1018 hPa
43 %
22 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 13:59
Иван Шопов
Од „Меше на годината“
21.
Тоа меше е проф. д-р што држи незаконски курсеви по несоница. Качено на метла, ги надлетува студентските домови и отворените учебници заборавени на масите зараснуваат во сребрена мов. Шеќерните јаболчиња се вселуваат во наставните програми; молерите ја обелуваат сета библиографија на академиците.
Тоа меше ги благословува препишувачите (поткажувачите ги чува заклучени во факултетските подруми) и во сектата на будните доведува еднорози како професори-гости. Со ангелска прав ги посипува празните факултети; со насмевка ги испраќа студентите-бегалци што водат љубов на поткровјето на опожарените библиотеки.
Тоа меше е дебело како министер за образование и студено како топол оброк во работничка менза. Исплазете го јазикот без причина и ќе го положите испитот по Сонување со отворени очи.
Влада Урошевиќ
Објавена во „Темплум“ 2012 година, книгата „Меше на годината“ имаше урнебесна промоција во Младинскиот културен центар (со ромски трубачки оркестар донесен од Кочани!) и потоа, колку што ми е мене познато, никаков знак на рецепција. Ми се чини речиси неверојатно дека ниту еден од нашите учени критичари (и критичарки!) не забележал колку новини внесува поетот Иван Шопов во поетскиот говор на современата македонска поезија, за кој, мораме да признаеме, зборот непроветрен не е воопшто премногу груб. Пред сè - во однос на досегашната лексика: оваа книга ги инаугурира, како поетски, многуте зборови кои го исполнуваат нашето секојдневје, но кои ја досега ја немале таа чест да бидат прогласени како достојни за употреба во поезијата. Иван Шопов ги внесува самоуверено, дрско и без зазор во своите текстови, покажувајќи дека тие се рамноправни со оние што досега сме ги сметале како привилегирани за градбата на стиховите, а - во однос на нив - понекогаш дури и поисполнети со една сè уште неистрошена енергија. Со тоа овој поет врши една уште позначајна улога: преку промената на јазичниот регистар тој го проширува доменот на поетскиот сензибилитет, насочувајќи ги своите антени кон некои нови фреквенции на емотивноста. По својата тематска основа, „Меше на годината“ би спаѓало во љубовна поезија: станува збор за низа текстови кои се спојуваат во една поема во која поетот ги слави - кажано со еден старовремски јазик - телесните убавини (т.е. „мешето“) на својата сакана. Но, тоа го прави на еден радикално нов начин, со многу хумор и иронија, со блескави и изненадувачки слики, со невообичаени односи помеѓу зборовите, со креативни судири помеѓу смислата и бесмислата, и тоа дава, како резултат, нешто што е мошне оддалечено од она што обично го подразбираме под поимот љубовна поезија. Би било извонредно интересно да се направи детална споредба на оваа книга на Иван Шопов со една кај нас веќе класична збирка на љубовната поезија - со „Дениција“ на Петре М. Андреевски. Претпоставувам дека од таа споредба би излегла на виделина не само разликата помеѓу македонската поезија од шеесеттите години на минатиот век, и оваа денес, туку и разликата во сензибилитетот на некогашните и сегашните генерации.
Претпоставувам дека песнава во проза на Иван Шопов е доволно илустративна за ова што го кажав, но добро би било да ја прочитате и целата книга за да се уверите дека „Меше на годината“ е навистина исклучителна појава.