Млаки соби и детски соби

09.06.2016 14:09
Лебед под мостот

Лебед под мостот

Понекогаш
светот е убав како пир,
виси над нас како лажен кристален лустер
и чашите полни нектар пукаат од порцеланските заби,
столовите се уредно пополнети околу
семејната маса за седум милијарди
можни оброци на среќата.
Кога ќе исчезне светлото,
понекогаш чувствуваш крв на јазикот
и дека столовите
ни се зариени во изметот на свињите од тундрите
наголтани со бисери,
во дијамантските черепи на Демијан Хирст
а нешто бело, како празна,
отровна дамска ракавица, се замотува околу вратот
и гуши
дави како ембг, даночен број, либ1.
Духот на питонот, не е тоа толку ретко,
да речеме
пред многу водени години
таа кружна сенка се замотала околу
вратот на Исидора Данкан во Ница и
вратот на Есенин во Петроград.
Еднаш во сон ја видов
таа пружина на смртта, сенка што ги демне вратовите на лебедите
како
мртовечки ѓердан, таа
најдолга јамка на светот,
Python reticulatus,
во река под еден мост во Гдањск.
Проголта некоја жена.
По две недели, во самотна вечер,
го видов во терариумот на подот во ресторанот
како зјапа во своето големо јајце
и во црни балетанки му застанав точно над глава.
Утредента се вратив на мостот
на кој некој напишал freedom, нацртал птица,
под неа се лизгаше најубавиот лебед.
Помислив дека само животот
можел толку свечено да седне на раскрилената
перница на Исидора.

 

соби од предградието

некои
меки соби од нашите предградија
никогаш не биле надвор од својата куќа
никогаш во густа шума
никогаш не паднале во море
и не се намокриле
па поради тоа да им се распаднат папучите, еспадрилите
и да ги пуштат на слобода
затоа меките соби се плашат
од секогаш истите кршења на чинии,
протекување на плинот, воспаление на панкреасот и кожата,
носат очила за сонце среде ноќ
додека читаат викенд љубовни романи
секогаш го полеваат цвеќето дома
а тоа станува пластично
и немирно
како многуте бакнежни
на злоставените деца

млаки соби

во млаките соби
се крие бавна опасност
се јаде млака супа и
се пие млако вино, се послужува тело
на сребрени послужавници
кожата е толку млака што од неа отпаѓаат
минијатурните семејни слики
млака е и мека коцката на денот
и мека кугличка на ноќта
млака е библијата на полицата и
млак е телевизорот
цели денови по креветот
се тркалаат екстремитетите и мртвите перници
се трошат како ожалостени трудници
заглавени во потечениот стомак со чедо
заробено во матката веќе со години
лудото чедо не излегува на игралиште
останува заседнато на незанишаната лулашка
среде гладната мајка, млаката супа
во нерастворената карлица
сето е мокро и замешано,
само очите му се суви од сеопштата
купола на кожата, млакото небо
чиј стисок не го ублажува
ниту пеењето на птиците однадвор
ниту вечно зелениот
семафор

 

детски соби

некои стари соби од детството
со тек на време стануваат сè позависни
од прашината и вниманието,
валкано инфантилни, инаетливи.
девојчиња-старици.
на пример, ако ова е навистина мојата соба
зошто не сјае како пронто
сама од себе како порано
зошто пушта толку килограми прашина
дневно на сите тие вредни нешта?
како потајно го вшмркува
сивиот вампирски првут
или го вбризгува директно во вазните, теписите, во мене
за да заборави на нешто мачно.
не. сепак тоа девојче-старица
го таложи финиот сомелен остаток од нештата
на своето пензионерско „5 o'clock“ какао
кое подоцна ќе го пие
со другите напуштени соби од квартот
кога ќе ја оставам поради некоја
позрела
друга

________________________________________________

[1] ЛИБ – кратенка од личен идентификациски број (заб. прев.)

 

Препев од хрватски: Иван Шопов
Инсталација на сликите: Масимо Уберти

Дорта Јагиќ, хрватска поетеса и писателка. Родена е 1974 во Сињ. Пишува поезија, кратка проза, драмски текстови и театарска критика. Објавила седум поетски книги, книги со театарска критика, патописи и кратки раскази. Добитничка е на престижни хрватски, регионални и европски награди за поезија. Нејзините песни се преведени на англиски, германски, унгарски, македонски, словенечки, полски и романски.

ОкоБоли главаВицФото