После германската резолуција за геноцидот над Ерменците

10.06.2016 14:54
После германската резолуција за геноцидот над Ерменците

Што претставува за вас одлуката на германскиот Бундестаг да ја усвои резолуцијата за геноцидот над Ерменците?

Чувствата ми се измешани. Основачот и поранешниот главен уредник на Агос, Хрант Динк, кој беше убиен во јануари 2007 година, заговараше став дека во турската јавност прво би требало да разговараме за тоа што навистина се случило 1915/16 година, пред да почнеме дискусија дали станува збор за геноцид, за што треба да се донесе одлука дури на крајот, а не на почетокот од отворањето на овој проблем.

А, денес?

Во меѓувреме помина деценијата со интензивни дискусии, додека критички ориентираните турски интелектуалци дојдоа до заклучокот дека над Ерменците е извршен геноцид. Уверен сум дека е добро што и Германија го потврди овој став. Без надворешен притисок турската влада нема да реагира.

Дали некои луѓе од ерменската заедница велат „ве молиме, немојте, тоа само ни нанесува штета“?

Се разбира дека сè уште има многу аполитични Ерменци кои стравуваат дека повторно ќе се најдат во центарот на вниманието. Но, досега не дојде до пораст на репресијата над Ерменците.

Дали резолуцијата на Бундестагот е корисна за сите политички ангажирани Ерменци и другите турски граѓани кои се залагаат за соочување со минатото?

Тешко е да се каже, затоа што со нашиот претседател Ердоган никогаш не се знае. Засега, имаме гневни официјални протести, но атмосферата во цела Турција е мошне нестабилна. Независно од тоа, сметам дека секогаш е добро јавно да се зборува вистината.

Дали постои разлика помеѓу веќе донесените резолуции за геноцидот над Ерменците во Франција, Русија и Велика Британија, кои се историски противници на Турција, и резолуцијата донесена во Германија, која беше турски сојузник?

Кога поранешен сојузник зборува за геноцидот и притоа го признава својот дел од вината, тоа има далеку поголема тежина отколку кога тоа ќе го направат претходно завојуваните страни. Не само симболична, туку и практична, зашто во германските досиеја се наоѓаат доказите за геноцидот. Германија требаше да го направи тоа и претходно.

Дали Германија може да помогне уште на некаков начин?

Колку повеќе ќе дознаеме од германските архиви, толку на турската влада ќе ѝ биде потешко да го негира геноцидот.

Турција редовно ѝ нуди на Ерменија основање заедничка комисија која би ги истражила тие настани. Дали би било добро германската влада да ја додаде својата архива на сето тоа?

Ерменија ја отфрла таквата комисија со аргументот дека геноцидот е неспорен. Не верувам дека ни Израел не би разговарал со Германија за тоа дали постоел Холокаустот. Но, кога сепак би дошло до некакви разговори помеѓу Турција и Ерменија, секое учество на Германија би било добредојдено.

Дали верувате дека германската влада може да придонесе за прекинување на блокадата во односите помеѓу Турција и Ерменија?

Германија може да има поактивна улога. Ако Ангела Меркел заради бегалската криза може да ја посети турција петпати во последните неколку месеци, би можела да се потруди и околу основањето на меѓународната посредничка комисија помеѓу Турција и Ерменија. Па, да видиме каде ќе нè одведе сето тоа.

Извор: http://www.taz.de/

ОкоБоли главаВицФото