Партијата – Нејзиниот крај

06.06.2016 00:28
Партијата – Нејзиниот крај

Во Македонија, како и во повеќе земји во Европа, „окупирај“ и „обоените“ револуции се одговор на немањето волја и на ароганцијата на лидерите на политичките партии на власт, да го прифатат компромисот како единствен функционален резултат во репрезентативните, парлементарните демократии, кои се соочуваат со крајот на нивната ера. Крајот на ерата која компромисот го претвори во тортура на мнозинството.

Крајот на ерата на репрезентативната демократија има уште еден проблем. Тоа е неподготвеноста на политичките лидери да се соочат со тој факт и да прифатат дека колку подолго трае отпорот кон ова сознание, толку повеќе ќе се охрабруваат популизмот и авторитарноста. Толку повеќе ќе ја охрабруваат и потхрануваат неприродната, несвојствена и наметната „потреба“ на граѓаните за силни лидери кои ќе ги (по)милуваат во време на кризи и ќе се насладуваат на нивните стравови. Додека ги лажат дека ги ослободуваат од нив.

Овие феномени, кои одат рака под рака со реакциите од „окупирај“ и „обоените“ движења, ги рефлектираат сериозните предизвици пред културата и легитимноста на репрезентативната демократија, се особено илустративни во македонскиот модел. Како нејзин резултат општеството е соочено со партизирани институции и со дискриминирачки општествен апарат.

Иако се на власт благодарение на механизмите на претставничката демократија, односно избрани од народот за да управуваат со ресурсите на државата во негово име во одреден период, актуелните владејачки политички елити во Македонија одамна покажаа дека немаат почит кон одговорноста, транспарентноста, толеранцијата и кон правилата на политичката игра на кои почива власта во една парламентарна демократија.

Шарените граѓански поворки на улиците низ македонските градови се израз на цврстиот став дека веќе е неприфатливо владеењето на неодговорни популисти.

Но, наместо да го „слушнат“ гласот на промените, двете лидерски политички партии на владејачката коалиција се вкопаа уште подлабоко во рововите кои најдобро ги познаваат како нивна исходишна средина и во кои се чувствуваат најудобно – во удопството на султанските авторитарни партиски бедеми, опкружени од ентуражот од лакеи, спин-доктори, партиски менаџери и од советници за политички маркетинг. Силно потпомогнати од субвенционираните медиумски инфузии.

Додека јаваат на бранот на екстремниот популизам, уживајќи во шумот на ветерот поради кој не го слушаат повикот за промени, следбениците и медиумските мегафони на султан-партијата најволуминозно го дуваат во трубите митот за силниот лидер. Рефренот на тој мит е дека во време на кризи и општа закана за нацијата, од Бога ни е даден пастирот околу кој треба да се собере стадото за да му се покаже патот.

Овде треба да се напомене дека кога зборуваме за криза, зборуваме за една генерирана и контролирана криза, која добива интензитет тогаш кога нејзините креатори ќе почувствуваат дека е потребно. Страв од странски служби и платеничките револуционери, малку за Сорос, што и да значи тоа, малку за името…

Во меѓувреме едно прашање: Знаете ли дека новата црква за свадби и погреби е „Музејот на револуционерната борба и на ВМРО“? Пред некој ден, едно попладне, од музејот излегоа веселите младоженци, придружувани од сватовите, а кумот го пречека весела музичка двојка со тарабука и со хармоника, со песната „Еј, море куме златен, во небрано ти си фатен…“.

Затоа, пак, зградата на партијата е најдобро чувана. Таа не смее да се извалка. И не само што не смее да се извалка, туку и ќе се обнови и прошири со нови икони. Партиски. Пастирски. Токму како што му приличи на новиот храм на партијата.

СЕ ПРЕТЕРА, ДОСТА Е!

Медиумите (Првенствено „Нова ТВ“) веќе го „провалија“ новиот партиски проект – џиновските платна во масло со пастирот. Се разбира, има тука, на тие караваџовски спекаткли, и дел од ескортот на лидерот. Колку да ја зајакнат неговата фигура! Ако тие не ја истакнуваат неговата прометејска заслуга, не грижете се. Тука се медиумските зурлаши да ги дувнат рефрените за заслугите на лидерот.

Но, настрана оваа најнова нарачка на султанот за да стави уште еден печат на неговата епоха, за која неговите свештеници од партискиот храм извикуваат „За веки веков, амин!“, да не ја заборавиме најважната поента. Таа не е видлива. Неа ќе ја видат само тие што не го носат проклетсвото на Самоиловото слепило.

Ова е крајот на партијата каква што ја знаеме. Ако влезат тие митски претстави во храмот на партијата, тоа ќе биде нејзиниот крај. Тие митски прикази ќе ја запечатат нејзината судбина како партија која не успеа да се извлече од 19 век и која ќе остане запомнета како партија која им послужи на двајца нејзини лидери, на нивните фамилии и на една потесна партиска свита.

За да не се случи тоа, време е некој однатре, од ЦК на СКМ, пардон, на ДПМНЕ, да каже: „Не! Се претера. Доста е!“

Кои се опциите да се случи тоа? Тие се непознати. Речиси неверојатни. Ако е навистина така, тогаш што пропушта партијата:

-Ќе пропушта да покаже државнички став, кој во својот фокус ја има идејата дека наместо деспотски партиски систем, ќе воспостави функционално и одговорно лидерство кое ќе ги препознае и артикулира грижите на граѓаните во реални политички акции и политики;
-Ќе пропушти историска шанса да му каже „Не!“ на пастирот и да прифати дека денеска електоратот не е едномислечки, а уште помалку е сива маса, од која треба да се очекува да му даде легитимност и поддршка на неодговорното владеење и на масовните злоупотреби;
-Ќе пропушти да покаже дека е партија која ќе се залага за силни и функционални граѓански заедници во општините, во градовите, меѓу групите од интерес… За да демонстрира дека е партија со визија;
-Ќе пропушти да биде лидер во обновата на девастираните институции и општествениот систем. Оние што токму таа ги уништи;
-Ќе го пропушти големото чистење во партијата, луфтирањето, со кое треба да се исфрлат старите, подуени партиски пијавици. Впрочем, како што прави секоја домаќинска куќа пред големите празници. За да влезе чиста во новиот циклус. Во новата ера.

Се разбира, пурификацијата на партијата не може да се изврши без првенствено правен, а потоа и политички епилог, за лидерот и за неговото најтесно партиско и семејно опкружување.

Во меѓувреме, читам коментари на социјалните мрежи. Велат: „Па што… Таа со пастирот и со Боркица ќе си ја ставам како скринсејвер“.

И веднаш ми дојде мислата: Да не сум јас наивен?

На патот кон слободата…

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото