ек демократскиот дефицит на Македонија се искристализира уште повеќе. Но тоа не ја намали решителноста на владејачката партија да се држи до зацртаната линија на аргументација во која од една страна недостатокот на основен демократски капацитет се релативизира и банализира, а од друга себеси се промовира како одговор на конкретните проблеми и барања на „народот“.

Како објективна оценка на јавното мислење, изјавата е секако неточна, освен ако не претпоставиме дека наставниците, студентите, лекарите, новинарите и збирот загрижени граѓани кои последнава година ги полнат медиумите и улиците со барања за поголеми демократски права и достоинство не се „народ“ туку нешто пониско. Но иронијата е поголема. Во формулацијата на владејачката партија, македонските граѓани се замислени како да опстојуваат во вредносен вакуум или во најдобар случај во систем на мали вредности. Потребите на „народот“ се сведени на јадење, пиење, и удобно шалтерисување. Според премиерот, тоа е сè што „народот“ сака и сè што му треба. За него „народот“ веќе не е историски субјект којшто се стреми и бори за нешто повеќе човечко и праведно, туку група пасивни полу-автомати со индивидуални биолошки и понекои бирократски потреби. Термините демократија, слобода на говор, работнички права, правна држава итн. се сведени на празна идеологија и непотребни пречки во остварувањето на единствениот приоритет со поефикасна бирократија да се привлече нов капитал и отвори ново работно место што ќе нарани уште една уста.

За да ги контекстуализираме овие изјави корисно е на кратко да се навратиме на сега веќе редовно критикуваната теза на Френсис Фукујама дека по поразителниот распад на социјалистичкиот блок светот влезе во пост-идеолошка фаза. Со други зборови, бидејќи неолибералниот капитализам излезе како неприкосновен победник на студената војна, преостана само да заборавиме на идеолошките препукувања и целосно да се препуштиме на логиката на пазарната економија. Тезата на Фукујама е дека во победничката (нео)либерална демократија системските проблеми се помалку или повеќе решени и сите живееме во релативна благосостојба (споредбено со алтернативите). Единствено што преостанува е да правиме мали формално-технички прилагодувања и подобрувања во организацијата на системот без никакви суштествени промени, (како што, на пример, секоја година ни доаѓа нов модел на истиот телефон со мали подобрувања кои често треба да се мачиш да ги пронајдеш). Тука веќе нема место за големи револуционерни идеологии кои тој ги отфрла како секогаш штетни во крајна линија.

Но, додава Фукујама, таквиот живот без идеали и стремежи е полн со предвидлива повторливост и како таков е неподнослив за човечките битија бидејќи ги сведува на ниво на најобични животни кои јадат, спијат, се размножуваат и не размислуваат за тоа што се случува вон нивната непосредна околина. Таквата состојба само ја зголемува потребата да го пронајдат човечкото во себе со што луѓето почнуваат повторно да бараат големи (дури револуционерни) идеали. Но разликата е што во либерално демократските општества тие идеали се осудени да бидат празни и чисто формални, т.е. измислици без суштина кои ги создаваме само за занимација и за да имаме со што да си ги окупираме мислите.

Како пример Фукујама го посочува познатиот француски новинар и филозоф Режис Дебрè којшто немајќи со што да си ги исполни револуционерните потреби во својата „просперитетна и либерална“ Франција, морал да замине во Јужна Америка да поттикнува револуционерни движења од што главна полза има тој самиот. Исто така, една од главните причини за Првата светска војна Фукујама ја наоѓа во „досадата“ на европската добро ситуирана буржоазија и недостатокот на заеднички дух во европските општества - два проблема кој биле инстантно решени со општата мобилизација и воена еуфорија. Просто речено, Фукујама ни вели дека во отсуство на „вистински проблеми“ луѓето спонтано ги измислуваат за да си најдат занимација и чувство на сложност. Затоа, според него, главниот предизвик на секое либерално општество е да ѝ се спротивстави на досадата и атомизацијата кои водат кон чумата на „големи идеи“ и кон непотребен конфликт. Тоа може да се направи со промовирање на технолошки иновации и решенија за општествените предизвици и отворена економска соработка, но исто така и со внимателно негување на таканаречени „припитомени“ и безопасни „големи идеи“ кои ќе функционираат како издувен вентил што ќе им дозволи на поединците да се идентификуваат со нешто поголемо и позначајно од нив, но исклучиво на контролиран начин.

Не е тешко да се согледа дека тезата на Фукујама е полна со пропусти и дека самото нејзино постоење може само да биде резултат на огромната самодоверба на неолибералните интелектуалци во годините по падот на Берлинскиот ѕид. Самата идеја дека недостатоците на неолиберализмот не се системски или политички туку технички и организациони е моќна идеологија која има за цел да ја деполитизира и разоружа сета опозиција на неолибералниот проект. Денес, подобро од кога било, сме свесни за тоа што економскиот историчар Андре Гундер Франк го тврдеше уште во шеесеттите, а тоа е дека процесите на глобализација и либерализација се всушност базирани на модел кој воедно генерира развиеност и неразвиеност, зголемена отвореност и поинтензивна гетоизација и затвореност. Од една страна сме соочени со сè поголемата подвижност и неврзаност на капиталот. Корпорациите се вистински глобални организации чија блиско поврзана џет-сет елита половина од животот го минува летајќи во прва класа високо над облаците. Но, додека глобалниот капитал ги руши сите национални бариери, истовремено се издигаат нови ѕидишта и апартхејди чијашто главна цел е физичкото, социјалното и когнитивното исклучување на масите на прекаријатот. Во одредени случаи бариерите се буквално физички издигнати на границите на Мексико, Палестина, Мароко и од неодамна Унгарија и Македонија, или во мноштвото прибиралишта низ Европа за мигрантите кои успеваат да го преживеат патешествието од еден вид мизерија до малку поинаков вид просјаштво и експлоатација.

Но, дури и оние перфидни бариери во самите „развиени“ општества стануваат сè повеќе видливи и заострени во екот на економската криза во која секој ден е сè појасно дека „слободниот“ пазар не ги дели своите благодати рамноправно, туку оперира како машинерија за екстракција на продуктивниот капацитет на мнозинството и негова концентрација во рацете на еден мал процент на врвот. Самиот концепт на либерална демократија веќе ја живее својата најголема криза со сè поголемата реализација дека политиката одамна не ја диригира електоратот туку финансиските моќници. Чувството на гнев опредметено во движењето „Окупирај“ и сите обиди да се пронајде нова „голема идеја“ не се несуштински извици направени од досада и немање попаметна работа („забегани“ или „издрогирани“ студенти, како што редовно фигурираат во водечките медиуми) туку артикулација на објективен општествен антагонизам под чиј чадор е влезена цела палета социјални елементи, вклучувајќи студенти, невработени, бездомници и разни бесперспективци кои колективно го чинат прекаријатот. Исто така, обидите да се пренасочи тоа негодување со поттикнување националистичката ксенофобија, која вината ја наоѓа во беспомошната фигура на „имигрантот“, не се контролиран „издувен вентил“ за неразумни фрустрации, туку корисна алатка за пренасочување на тој гнев од суштинските прашања.

Враќајќи се на паралелата со Македонија, не е нималку тешко човек да помисли дека идеолошката матрица на ДПМНЕ земала приватни часови во политички и социјален инженеринг кај Фукујама лично. Фукујамистичката реторика на ДПМНЕ може лесно да се согледа во секојдневната мантра која излегува од устите на сите симпатизери на ДПМНЕ, а тоа е дека тие се занимаваат со „вистинските проблеми“ т.е. оние мали Фукујамистички подобрувања на системот, како помали листи на чекање, помала невработеност, пензиите и другите таканаречени „реални проблеми“, додека опозицијата троши време на несуштествени и разорни „големи идеи“ како слободата на печатот, класните разлики, состојбата на демократијата и други слични левичарски „измислени глупости“. Левицата е редовно претставена како една размазена елита која ги има решено сите свои суштински и материјални проблеми и сега има време да се занимава со „глупости“ кои не само што не се од никаква важност за „народот“ туку воопшто не соодветствуваат на некаков објективен проблем кој бара решавање.

Со други зборови, пораката е: сè е во ред со нашата либерална демократија, во сигурни раце сте, имаме програма и секој ден работиме на малите подобрувања; „деструктивните идеи“ ги буткаме настрана со помош на економската либерализација и сè поголемата поврзаност на македонските работници со странскиот капитал, кој со себе ни ги носи и најновите технолошки иновации. И за крај, доколку досадната повторливост на либерал-демократското секојдневие е премногу неподнослива за некого, на понуда има една одобрена голема идеја, а тоа е секако национализмот конкретно отелотворен во проектот Скопје 2014. Моќта на тој меганационален проект се наоѓа токму во неговата организирана шизофренија која успева во една обединета национална приказна (митологија) да ги сплете сите оние противречни елементи (од Александар до Тито преку Самоил и Јустинијан) во кој секој може да пронајде нешто „поголемо од себеси“ и да стане составен дел од вечноста и славата на нацијата. Како што вели Бенедикт Андерсон, апелот на национализмот претставува еден вид на трампа преку која индивидуата ја одрекнува својата посебност и независност, а за возврат добива „бесмртност“ т.е. се овековечува како нераскинлив дел од ткивото на нацијата.

Но национализмот не бара само жртвување на посебноста на поединецот, туку е воедно во судир со други форми на колективност базирани на ненационални принципи, како на пример класните. Токму оттука и почнува да бледнее бајката на владината гарнитура. Економистот Бранимир Јовановиќ неодамна презентираше пред јавноста дел од своите независни истражувања во кои јасно покажува дека проектот на пост-идеолошка-либерална-демократија во Македонија е ништо повеќе од параван за непречено водење на класна војна. Разликите во растот на доходот помеѓу најбогатите еден процент од населението и останатите се најголеми во регионот и пошироко. Придобивките од фамозниот „раст“ на бруто домашниот производ се практично целосно сконцентрирани на врвот на економската пирамида. „Проектите“ на владата за привлекување странски инвестиции се проследени со раскрчмување на државното земјиште, разложување на работничките права и оневозможување на колективната мобилизација со правни и вонправни средства. Странските инвеститори не само што се ослободени од даночни обврски, туку се субвенционирани со народни пари и снабдени со евтина и флексибилнa работна рака.

По разбивањето на индустријалното работништво во деведесеттите, сега сме сведоци на обидите за докрајчување на здружениот отпор на работниците во неиндустријалните гранки како новинарството, здравството и образованието. Инвазијата на пазарните принципи (награда по учинок) во овие струки беше очекувано пречекана со отпор, но намерата е јасна: преку мотото и моралот на либерализација и пазарна регулација да се стават под политичка контрола последните искри на отпор. Либерализмот ѝ дава на секоја власт моќна реторика која лесно продира во свеста. Тие што се противат на реформите се жигосани како неспособни мрзливци што не сакаат да работат. Така потклекнаа прво самоуправниците и стечајците, потоа лекарите, а сега се на ред професорите. Од ова треба секому да стане јасно дека обезвреднувањето на трудот не е спонтан производ на „невидливата рака на слободниот пазар“ туку на многу видливата рака на политичките и финансиските елити кои го управуваат пазарот во нивна корист. Со други зборови, тврдењето дека сме влезени во постидеолошка фаза е сржта на неолибералната идеологија, ако под идеологија разбираме добро осмислена лага во функција на „легитимизација на постоечкиот поредок“. Воедно, веќе може да тврдиме дека неолиберализмот во Македонија со помошта на ДПМНЕ дојде до својата логична екстрема и дека класните разлики никогаш не биле подраматични и се на добар пат да бидат уште поголеми.

(продолжува)

Слики: Caiozzama

ОкоБоли главаВицФото