Ткајачи на виножито

06.06.2016 13:11
Ткајачи на виножито

Среќата на лицето на секој мој соборец е неизмер кој може да го процени само слободата што наближува... а нивните насмевки, исто како и мојата, се како бесценет камен, оти се насмевки како при родилка и кај никој друг, оти родилката, единствено таа и никој друг, може да го насети новиот живот што се раѓа, единствено таа може да знае каков цвет ќе има никулецот кој само што зазеленил и развил листови.

Овие луѓе, исто како и мене, првпат во својот живот ткаат виножито, да, тие ткаат виножито... Тие не чекаат од бога на тоа негово чудо, не им се верни ниту сказните за леприконите - та им ги оставаат на лековерните, дури не чекаат ниту на водата и сончевиот спектар да си ја докажат својата наука; туку напротив - тие, по десет години чекање „чудото“ да го стори некој друг, конечно, ниту миг не сакаат да чекаат, да траат, ниту да видат дали навистина утрото е поумно од вечерта, а веднењето глава го исфрлаат од лексиконите на „вистинските“ Македонци... ...Туку сè земаат во свои раце... и така, сами а заедно, со секоја нова боја „исчаталена“ од дланките им - тие градат небески скалила среде најцрна темница, среде темница која не е од бога - туку е од зли луѓе, од зол цар по име Николај, кој дури има и зла вештерка за советник...

Е токму поради тоа што оваа темница не е божје дело, туку дело на монструозен ум, таа е толку многу неправедна, толку силно гризе и лепи гушење за душата, и нема миг за спокој, не ни остава доволно спокој за да се преноќи до утре... Затоа, во ваквите ноќи нема, не може да има чекање на утре(!), туку денес, мора денес! И така, ден по ден, ден по ден, ден по ден... се наредија четириесет и два, тон по тон, мол по дур, се нанижа четириесетдневна „рапсодија во шарено“, се наредија месец и кусур дена каде народецов македонски, шарените „чаталисти“, меѓу кои и јас, и секој кој барем една ноќ беше со нас... ја падеа таквата тиранска ноќ и среде таа ноќ на подмолни трујачи, на диви дрвосечачи кои крадат воздух ид Скопје, од скопјани... среде ноќ која е најдолгата братоубиствена ноќ на вмровците, ноќ на контрабанди, на „црни тројки“, да, на црни тројки - сосем налик - на кербери безумни празноглави - кои со шипка газат глава на некој наш соборец, не знаејќи дека умот не е коска и тој никогаш нема да можат да го скршат... Но ете, на празноглавецот со крв во очите, доволно му е што добошарите на Курир и мегафоните од ИнфоМакс - токму, за да ѝ додадат црно на црнилата - распишале потерници за Тричко, Политико и меѓу нив, секако, и јас. ( Се бараат нашите глави - ЖИВИ или МРТВИ ).

Ете токму вечерва која нè разденува десет години, моите соборци, другари, пријатели, колеги... а пред сè „чаталисти“ ... во гар ноќ, во гладна ноќ, во ноќ во која тие лееја детска крв, во мартинова ноќ, во тамарина ноќ, во ноќта на „брат Љубе“, во ноќта на сите страдни чии имиња (а тие ќе ми простат ) нема сега да ги именувам - но затоа - навек ќе ги помнам(!)... Во таква ноќ, овие „шарени“ мажи и жени, исто како што сум „шарен и јас“ - со секоја црвена, со секоја сина, жолта, зелена, со секоја лилјакова, со која и да е фрлена боја - тие исцртуваат ѕвездена патека, тие градат скалила... Скалила по кои, наскоро, низ оваа тешка, таговна и до душа навлезена темница, наскоро, треба, мора(!) да се искачи - новото сонце на слободата!

Фотографија: Ванчо Џамбаски

Слични содржини

Ирена Цветковиќ

ОкоБоли главаВицФото