Им недостига ли нешто на Ескимите?

08.06.2016 15:18
Им недостига ли нешто на Ескимите?

Им недостига ли нешто на Ескимите? Не се доволно горди, почитувани, егзотични, специфични, знајни секаде во светот? А сепак, не започнале со никого никаква војна, не градат споменичишта - та дури и домовите им се од замрзната вода (иглоа). Не се христијани, ни муслимани, ни Евреи, ни хиндуси, туку ги почитуваат паганските закони на природата. И не градат никому потребни златосјајни храмови, направени од пари на измама земени од најсиромашните и направени за да на истите тие бедни и сиромаси им влеваат стравопочит кон едниот крал тука долу - бидејки тој му е „фотокопија“ на кралот небесен. (Па ако е бог секаде, што не се молат секаде, туку грабаат и токмат злато, сребро и драго камење по круните, ковчезите, ризниците нивни свети и ги кријат во зградиштата недопирливи?) Им фали ли нешто на Ескимите што немаат храм, ги ускратила ли таа некоја си „сила“ со нешто или напротив - им дала и повеќе од тоа што го имаме ние?

Им недостига ли нешто на Ескимите и ако не крадат туѓа историја, не се перчат што четири пати ги спомнуваат во најцензурираната, најменуваната и најредактираната книга на светот (Библијата)? Им фали ли нешто на Ескимите... а ниту измислуваат дека нешто почнало со нив, ниту пак умислуваат дека нешто ќе заврши со нив...

Не се занесуват дека сите светски заговори, сите светски „мрачни сили“ и сите тајни друштва се здружиле токму против нив. Ха, та верувам дека тие дури не слушнале за нив, не се воопшто сфера на нивен интерес. А им фали ли нешто? да не се нешто подолу?

Им недостига ли нешто, помалку вредни ли се, помала ли е нивната гордост или нивното херојство - а ете не се „антички“... ниту од газно црево се напињаат да се убедат прво самите себе, а потоа сите околу нив, дека, ете, тие се тие „оргиналните антички предци“ ( иако спомениците им се штотуку изграден кич) .

П.С.

Не знам дали знаете, порано почесто, но и сега се случува цели огромни ледени брегови да се откинуваат од копното, од мајката земја, и тоа ледени брегови сосе цело ескимско село на него... и така се случува тоа ескимско село да плови по ледениот океан сè дури не дојде денот на најголемата среќа - повторно да се припојат кон копното (повторно да станат дел од „земјаните“ - а не безнадежност која од ден на ден ги претвора во изгладнети призраци...)

Македонци, што им недостига на Ескимите?!

Македонци, што е побитно, да се припоиме кон останатиот свет, да станеме тоа што отсекогаш сме биле - Европејци, да бидеме граѓани на светот или да дозволиме Лудиот Цар Грујо да нè откине како да сме леден брег од сè што е цивилизирано, нормално, човечко и да запловиме по ледениот океан на неговите месијански небулози и ораторски небулози, со него како „капетан на сантата“ која каде годе ја туркаат морските струи и ја дуваат океанските ветришта... Изберете сами...

...Но што и да изберете, јас однапред знам што тој прво ќе избере: Сите ние, сите Македонци ако треба да умрат, да изумрат, да нè снема во „ледените длабочини“ или во „гладните студени ноќи“ - како и да е, но тој да биде тој што ќе умре последен! (Да игра пијан како Филип Втори Варваринот врз незакопаните Атињани и да пее врз нас расцревени, раскостени, мртви - да танцува врз мртвите Македонци, врз мртвата Македонија и да потпевнува: „Кој е сега готов!? Кој е сега победникот! Кој е сега Варваринот?! Кој кого надживеа!!! Кој е сега готов!!! )

И уште еднаш, за крај, за добра ноќ, да ве прашам - луѓе, навистина, што им недостига на Ескимите?!

Фотографија: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото