Луксузот на солзите

07.06.2016 15:31
Луксузот на солзите

Количеството на солзи, силината на смеењето, изразноста на гестот не е еднакво распространета низ светот. Со тие човечки одговори на мака или неволја, или пак угодни восхити, делумно управуваат, правејќи ги помалку или повеќе социјално прифатливи, поттикнувајќи ги или обесхрабрувајќи ги, непишаните општествени норми. Општеството нè учи, а не само внатрешниот импулс, кога треба или смее да се препушти и покаже какви сме одвнатре.

Во Економист (The Economist) потсетуваат дека одамна Дарвин ги испратил своите прашалници за изразувањето емоции на разни адреси во светот: истражувачи, биолози и останати кои веќе се затекнале на слабо познатите прекуокеански дестинации. Од биолозите, патем речено, во Бразил побарал да проверат дали јужноамериканските мајмуни ги гужваат очите кога плачат од тага или болка. Од разни мисионери и лекари собрал извештаи за тоа како плачат австралиските Абориџини, племињата на Борнео... Собирал граѓа за својата книга „Изразување на чувствата кај животните и човекот“ (1872).

Економија

Од Нов Зеланд му кажале за маорскиот поглавар кој „плачел како дете“ затоа што еден од морнарите му ја уништил наметката. Набљудувајќи и самиот на патувањата и собирајќи податоци што други му ги праќале, Дарвин заклучил дека цивилизацијата носи „емоционална умереност“, дека луѓето кои живеат надвор од нејзините граници почесто имаат „напади на страст“. „Дивјаците плачат силно поради ситни причини. Англичаните ретко плачат, освен ако ги притисне акутна тага“, пишувал тој. Иако неговиот јазик е навредлив, некои од тезите на Чарлс Дарвин преживеаја до скоро. Ете, се веруваше дека жителите на економски развиениот западен свет плачат помалку отколку луѓето во земјите каде економијата е послаба, политиката е посурова, човековите права помалку почитувани, каде животот, накратко, е посуров.

Истражување

На почетокот на 20. век и Американскиот психолог Алвин Боргквист, слично на Дарвин, повикувајќи се на истражувањата кои по светот ги правеле истражувачи и мисионери, заклучил дека „солзи многу почесто пролеваат пониските човечки раси отколку цивилизираните луѓе“. Терминологијата на Боргквист, како и онаа на Дарвин, не го преживеала 20. век, но претпоставките за недостатокот на солзи на Западот, останале. Кон мрачниот крај на 1930-тите години, германскиот социолог Норберт Елијас ја објавил книгата „За процесот на цивилизацијата“, во која го опишува порастот на културата на пристојност, ново царство на воздржаните емоции за разлика од претходните експресивни општества кога постоењето било похаотично. Дел и од тие размислувања се задржале сè до – речиси завчера.

Поточно, до 2011 година, додека Ад Вингерхоетс, познат холандски клинички психолог, професор на Универзитетот Тилбург, и неговиот тим, не направија истражување во 37 земји, правејќи интервјуа во кои бараат од луѓето да зборуваат за своите солзи; како, колку, кога и зошто плачат. Оние кои живеат во побогати, подемократски општества, во кои се држи до индивидуализмот и екстровертноста, психолозите заклучиле дека всушност – плачат почесто. Нациите притиснати од економски проблеми и поголема сиромаштија почесто страдаат од депресија, но повеќе плачат, тврдат – оние од побогатиот дел на светот.

Се покажало дека помеѓу машките испитаници од сите 37 истражувани земји најмногу плачат американските и австралиските мажи. Машкиот свет во Нигерија, Бугарија и Малезија плаче најмалку. Швеѓанка почесто ќе почне да плаче отколку жените во Гана или Непал. Воопшто жените во земјите каде родовата рамноправност стигнала најдалеку плачат многу почесто отколку таму каде патријархатот е силен и неподвижен. Тоа, секако, не значи дека правата за кои се избориле се директно поврзани со количината на нивните солзи. Соодносот на тие две варијабили Ад Вингерхоетс не го испитувал.

Се покажало дека луѓето кои живеат во постудени подрачја плачат почесто отколку оние што го имаат задоволството на топлото време. Солзите не одат заедно со „примитивизмот“, како што тоа го тврделе Дарвин и неговите следбеници. Солзите, битно е да се забележи, не се веродостоен знак за тага и јад. Повеќе се показател – на привилегирана положба, живот во општества во кои можете да си го дозволите луксузот на плачењето.

„Ако живеете во навистина несреќни и тешки околности, плачот е луксуз. Во ситуации кога сме длабоко разжалостени можеме да бидеме толку шокирани и трауматизирани, па солзите да не дојдат. Оттаму, солзите можеме да ги гледаме како знак на умерена тага, тешки, но подносливи емоции. Ако минувате низ есктремна тага или екстремна неволја, тоа не е време кога се појавуваат солзи“, објаснува Томас Диксон (Thomas Dixon), англиски историчар кој страсно ги истражува емоциите и општествениот контекст кој ги обликува, филозофијата, медицината...

Дорте Јесен (Dorte Jessen), шефица на јорданската испостава на Светската програма за храна, поминала децении гледајќи во сувите очи на луѓето погодени од војна и глад. За време на гладта што во 2011 година го погодила Африканскиот рог или Сомалискиот полуостров била во бегалскиот камп во Дадааб, Кенија, 80 километри оддалечен од границата со Сомалија. Се присетува како ја набљудувала мајката со две мали деца додека земале скромни донации храна – кесичка со смеса од кикирики, растителна маст и какао. Само неколку чекори од местото каде во долгата редица им е поделен пакетот, мајката ја отворила кесичката и му дала храна на постарото дете.

Логораши

„Не зборуваа и не покажаа ниту една емоција. Само продолжија да одат. Кога ќе преминете одреден степен на исцрпеност, повеќе немате енергија која би ја губеле на емоции“, заклучува таа.

Уште на крајот на 19. век филозофот Вилијам Џејмс (William James) предупредил на разликата помеѓу „погодноста за плачење“, психолошко доживување кое е проследено со „некое остро задоволство“ и многу помалку подносливи чувства на „сува, насобрана тага“. Некои искуства се премногу интензивни за да бидат проследени со солзи. Поранешни затвореници од нацистички концентрациони логори зборуваат, понекогаш и со чувство на вина, дека не плачеле за време на тешките маки низ кои поминувале. Сузан Полок (Susan Pollock), Унгарка која го преживеала Холокаустот, раскажувала како нејзината мајка ја одвеле во гасна комора: „Не плачев. Сакав само да се вовлечам во себе.“

Би си помислиле дека некои места во Европа се залиени со солзи, но веројатно многу повеќе во нив плачеле потомците или роднините на оние кои се убиени или мачени на тие губилишта отколку самите жртви. Сузан Полок заклучува дека можеби била привремено дехуманизирана од животот во нацистичкиот логор. Која би била целта на солзите во Аушвиц или Треблинка? Би го исцицале и она малку живот што останал во затворениците.

Во лондонскиот Центар за историја на емоциите се проучуваат изразите на чувства во различни општества, гледаат дали одредени времиња или општества им даваат на емоциите повеќе или помалку простор, колку се толерирало, ако не и охрабрувало, покажување во надворешноста на она што го носиме внатре. Тамошните научници, психолози и останати, пишуваат есеи за очајот и безнадежноста или, на пример, за гадењето, за срамот или пак бесот на почетоците на модерна Шпанија, ја испитуваат појавата на т.н. бушмански стомак, желудочно пореметување од кое страдале возачите на автобус во 1930-тите години, веројатно психосоматско, кое се припишувало на пареата од јаглерод моноксид.

Директорот на Центарот за историја на емоциите, Томас Диксон, е автор на една од најчитаните книги во минатата година во Британија на тема историја, „Weeping Britannia“, своевидна студија на британската емоционална воздржаност. Пишува дека идејата за воздржаните Британци, луѓето со укочена горна усна, е стереотип кој, можеби, единствено одговара на првата половина на 20. век, кога засилено милитаризираната, империјална национална култура го апсорбирала шокот на глобалниот конфликт. Пред тој период, опишува Диксон, Британија била земја на мокрите образи, страствена нација во која солзите слободно се лизгале, притоа не компромитирајќи ги уплаканите. Владетелите, смета историчарот, плачеле за да покажат искреност.

Кој не плаче

Љубителите на романот на Хенри Мекензи (Henry Mackenzie), „The Man of Feeling”, објавен 1771 година, можеле, на пример, да читаат како нивниот јунак оддава почест на солзите на просјаците, сираците и проститутките, па пробувале и да ја „имитираат неговата чувствителност“. Диксон оценува дека „плачењето било морална и верска активност која се негувала, подучувала, изведувала, култивирала.“ Во песната во која пишува за траумите на Француската револуција, Вилијам Блејк зборува дека „солзата е интелектуално нешто.“ Така тоа го гледа и Диксон и неговите колеги од Центарот.

Историјата на емоциите е млада истражувачка дисциплина. Томас Диксон се прашува дали тие пишуваат историја на нешто што всушност отсекогаш постоело фундаментално еднакво во луѓето, но е изразувано, а особено интерпретирано, на различни начини. Разбирањето на она што го чувствуваме и како го чувствуваме бара поширок општествен контекст, емоцијата е производ и на нашиот јазик, поединечните искуства, семејството, одгледувањето, општествените институции, работата која ја работиме...

Кога американскиот претседател Барак Обама на почетокот на оваа година, со очи полни солзи, пред Конгресот побара построга контрола на оружјето, многу коментираа дека тој може да си го дозволи тој луксуз на позицијата на која е. Солзите се добредојдени, ги засилуваат аргументите, придонесуваат за драматичноста. За оние кои секој ден на работа се среќаваат со шокантни, додуша туѓи неволји, солзите се олеснување по кое не можат да посегнат. Докторите, медицинските сестри, полицајците, пожарникарите не плачат. Баш како што ни оние што гладни и поробени живуркаат во земјите со војна, политички притисоци и очај.

Солзите се луксуз. Голем.

Извор: Globus
Слики: Морис Микерс (солзи под микроскоп)

ОкоБоли главаВицФото