Тодоров пронашол рак за лек

06.06.2016 12:15
Тодоров пронашол рак за лек

Скопје, 6 јуни 2016

Феноменално научно откритие на тимот под раководство на министерот за здравство Никола Тодоров, засекогаш ќе ги промени нашите животи!

Имено, министерот за здравство, кој во својата приватна домашна лабораторија цел свој мандат се обидува да дојде до некое важно научно откритие кое ќе го промени целиот свет, утрово успешно патентирал рак за лек. И тој дејствува.

Тодоров дошол до идејата кога на кутијата антибиотици кои лекарот му ги препишал поради воспаление на синусите се обидел да ја натера да пуши цигари, по што кутијата успешно добила рак. Потоа го хранел пеницилинот со црвено месо, ги премачкувал антидепресивите со пестициди, а лаксативите ги навлекол на алкохол, по што сите наведени лекови добиле рак.

„Ни во најлудите соништа не можев да замислам дека ова ќе се оствари. Цел живот сакав да бидам прв во нешто и да ја направам Македонија горда, а сега успеав во тоа. Пресреќен сум“, изјави Тодоров.

Тој истакна дека следна цел му е да предизвика цироза кај аналгетиците или да го доведе витаминот Ц во вештачки предизвикана кома.

Адаптирано од: news-bar.hr
Слика: Свирачиња