Какви преговори?!

08.06.2016 15:56
Какви преговори?!

Однапред се извинувам што сите четворица ве ставам во ист кош, ама од аспект на најавените преговори (повторувам - ПРЕГОВОРИ) за надминување на кризата, морам да ви се обратам на сите заедно. Значи вака: Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи - вие четворица може да си се договарате колку сакате за излез од калта во која е заглавена Македонија, ама сметам дека сите топтан, треба да знаете неколку работи:

Прво, јас не излегов по улиците за да чекорам со Шарената револуција затоа што не сум задоволна од владеењето на Груевски, туку заедно со многумина мои сограѓани да изразам згрозеност, вчудоневиденост, гнев и незадоволство од размерите на злоупотребите на власта. Со други зборови, нашите демонстрации не се израз на незадоволство од одредени владини политики, туку од самата влада како криминална организација.

Второ, јас, исто како и многу мои пријатели и соборци од Шарената револуција, не се изложив на јавен потсмев и денунцијација од корумпираните владини медиуми, за да се задоволам со евтините аболициски трикчиња на Иванов, или со „сакам-нејќам“ тактиката на Груевски. За мене компримис нема – Иванов веднаш да си замине од функцијата и кривично да одговара за прекршување на Уставот и Законот за аболиција, а Груевски и фамилијата да одговараат за дузина кривични дела, кои ги сведувам на велепредавство на државата.

Трето, јас не си го арчам здравјето, нервите и слободното време како дел од Шарената револуција, за странските посредници да ги смируваат непомирливо раскараните племиња олицетворени во политичките партии. Мене не ме интересираат партиите, нивните програми, статути и проекти за ѓоамити излез од кризата, бидејќи проблемот на Македонија не се решава со механичка промена на власта.

Четврто, јас сум дел од автентичното македонско граѓанско движење наречено Шарена револуција, бидејќи длабоко верувам дека на мојата држава ѝ се потребни револуционерни промени. Убедена сум дека груевизмот е природен производ од серија системски аномалии, педантно инсталирани во општеството.

Петто, дел од моите истомисленици и другари од Шарената револуција сè уште чмаат во домашен притвор, а против поголем дел се подготвуваат кривични пријави. Тие жртви не се за да дојде Заев на местото на Груевски, односно СДСМ да го замени ДПМНЕ на избори, туку за да се инсталираат серија суштински реформи во мојата држава, чиј систем произведува диктатори, апсолутисти и ѕвездобојазни пастири.

И затоа до последниот здив ќе се борам за ПРОМЕНА НА СИСТЕМОТ!!! СЕГА И ТУКА!

Смрт на двопартизмот, авторитаризмот, етноцентризмот, клиентелизмот, клептократијата и партократијата!!! Слобода на граѓаните!!!

Во тоа име, да си ја речеме:

„Ништо не те плаши ЖМРО, освен СЈО!

Џабе ви Гдомојте, на Чавков дронојте, море ЖМРО,

Че си лежите!!!“

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Фотографии: Ванчо Џамбаски