Пичката на месечарката

08.06.2016 13:48
Пичката на месечарката

Како најава на книжевниот фестивал Друга приказна (мали фикции), кој ќе се одржи кон крајот на јуни (28-30) во Скопје, објавуваме четири провокативни кратки раскази! Деновиве на Окно ќе објавиме повеќе детали во врска со програмата и активностите на фестивалот!

 

ПИЧКАТА НА МЕСЕЧАРКАТА

Навечер, кога месечината е полна, а особено ако се случи тоа да биде во петок за време на пост, одговарајќи на повикот на некоја нечујна музика, на улица излегува цела бела легија месечарки. Луѓето се наведнуваат преку балконите за да ги гледаат како дефилираат во ноќни кошули по штотуку измиените улици (ако камионот на Комуналец на својот пат наиде на месечарките и им ги намокри ношниците, платното станува проѕирно и им се прилепува до телото, разоткривајќи ги како зифт црните пички). Месечарките од мојот град, тоа братство на херметични жени, одат по улиците во очај, како жителки на некоја географија што постои само во нивните соништа, и се собираат на Главниот плоштад, како свршенички на свирачот од Хамелн, од кого нема ни трага ни глас. На тие собири секогаш ќе се најдат и неколку мангупи кои, користејќи ја нивната незаштитеност, им ги креваат ношниците и ги спуштаат своите шепи на нивните заспани меѓуножја. Јас порано, во младоста со која го платив својот данок на вината, учествував во тие кукавички оргии (велам кукавички, затоа што месечарките учествуваа само пасивно), и овде ќе ви го раскажам своето искуство, кое одамна го презрев и цврсто се зареков дека ќе се искупам за него. Пичката на месечарката, тоа сребрено руно, шумеше како школка, и ако човек ја доближеше увото, можеше дури и да ги чуе, на морската, еднотонска позадина, пораките испратени на некој шифриран јазик, како мешање на радио станици со седиште на скриената страна на месечината. Пичката на месечарката, антипатично сериозна, пушташе мангупите да ја прегледаат и не се противеше на тоа, и колку и ние да ја галевме, таа и понатаму остануваше крута како фосилен кефалопод. Пичката на месечарката, сонлива од ѕвездите, нè гледаше со бескраен презир, и се бунеше само во случај на стриктна пенетрација, терајќи ја својата господарка да скокне и нагло да се разбуди, среде плоштадот, не сфаќајќи која е нејзината улога на тоа место. Иако никој не може да го објасни еднодушниот механизам кој спојува толку многу жени во ношници, изнесени се некои претпоставки, искажани на начин помеѓу велелепното безначајното: се зборуваше за влијанието на приливот и одливот на женската сензибилност (но ние живееме во град длабоко на копно), за накакво селење на душите или метемпсихоза која ја користат свештениците на еден далечен култ за се отелотворат во месечарките, па дури се споменуваа и астролошки броеви. Ниедна претпоставка, за среќа, не донесува задоволително решение, па навечер, кога има полна месечина, а особено ако се случи тоа да биде во петок за време на пост (во таа лажна случајност можеби лежи сета тежина на загатката) градот сè повеќе се полни со жени во ношници, кои во мрак гледаат подобро отколку дење, како мачки, и се собираат на плоштадот, на радост на најголемите мангупи. Јас барав од мајка ми, тие ноќи потресени од месечарството, да ме врзе за креветот, не воведувај ме во искушение, но избави ме од лукавиот, амин.

ПИЧКАТА НА ТЕНИСЕРКАТА

Првиот сет го изгуби со недвосмислени 6 спрема 2, а во вториот, иако сервисот беше нејзин, веќе далеку заостануваше зад својата противничка, која одлучно одеше кон победата. За време на одморот помеѓу двата гема, нашата тенисерка се жалеше на некоја тегоба чијшто назив не успеа да го изговори, на некој ужасен јадеж кој не ѝ даваше да трча по теренот и да ги враќа топките на соодветен начин. Меѓу публиката почнаа да кружат гласини, претпоставки, разни глупости за болката која ѝ пречеше во играта. Само јас, кој ја следев нејзината кариера на терените на сите четири континенти (зашто во Африка нашата тенисерка никогаш не учествува на турнири, се плаши од црната раса, која погрешно ја смета за попохотна од останатите) ја знаев вистинската причина за нејзината слаба игра. Под плисираното здолниште, под испотените гаќички засечени во газот, нашата тенисерка имаше херпес на пичката, најнезгодниот херпес од сите што постојат. Ако ставев двоглед за време на одморот меѓу гемовите, ќе можев да го видам, од внатрешната страна на бутовите, делот каде кожата е испукана, а што е навестување за неподносливо чешање. Нашата тенисерка, пред судијата во столот да даде знак за продолжување на мечот, ја користеше можноста да ја разлади пичката, да ја протрие и измасира, да ја навлажни со влажни марамчиња, сето тоа преку гаќичите, зашто меѓународните тениски правила забрануваат покажување на дундите. Пичката на нашата тенисерка, за која само сум слушал, го влечеше тоа чешање уште од почетокот на сезоната, и сите напори на нејзината екипа масажери и лекари беа залудни: нашата тенисерка проба гаќички од најразлични материјали (од ликра до памук, преку свила и коноп), се мачкаше со креми и масти, дури го депилираше пубисот за да спречи можна инфекција на коренот на влакното, но без позитивен резултат. Сега, на завршниот меч од тој важен турнир, нашата тенисерка минуваше низ вистински маки: нејзините сервиси завршуваа во мрежата, ја враќаше сервираната топка далеку од теренот, нејзините форхенди и бекхенди беа безопасни, а passing-shots, тоа нејзино некогаш убиствено оружје, толку станаа срамежливи и женски, што нејзината противничка едвај да ја загрижуваа. Кога мечот заврши, по предавањето на пехарот и утврдениот протокол, нашата тенисерка влезе во ходникот кој води кон соблекувалната со многу потиштен израз на лицето, на граница на плач. Некои новинари го припишаа таквиот очај на поразот, но само јас ја знам вистинската причина. Веројатно нашата тенисерка, додека ги испишувам овие редови, веќе ги соблекла гаќичките, застанала под туш, и со израз на олеснување и слобода сега најверојатно ја трие пичката со сунѓер, под млаз вода, ја чеша силно и грижливо, во скриена борба со тоа упорно чешање. И покрај оваа пречка, нашата тенисерка и понатаму е број еден.

ПИЧКАТА НА МУМИЈАТА

Форест Медисон, славниот египтолог, ми раскажува за својата идила со Нефертити, додека му ја навлекувам лудачката кошула. Веќе многу години работам како болничар во оваа лудница, им делам заушки на будалестите лудаци кои сакаат да ми се качат на глава, или во знак на охрабрување ги тапкам по рамо оние другите, мирни лудаци, што за мене мислат дека сум некој вид бог, но никогаш не сум налетал на некој олку бесмислен случај на лудило. Форест Медисон ја покрива главата со тропски шешир и се облекува во ленено палто и каки-панталони, како египтолог од стрип. Се колне во сè што му е најсвето дека телесно општел со мумијата на Нефертити (или Нефертари, не сум баш упатен во прашањето на египетските династии), која еден ден ја открил во некој вид мавзолеј или гробница, во близина на Асуанската брана. Мумијата на Нефертити (го запишувам она што ми го довери Форест Медисон) била добро сочувана, добро замотана во завои и балсами, со раце прекрстени на градите и собрани нозе. Мумијата на Нефертари, чија убавина извојувала победа над оштетувањата кои ги нанеле вековите и песокот, почивала во антропоморфен саркофаг со инкрустации од лазур и хиероглифски натписи кои детално го опишувале нејзиното потекло. Штом ѝ биле извадени завоите и била посипана со ДДТ (во египетските гробови има молци, вошки и бубашваби) се покажало дека мумијата на Нефертити е преубава, со кожа каква што многу петнаесетгодишнички би можеле да посакуваат. За чудо, целата утроба ѝ била совршено сочувана (заедно со џигерот, кој лесно пропаѓа, и дебелото црево) наспроти она што обично им се случува на мумиите. Форест Медисон смета дека тој систем на балсамирање, дотогаш непознат за египтолозите, би можел да го воведе некоја космичка интелигенција, било преку физичко подучување, било преку упатства испратени од друга галаксија. Тој систем на мумифицирање, освен другите предности над оние традиционалните, го одржува и лачењето на плунковните жлезди и ја чува влажноста на слузокожата, како на усните, така и на пичката. На пичката на Нефертари имало гребнатина типична за жени силувани по смртта (египетските свештеници, заколнати на целибат, успеале да развијат интересна некрофилска фиксација). Форест Медисон, иако не се заколнал на целибат, веќе неколку месеци не го брцнал, па оние часови на несовладлива дремка кои обично ѝ претходат на зората, ги користел за да блудничи со Нефертити. Пичката на мумијата, ми раскажува Форест Медисон, била крцкава како лиснато тесто, и морало многу внимателно да се влегува во неа, за да не се распадне. И покрај тоа што првите коитуси биле донекаде изнасилени (ѕидовите на вагината гребеле како шмиргла) Форест Медисон ја усовршувал својата техника сè додека не дошол до задоволителни перформанси. Пичката на мумијата, прописно подмачкана со масло или сперма, како да станувала сунѓереста и ги отворала своите двери. Форест Медисон, славниот египтолог, легнувал врз мумијата, или си правел малку место во саркофагот, таа мртовечка свадбена постела, и се користел со покојната Нефертари и покрај милениумите кои ги раздвојувале (секако, мумијата не воздивнувала, но наместо тоа чкрипела) како кога човек јаде бифтек од смрзнат мамут. Пичката на мумијата, секако, била обрежана (можеби свештениците ѝ го отстраниле клиторисот затоа што така пропишува обредот), па не верувам дека Нефертити особено уживала, ако претпоставиме дека уживањето ги надминува границите на времето.

Форест Медисон, славниот египтолог, ми ја раскажува оваа неверојатна приказна сериозно, со многу паузи и поткашлувања. Не знам дали да му залепам неколку шлаканици, кога веќе никој не ме гледа.

ПИЧКАТА НА НЕПОЗНАТАТА

Тие пички се секогаш најдобри, зашто нашите очи никогаш не ги виделе, бидејќи постојано се судираат со ѕидот од здолништето или фармерките, толку раширени меѓу младите. Пичките на непознатите се разминуваат со нас на улица и нè хипнотизираат со своето едвај прошепнато присуство, нè повикуваат, нè тераат да тргнеме по нив, да го промениме правецот на прошетката и да задоцниме на нашето одредиште. Пичките на непознатите, кога и да поминат, оставаат трага на непознато месо, континент кој треба да се колонизира, но како? Понекогаш се правиме дека случајно сме наишле на нив, па им приоѓаме на жените кои нè одминуваат на улица, на тие жени со непријатна убавина кои дури и не нè удостојуваат со поздрав, брзајќи на состанок со своето момче или на мисата во единаесет на која ревносно одат. Сум ги следел таквите пички низ пустина и прашума, сè до оној парк каде ги чека мажот на кој му припаѓаат, а тоа е обично некој разочарувачки досаден човек без привлечност, неспособен да ужива во чарите какви што таквата пичка ветува, а сум ги следел и во темнината на црквите, сум седел покрај нив на клупата за клечење, сум се причестувал безбожнички во нивно присуство и сум се преправал дека сум се спрепнал на излезот кога ќе ги допрев дамарите на нивното месо прочистено од свештеничкиот благослов. Но, по таквите скришни потери доаѓа враќањето дома, враќање обвиено со сенката на неуспехот, бедно, зашто одбивањето е неизбежно. Дома ме чека мојата жена, која ја сакам со сето срце, но бидејќи нејзината пичка ми е толку позната, сеќавањето на онаа другата редовно оди на нејзина штета. Зашто непознатите и недостижните жени никогаш - за жал - нема да ги заборавиме, а тоа е мазохистичка употреба на сеќавањето во вистинска смисла на зборот.

 

Превод: И.Ш.

Извор: Coños, Ediciones Virtuales, 1994.
Везови на сликите: Alaina Varrone

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото