Тие го растеа пишман-фикусот

10.06.2016 15:02
Тие го растеа пишман-фикусот

Не знам поради што толку често црвенилото го облева лицето на фикусот кој невешто глуми претседател на Република Македонија, но знам дека илјадници граѓани се срамат од него и од неговите гафови. На тој срам не му требаше многу време за да еволуира во револт, а по неговата бедна одлука со аболиција да ги заштити криминалците од власта, избувна во ерупција од гнев што се истури врз постојано празната канцеларија во центарот на Скопје.

Оправдан гнев, поради фактот дека фикусот даваше знаци на живот само кога требаше да им се оддолжи на оние што го засадија во претседателската саксија, го полеваа, ѓубреа и поткаструваа, за да не заборави колкава му е моќта. Кутриот, не смогна сили ни лично да му ја образложи на народот својата (?) одлука за комплетно повлекување на аболицијата. Од вчера, фикусот е во хибернација.

Но, каде се сега оние (интелектуалците, уметниците и спортистите) кои ја поддржаа неговата прва, а пет години подоцна и неговата втора кандидатура. Со исклучок на проф. Шкариќ, кој јавно се откажа од својот кандидат, другите си молчат, дури ни гдомовците не покажуваат многу ентузијазам ни да го бранат пишман-фикусот. Каде е оној „широк интелектуален консензус за кандидатурата на Ѓорге Иванов“, за кој пишуваше „Вечер“ на 16 јануари 2009 година, под насловот „ОМИЛЕНИОТ ПРОФЕСОР – МИЛЕНИК И НА АКАДЕМИЦИТЕ“:

„Академиците Блаже Ристоски, Ѓорѓи Ефремов, Цветан Грозданов, режисерите Братислав Димитров, Сашо Миленковски, актерот Игор Џамбазов се само дел од независните интелектуалци, кои вчера ја потпишаа кандидатурата на професорот од Правниот факултет, Ѓорге Иванов, за претстојните претседателски избори. Иванов добива широка поддршка пред сè меѓу интелектуалната елита, но и меѓу членовите на владејачката партија. Академик Ристоски вели дека основен мотив за поддршката била личноста на професорот Иванов.

- Јас во принцип никогаш не поддржувам партиски листи, бидејќи јас сум непартиски човек, интелектуалец и партиските листи ми се туѓи. Меѓутоа овде не се работи за поддршка на партиска листа туку просто за поддршка на човек, на интелектуалец, на колега, кого јас долго го познавам. Човек кого со мирна душа можам да го поддржам - ја објаснува академик Ристовски поддршката на професорот Иванов.

Тој смета дека токму личност како Иванов е вистинскиот избор. Ристовски вели дека пред да ја потпише кандидатурата, не зборувал со Иванов, затоа што немало потреба од тоа.

- Ова не е никаков договор со Ѓорѓи. Она што тој го изјавува, јас немам причини да не го поддржам. И затоа сум уверен дека тој е оној Ѓорѓи што јас го знам. Не е потребно и неопходно сега јас да се консултирам и допрашувам што мисли и што не мисли. Јас знам што мисли. Јас знам дека Македонија нема да се разочара, ако тој застане на чело на државата - вели академик Ристоски.

Досегашните избрани претседатели не покажаа многу среќни околности за Македонија, пред сè затоа што доаѓаа како кадровско решение на политичките партии, смета и актерот Игор Џамбазов, кој исто така застана зад Иванов.

- Со задоволство ја потпишав кандидатурата на Ѓорге Иванов, затоа што сметам дека е вистинскиот човек во овие турбулентни времиња. Човек што не бил обременет со политика. Човек што го достигна врвот на својата професорска и универзитетска кариера. И човек за кој гарантирам дека ќе направи сè за Македонија
- вели актерот Џамбазов.

Потписници за кандидатурата за проф. Ѓорге Иванов: Цветан Грозданов, академик, Блаже Ристевски, академик, Гане Тодоровски, академик, Божин Павловски, академик, Томе Бошевски, академик, Ѓорѓи Ефремов, академик, Љупчо Коцаре, академик, Раде Силјан, писател, проф. д-р Велимир Стојковски, ректор, проф. д-р Саша Митрев, ректор, проф. д-р Златко Жоглев, проф. д-р Веле Смилевски, проф. д-р Димитар Ќорнаков, проф. д-р Гордана Сиљановска, проф. д-р Танас Вражиновски, проф. д-р Марко Китевски, проф. д-р Светомир Шкариќ, проф. д-р Бранислав Саркањац, проф. д-р Витомир Митевски, проф. д-р Љубомир Кекеновски, Паско Кузман, археолог, Игор Џамбазов, актер, Весна Гинова Илкова, првенка во македонската опера, Цветан Стојановски, првенец во македонската опера, Братислав Димитров, режисер, Ванчо Петрушевски, актер,Александар Шехтански, актер, Сашо Миленковски, режисер, Синиша Ефтимов, режисер, Индира Кастратовиќ, ракометарка, Валентина Радуловиќ, ракометарка, Мики Јовановски-Џафер, естраден уметник, Славица Галиќ, првенка во македонската опера, Михајло Куфојанаќис, виолинист, Горан Сотиров, солист, Горан Начевси, солист, Ѓорѓи Чучковски, солист, Бобан Ковачевски, солист во македонската опера и балет, Мирјана Поп Алексова, солист во македонската опера и балет“.

Настрана што оваа листа ни оддалеку не претставува широк интелектуален консензус, таа сепак го отвора прашањето за бедата на интелектуалците кои секогаш ја одбираат удобноста и исплатливоста на блискоста со власта. Не дека е тоа само наш специјалитет, но поразно е да се види колку е и денес кај нас актуелна книгата на Жилиен Бенда „Бедата на интелектуалците”, напишана 1926 година. Но, ако во 2009 година не беше лесно во професорот да се препознае фикусот, во 2014 година да се потпише иницијатива за уште една кандидатура на олицетворението на безличноста и безрбетништвото е гест на кариеризам, клиентелизам и послушништво пред налогот од градинарот Груевски.

Затоа, како што на 22.2.2014 информира А1он: И ВЛАДИЦИ И ОЏИ И ЛЕКАРИ И УМЕТНИЦИ БАРААТ ИВАНОВ ДА БИДЕ КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ ОД ВМРО-ДПМНЕ: „Владиците Агатангел и Пимен, оџата Зекир Садикоски, уметниците Љубиша Георгиевски, Јордан Плевнеш, Братислав Димитров, Дејан Пројковски, Вилма Трајковска, академиците Цветан Грозданов и Томе Бошевски, докторите Аспасија Софијанова, Александар Караѓозов, Борче Георгиевски, Марија Хаџи Лега, Андон Чибишев, Звонко Маринковиќ, ректорот Велимир Стојковски, ракометарите Индира Кастратовиќ и Наумче Мојсовски“.
На 25.2.2014 „Телеграф.мк“ јавува: ЃОРГЕ ИВАНОВ ЌЕ СЕ КАНДИДИРА ЗА ВТОРИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ МАНДАТ“: „Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ќе се кандидира за новиот претседателски мандат. Иванов решил да ја прифати иницијативата што ја покренаа група интелектуалци, а која доби поширока политичка и граѓанска поддршка. Иницијативата била потпишана од над 50-ина интелектуалци, доктори, академици, свештени лица од повеќе религиозни заедници и од спортисти“.

Истиот ден, порталот „Дејли Мацедониа“ јавува: И ДЕКАНИ И ПРОФЕСОРИ ЈА ПОДДРЖУВААТ КАНДИДАТУРАТА: „Деканот на Техничкиот факултет во Штип Зоран Панов, директорката на Економскиот институт на УКИМ Билјана Ангелова, професорите Југослав Зибровски, Александар Дејановски, Оливер Андонов, Орце Симов, Билјана Апостолова“.

Функционерите на ВМРО-ДПМНЕ кои ги поддржале двете кандидатури ги прескокнав, зашто тоа им била партиска задача. Но, и без нив, долга е листата на македонската елита која, растејќи го фикусот, ги штитеше, односно ги растеше сопствените кариери во скутот на власта груевистичка. Она што требаше да биде елита го предаде не само народот, туку и сопствената шанса да стане елита. Со тоа се укина и самата себеси.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Странски служби