Dummy ректор

12.06.2016 01:49
Dummy ректор

Кампањата за избор на нов ректор на УКИМ е во полн ек. Кандидатите се претставуваат во дебатните емисии, се организира нивно соочување на дебата организирана од страна на Професорскиот пленум и сл. Тоа фрла нова димензија на изборот на ректор. Ректорот на УКИМ е (или беше) мошне влијателна личност во општеството, па не е чудо што неговиот избор привлекува големо внимание. Тој, како прв научник, има голема улога и во организирањето на внатреуниверзитетскиот живот. Сега е моментот не само да гледаме напред, туку и да се осврнеме на неговиот учинок во изминатиот период. Ова дотолку повеќе што тековниот ректор, проф. д-р Велимир Стојковски, е човек што најдолго ректорувал. Имено, сè до неговото назначување, ректорот се бирал на две години со можност да се реизбере само за период од наредни 2 години. Со доаѓањето на ректорот Стојковски, ова се промени: изборниот период на ректорот изнесува четири години, со можност да се резибере уште за наредни четири години.

Кога стана ректор, професор Велимир Стојковски затекна, народски кажано, полна трпеза: УКИМ се споредуваше со Белградскиот универзитет. Негова цел беше да се вброи во првите петстотини најдобри универзитети во светот. Имаше утврдена постапка за избор на млад научен кадар при што секогаш се предлагаше најдобриот од пријавените кандидати. Постапката за напредување на постојниот кадар, исто така успешно функционираше со децении. Научната работа и работата врз проекти се одвиваше непречено и поголеми турбуленции во УКИМ немаше.

Со доаѓањето на проф д-р Велимир Стојковски за ректор, сето тоа почна да се менува. Најнапред почна да се менува Законот за високо образование. Почнаа да се донесуваат разни законски и подзаконски акти со кои се смалуваше автономијата на универзитетите. За тоа не е одговорен само ректорот Стојковски, туку и Влада на Република Македонија која ги иницираше промените. Овие промени се воведуваа со цел - како што званично се објаснуваше - да се подобри квалитетот во високото образование. Всушност, сите промени што се воведуваа и се воведуваат - вклучувајќи го и најновиот закон за ВО - имаат цел УКИМ да се партизира, да се обезвредни и да се намали неговото влијание во општеството во целина. Во таа смисла се формираа (и се формираат) нови државни универзитети. Исто така се формираа и приватни универзитети, се дава согласност за нивна работа врз основа на, би рекол, нејасни критериуми. Има, на пример, приватни универзитети коишто немаат Билтен на Универзитетот, па не се знае по кои критериуми се избирани наставниците на тие универзитети. Сето тоа Ректорот на УКИМ мирно го гледаше, не реагираше и на тој начин активно учествуваше во неговото пропаѓање.

Критериумите за избор на научен кадар станаа нејасни и уште понејасно се применуваа. Така, во „Билтенот“ на УКИМ од април 2014, број 1074, стр. 42, даден е одговор на приговор на еден од кандидатите кој бил незадоволен од рецензијата. Во одговорот, рецензентите дословно велат: „Кандидатот навистина има евидентни научни резултати во науката, но деканот ни даде право да ги менуваме бодовите претходно дадени и ние го искористивме тоа право“. Значи, бодовите не се дадени според Правилник, туку по нарачка, односно по ќефот на деканот. Така рецензентите ги смалиле бодовите претходно дадени, на еден од кандидатите, а ги зголемиле на друг, со што канидидатот што имал евидентни резултати бил одбиен, а примен е кандидат што немал евидентни резултати. Или да го земеме овој случај. На еден факултет наставник е предложен за вонредно напредување, но од рецензијата не може да се види вонредниот придонес на кандидатот за науката. Од списокот на објавени трудови на овој наставник се гледа дека нема ниту еден труд со импакт фактор според Web of Science (Билтен на УКИМ, број 1081, 15.VII. 2014, стр. 142). Во сите овие случаи, а и во други, Ректорот можел и требало да реагира.

Сето тоа имаше за последица што, долгорочно гледано, квалитетот на образованието на УКИМ почна да се влошува, а неговиот ранг на светски план да паѓа, но и да се донесуваат тешко разбирливи одлуки. Така, во 2013, како еден од десетте најдобри научници во таа година, беше предложен и избран, заправо избрана, една колешка што нема објавено ниту еден научен труд (засновано на SCOPUS). По тој повод таа изјави: „Преку оваа награда и преку сите политики кои ги спроведува Ректорската управа, УКИМ ќе оди многу далеку во рангирањето на светската листа на реномирани универзитети“. Како е можно лице што нема објавено ниту еден научен труд да биде прогласено за научник на годината?

Работите не стојат така како што би сакала оваа професорка. Ќе изнесам податоци, засновани врз WEBOMETRICS, за положбата на секој универзитет на ранг листата, на светски план, при што се рангирани преку 20.000 универзитети од целиот свет. Во Македонија се цени Шангајската листа, но таа дава ранг листа само на првите 500 универзитети во светот. Македонија нема таков универзитет, но тоа е посакувана цел. Затоа се одлучив за ранговите што ги дава Вебометрикс. Ако се следат ранговите на универзитетите на светски план, според Вебометрикс, ќе се види дека од година во година, УКИМ, всушност, назадува. Во последните седум-осум години назадувал за околу 100 места. Дека УКИМ назадува во медиумите е истакнато повеќе пати. На тоа укажаав уште во 2013 година (Релативниот ранг на УКИМ, Дневник, 15.05.2013 година). Еве што тогаш напишав:

Според Вебометрикс, УКИМ тековно има ранг 1.500. Дали е тоа висок ранг? Дали е тоа низок ранг? Најдобро ќе биде ако универзитетите ги споредиме сами со себе. Затоа ќе го прикажам нивниот релативен ранг од пред три години и тековниот ранг денес.

Резултатите што сега ги соопштувам се засноваат на мојата датотека што сум ја сочувал во 2011 година (значи, податоците се однесуваат на претходната година) и на податоците што делумно сум ги објавил во август 2011 година.

Универзитетот во Љубљана пред три години имал ранг 207, а тековно -187. Универзитетот во Белград, пред три години имал ранг 995, а сега 633. Слична е ситуацијата и со Загрепскиот универзитет. Значи, универзитетите во Љубљана, Белград и Загреб напредувале, односно во последниве години им се подобрил рангот. УКИМ назадувал, односно од ранг 1468 што го имал пред три години, паднал за 32 места и сега има ранг 1500. Додека Белградскиот и Загрепскиот Државен Универзитет се приближуваат кон најдобрите 500 универзитети, УКИМ се оддалечува. Зошто УКИМ назадува?

Затоа, задача на Ректорот на УКИМ, според мое мислење, е да го запре назадувањето на УКИМ.
(Дневник, 15.05.2013 г. (http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=580772D7C9A64D48982A6A44F3928BB1)

Според тоа, немаат основа овие оптимистички изјави. За да се влезе во Шангајскиот список на 500 најдобри универзитети, потребно е нешто друго освен добри желби. Потребни се, пред сè, висококвалитетни трудови.

Кога стана ректор, проф. д-р Велимир Стојковски имаше објавено само еден труд во Прилози на МАНУ, Одделение за биолошки и медицински науки, индексиран во Скопус, но не и во Web of Science, како трет автор.

Ректорот треба да биде афирмиран научник кога ќе биде назначен за ректор. Од моментот кога ќе стане ректор, тој ќе нема време да се занимава со научно-истражувачка работа, туку ќе треба да го организира универзитетскиот живот на еден гломазен универзитет каков што е УКИМ, а ќе треба да покаже и значајна општествена активност. Веројатно затоа од 2003 до 2013 година неговата научна работа мирувала. Од 2013 година до сега има објавено уште 7 висококвалитетни трудови, помеѓу кои има и трудови со импакт фактор, според Web of science, од кои само во еден се појавува како прв автор.

За време на неговото ректорување, со силни притисоци, се изврши силна партизација на УКИМ, да се примаат партиски кадри по секоја цена. Последица на тоа е назадување на УКИМ. Но, затоа пак, се форсираат други универзитети вклучувајќи ги и приватните универзитети. Затоа скоро сите приватни универзитети ѝ дадоа силна поддршка на Владата при донесувањето на Законот за ВО. За некои од нив тешко може да се рече дека ги исполнуваат строгите критериуми на новиот Закон за ВО, а сепак се заложија за нив. Впрочем, Владата ги поддржува приватните универзитети само за да може да се обезвредни УКИМ, односно на ректорот да му се рече: „Па, не сте вие единствен универзитет“. Како да се тие на еднакво рамниште со УКИМ.

Според WEBOMETRICS, приватните универзитети во Македонија имаат ранг 15.000 или повеќе. Тоа значи, дека 15.000 универзитети (а за некои дури и 17.000 ) во светот се подобри од нив.

Во истражувачката работа, посебно во општествените науки, има потреба од варијабли кои не можат да се мострат, па место нив се користи замена. Овие варијабли што заменуваат вистински варијабли се викаат дами (dummy) варијабли. Инаку, дословно, зборот dummy значи кукла што ја користат шнајдерите. Значи, улогата на дами варијаблата е да пополни едно место. Ние до сега имавме дами ректор, негова улога беше да пополни едно место, тој седеше таму каде што требаше да седи ректор. Да беше вистински ректор - како што беа многу ректори пред него, чии што имиња се спомнуваат со почит - да се потсетиме само на последниот високопочитуван ректор, проф. д-р Ѓорѓи Мартиновски - немаше да дозволи пред негови очи да се случува разнебитувањето на УКИМ.

Кандидатурата на проф д-р Велимир Стојковски за ректор на УКИМ беше потпомогната од власта. Тој беше поставен за Ректор со определена цел, да го разнебити УКИМ. Оваа задача тој успешно ја заврши.

Тој не се изјасни јасно ниту за Студентскиот пленум, ниту за Професорскиот пленум и не застана зад барањата на студентите и професорите. Но, иако експонент на власта, имаше ситуации кога од него не беше задоволен ни тогашниот претседател на Влада на Република Македонија, м-р Никола Груевски. Груевски го повика ректорот Стојковски на дискусија, замислете, не таму каде што беше неговиот ресор, Влада на Република Македонија, туку во просториите на Собрание на Република Македонија. Таму, пред камерите, ректорот беше „пеен“ од Никола Груевски: „Ми доаѓате неспремни, кои се аргументите“. Впрочем, целата македонска јавност тоа го слушна. И тогаш Груевски фалеше други универзитети, на сметка на УКИМ. Ректорот Стојковски немаше храброст ниту да каже нешто во одбрана на УКИМ, ниту да си даде оставка.

Последниве збиднувања на УКИМ само потврдуваат дека ректорот проф. д-р Велимир Стојковски е експонент на власта. Додека студентите, професорите и демократската јавност го осудуваат бруталниот упад на специјалците во кампусот на УКИМ под полна бојна опрема (борни коли, бројни полицајци наоружени до заби), ректорот го бранеше тој чин. Со овој упад Власта не сакаше само да демонстрира сила, туку јасно покажа дека многу е исплашена од пенкалата на луѓето во камупсот. Всушност, власта е исплашена од луѓето што слободно мислат, а што е поважно од луѓето што слободно, и тоа сè почесто зборуваат. Не оспорувам дека на УКИМ има ретки појави да се бара мито за положен испит, но место со чета тешко вооружени лица, работата можеше да се заврши со 2 полицајци, тивко и без театарска претстава.

Помеѓу предложените кандидати за ректор има афирмирани истражувачи во своето поле, од кои некои имаат десетици, а еден дури и повеќе од 70 висококвалитетни трудови, но има и такви коишто имаат објавено 1 или 2 такви трудви (засновано на Скопус).

Оттука, пред сенаторите постои голема одговорност, зашто од нив зависи дали УКИМ ќе има Ректор или dummy ректор.

Да завршам: кога дојде на чело на УКИМ, проф д-р Велимир Стојковски најде богата трпеза. Сега, кога си оди, зад себе ќе остави само трошки.

Слики: Свирачиња