Немам доверба во ниту една активност која ја презема јавното обвинителство!

10.06.2016 17:21
Немам доверба во ниту една активност која ја презема јавното обвинителсто!

Немам доверба во Јавното обвинителство.

Во изминатите години тоа се профилираше како алатка на ДПМНЕ во затскривање на криминалот, во гонење на политичките противници и во доследно уништување и на најмалите остатоци на правото во неговото работење. И јас, едноставно, немам никаква верба во оваа институција.

Немам доверба во јавното обвинителство кое не се возбудува од ревизорските извештаи кои зборуваат за огромни проневери кои ги прави власта, од говорот на омраза кој го шират пулени на власта, кое не се возбудува кога тепаат студенти, кога полицијата влегува во читални, кое мижи при кршење на општина чиј градоначалник е претставник на опозицијата, кое не гледа отворена тортура...

Немам доверба во јавното обвинителство кое падна на толку ниски гранки што мораше да биде формирано специјално јавно обвинителство за да се обезбеди минимум правност во работењето.

Во текот на мојата работа како претседател на Хелсиншкиот комитет, и потоа како експерт за човекови права, се соочив со такво енормно кршење на правото од страна на јавното обвинителство и таков нескриен облик на партиско полтронство, што ме прави исклучително скептична при секоја акција на јавното обвинителство и секоја изјава која ќе ја даде.

Изјавата на јавната обвинителка Лидија Раичевиќ во врска со акцијата спроведена на Универзитетот Кирил и Методиј, не само што не го менува овој мој став, туку уште повеќе го зацврстува.

Само како пример ќе посочам неколку елементи од оваа изјава:

„Сакам да истакнам дека полициската интервенција во универзитетскиот кампус во никој случај не претставува нарушување на автономијата на Универзитетот. Автономија на Универзитет не подразбира дека може да се вршат кривични дела“, рече обвинителката и се повика на членот 14 од Законот за високо образование.

Кажа, а не објасни:

– Зошто не е побарана дозвола за влез на просторот на Универзитетот од ректорот? Ако станува збор за акција која е резултат на догогодишно прибирање податоции (што подразбира сигурно и активности на територијата на Универзитетот), тогаш отсуството на комуникација со Ректорот (или со друг надлежен доколку и самиот ректор е дел од истрагата, односно осомничен за помагање или прикривање на криминално дејствие), значи прекршување на членот 14 од Законот за високото образование (со што јавното обвинителство ја загрозува валидноста на собраните докази).

Зошто при акцијата која значи влегување на територијата на Универзитетот, е употребена единица за специјални интервенции (во полно наоружување)? Дали се очекувал вооружен отпор од страна на професорите, или пак, се очекувало дека тие ќе земат заложници, или пак, можеби ќе се вдадат во спектакуларно бегтсво низ скопските улици? Отсуството на објаснување индицира дека е прекршен Законот за полиција (со што повторно јавната обвинителка ја загрозува валидноста на собраните докази), а за мене тоа е акт на заплашување на професорите и студентите кои го креваат гласот против корумпираната власт.

– Како е направен претресот (врз основа на каков вид наредба и дали во наредбата се конкретно дадени просториите и местата за вршење претрес), дали на претресот присуствувал деканот на факултетот (затоа што доколку не е доследно спроведена процедурата, со тоа може да биде нарушена валидноста на собраните докази).

 

Според официјалното соопштение дадено на интернет страната на јавното обвинителство:

„Во текот на вчерашниот ден при преземените дејствија за прибирање на докази по издадената Наредба за претрес, еден од професорите е затечен инфлагранти во извршување на кривично дело – Примање на поткуп од 1000 евра …“. На прес конференцијата Лидија Раичевиќ изјавила дека „… акцијата финиширала половина час по издадената наредба, на паркингот кај Економскиот факултет кога кај еден од осомничените биле пронајдени и времено запленети 1.000 евра“.

In flagrantе значи дека осомничениот е фатен во актот на примање поткуп, што е спротивно на тврдењето дека парите се најдени во автомобил паркиран на јавен паркинг.

Ова е посебно симптоматично во светло на извршениот претрес во повеќе простории на факултетот (ако е in flagrantе тогаш точно се знае местото на сторување на делото), а уште помалку ја објаснува потребата од собирање досиеја на студенти од административната служба.

Јавната обвинителка со леснотија премина преку фактот дека е нарушена пресумпцијата на невиност, дека барем еден од осомничените е изложен на понижувачко постапување и дека МВР спротивно на законот си дозволи давање податоци кои се дел од истрага. Јавната обвинителка не објасни дали се спроведува истрага за евентуална вмешаност во коруптивните дејствија на ректорот на Универзитетот, пред чиј нос, ете, се одвивало вакво нешто со години.

Не, немам доверба во ниту една активност која ја презема јавното обвинителство.

Навистина би сакала да слушнам логично и аргументирано објаснување зошто е преземена ваква сложена акција токму во врска со Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а не против некој друг факултет? Зошто не се заинтересирало Јавното обвинителство за Универзитетот во Тетово или за кој било од приватните универзитети? Па и таму се наоѓа таа (според јавната обвинителка) специфична категорија на студенти (кои се „посебни групи на жртви“).

И секако ме интересира како тоа се случило оваа акција да вроди со плод токму во моментот кога се зборува за корумпираноста на власта, за огромните криминали на властодршците и неодговорноста на голем број високи функционери.

Извинете, ама ептен не им верувам, а посебно не верувам кога ќе почнат да крескаат пропагандните страчки на ДПМНЕ (Република, Алфа, Сител, Вечер, Канал 5 и оние порталчињата со еден човек, а огромна заработувачка).

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Слики: Свирачиња