Дар Мар (1940 – 2016)

10.06.2016 14:39
Дар Мар (1940 – 2016)

Издвоивме неколку мислења за најголемиот македонски карикатурист...

Мирослав Грчев

Дарко Марковиќ беше човек кој секогаш стоеше на страната на правдата и на малиот човек, а неговото инспирирање на помладите беше од огромно значење за оние коишто го беа одбрале креативниот и ангажиран уметнички израз како своја вокација.

Го знам како главен уредник на „Остен“ уште од 1966 година, кога како дете бев привлечен од магнетизмот и возбудливата аура која што ја ширеа Дарко и тој весник за хумор и сатира. Тој привлече голем број млади луѓе како мене да го изберат креативниот мисловен и творечки пристап кон стварноста за своја вокација и човечка определба. Дарко за мене претставуваше водилка, авторитет, но и пријател кој во Македонија обучи и издигна неколку генерации автори, како и неколку институции во културата и за сето време Македонија ја правеше компетитивна во европски и светски рамки.
Успеа да остави моќен и неповторлив печат со неговиот личен ангажман во нашата културна историја, а притоа секогаш претставуваше морален ориентир.
Дарко секогаш беше на страната на слабиот, на малиот, на страната на обичниот човек, правдата, хуманоста, солидарноста... Тој преку своите јунаци, а посебно Пецко, еманираше еден морален стандард, еден доблесен пристап кон сите проблеми и кон животот. Беше вистински морално-етички ориентир - заклучува Грчев.

Гордана Попсимонова

Почитуван соседу и сомислителу, скопскава смеа и скопските солзи - нема да бидат исти без тебе...

Ѓунер Исмаил

Марковиќ многу ќе ни недостига, а допрва ќе стануваме свесни за неговото отсуство.
Пред четириесетина години, една насловна страна на „Остен“ излезе со карикатура на која пишуваше: „Тумороу вил би БЕТЕР“, се разбира на кирилица. Карикатурата беше на Дарко Марковиќ, кој со својата творечка способност секојдневно означуваше и предупредуваше со енергија на која и Нијагарините Водопади би ѝ завиделе. Ни помагаше да имаме бар малку подотворен прозорец, за да влезе отрезнувачкиот ветерец и да нѐ држи колку-толку будни. Набрзо ќе дознаеме колку многу ќе ни недостига.

Никола Гелевски

Добрата карикатура е постварна од најтврдата стварност! Во таа смисла, Дарко Марковиќ е пожив од многу наизглед живи нешта. И ќе остане таков, дури и во земјава без сеќавања, оти сликите (како можеби и зборовите, ама повеќе) имаат нешто магиско во себе. На пример, будистите на Цејлон верувале дека портретите ќе оживеат ако им се насликаат очи, а раните Грци сликале очи на своите бродови, верувајќи дека на тој начин полесно ќе го најдат патот до одредиштето. ДарМар има нацртано многу такви очи за многу такви мали бродови! И има оживеано многу безлични лица! Затоа и верувам дека неговиот дух со лесно и со убаво ќе го најде својот пат до одредиштето. А и дека ние, на нашите патишта, полесно ќе се снаоѓаме со неговите слики.

Владимир Милчин

Заминувањето на уважениот Дарко Марковиќ, односно популарниот ДарМар, остава зад себе празнина која долго нема да биде исполнета.
За утеха ни останува неговиот обемен и богат опус кој постојано ќе нѐ потсетува колку се хуморот и сатирата насушно потребни за духовното здравје на граѓаните кои не се откажуваат од слободата и правдата. Бриткоста и луцидноста со која ДарМар го коментираше лизгањето на Македонија кон бездната што ја создава секој режим, вклучително оној со кој се бориме овие десет години, кој сака да владее и со душите и со телата, со имотите и со парите на оние кои ги третира како покорно и понизно стадо овци, честопати ни го одземаше здивот среде смеата која избиваше во мигот кога погледот ќе ни стигнеше до крајот на лентата во која граѓанинот Пецко беше денешниот Итар Пејо, Насрадин-оџа, Тил Ојленшпигел, шегаџија и мудрец во исто тело.

Бранко Тричковски

Дарко Марковиќ умре пред Злото. Не успеа да го убие со своето перо. Но, ене го, злото се тетерави, со неговиот стрип во раскрварениот врат. Еден ден, сега скоро, ќе му ги отсечам ушите и ќе му ги испратам на небото. Се надевам дека од DHL нема да ми бараат многу пари! Збогум, мајсторе, фала ти за Пецко и за се’ со што ни ги одбележа земските животи што ние неблагодарниците ги отворивме за уништувачката доминација на примитивците!

 За Дарко Марковиќ

Дарко Марковиќ (Скопје 1940 – Скопје 9 јуни 2016) дипломирал архитектура во 1966 година, а во 1972 специјализирал анимиран филм во Загреб, под менторство на оскаровецот Душан Вукотиќ. Професионалната кариера како карикатурист ја започнал во 1960 година, работејќи за повеќе весници и списанија во Македонија и во поранешна Југославија. Од 1966 до 1975 работел како главен уредник во сатиричното списание „Остен“ и како директор на Светската галерија на карикатури во Скопје. Во 1975 година се вработува во „Вардар Филм“ – Скопје, отворајќи студио за анимиран филм, а во 1983 е назначен за професор на Факултетот за уметност во Скопје, по предметот Анимиран филм. Во истиот период работи како главен уредник на културно-уметничката програма во Телевизија Скопје. Од 1988 до 1995 живееше и работеше во Лондон, а во 1995 се враќа во Македонија. Беше прв директор на ТВ Телма.

За своите карикатури и анимирани филмови има добиено над триесет престижни светски награди и признанија.
Во 1979 година се раѓа неговиот најпопуларен цртан лик, стрип јунакот Пецко. Најпрво се појави во „Нова Македонија“, па се пресели во „Дневник“, помина во „Време“ и веќе две години се објавува редовно во весникот „Слободен печат“. Во периодот од 2001 до 2006 Пецко се појави и на А1 телевизија, каде што беа објавени 152 епизоди со популарниот јунак, алтер его на Дарко.

Дар Мар на Окно

Соња Абаџиева за Дар Мар

Интервју со Дар Мар

Пецко - 60 стрипови

Слични содржини

Општество / Фотографија / Култура / Уметност
Општество / Живот / Култура
Општество / Живот
Книжевност / Уметност
Општество / Фотографија / Скопје 1963-2013 / Историја
Книжевност / Стрип / Уметност

ОкоБоли главаВицФото