Јапонско дрво на искреноста

13.06.2016 14:04
Јапонско дрво на искреноста

Јапонско дрво на искреноста

Рано замина во пензија. Се викаше Лујка. Продаваше цвеќе на пазарот. Над нејзината тезга пишуваше: „Купете евтино јапонско дрво на искреноста. Полевајте го и ако пушти листови за пет дена значи дека сте добар човек, а ако пушти листови за десет дена значи дека сте просечен. Ако не пушти листови – поправете се“.

Луѓето застануваа крај тезгата, читаа и се смешкаа. Сите што купуваа цвеќе од Лујка, го земаа и јапонското дрво на искреноста. Никој во градот не зборуваше за искреноста, ниту кој било се жалеше на Лујка.

Еднаш еден полицаец, после дваесетина дена полевање, го извади јапонското дрво на искреноста. „Па ова е само гранка, исечена некаде, без врска, па буцната во саксија и тука се суши. Ѓубре лоповско!“, ѝ рече полицаецот на својата жена и замина на пазар. Ги преврте сите цвеќиња на Лујка.

Лујка плачеше. Веќе не излезе на пазар. Дури ни умреница не видовме на бандера. Само се слушна дека починала. Никого немаше, ниту некој ја жалеше.

Не би зборувал за јапонското дрво на искреноста ако денес не прочитав стих од Владимир Холан: „Ништо не може да го објасни поетот, дури ни неговата смрт“.

 

Вресок

Ловевме покрај езерото.

Побаравме од една девојка диви јагоди, нанижани на тревка. Да купиме.

Во шумата над езерото се огласи нечија шупелка. За момент, од шупелката како да излета вресок – јадот љубовен ги наежави гората и водата.

Девојко, кого си погледнала та вака ти свири?

Ама тој дувнува толку силно, за да си ја прочисти шупелката.

 

Рани

Погоден со зрно од пушка, или со стрела, волкот, бегајќи, или сокриен во пештера, ја пие својата крв и си ги лиже раните. Никој не знае, па ни волкот: оној што со векови, како симбол, го спомнува во строфите, дали ги пие зборовите од раните или со зборовите ги превива раните.

 

Стомак

Кога ја носев ќерка ми, се китев и се дотерував, а него кога го носев, со елек го покривав стомакот, како да го криев. Ми зборуваше мајка ми: ќе те посрами, ќе биде срам, нема да биде за меѓу луѓе. Така и бидна. Па барем да е разбојник, да му се тргаат луѓе од патот и да зборуваат за него; а тој пишува некои бедотии.

 

Мајстори за кратки приказни

Иван Цанкар ми вели дека само каменоресците го испекле занаетот на кратките приказни. Тие можат сето она помеѓу раѓањето и смртта да го сведат на една цртичка.

Превод: Лавинија Шувака
Слики: Rachel Goodyear
Извор: Kapilarne pojave (2006)

Енес Халиловиќ е роден 1977 година во Нови Пазар. Објавува поезија, проза и драми. Уредник е на книжевното списание СЕНТ и на веб списанието за книжевни интервјуа Eckermann. Ги објавил стихозбирките Srednje slovo (1995), Bludni parip (2000), Listovi na vodi (2007), Pesme iz bolesti i zdravlja (2011), Lomača (izabrane pesme, 2012); збирките раскази Potomci odbijenih prosaca (2004) и Kapilarne pojave (2006); драмите In vivo (2004) и Kemet (2010); и романот Ep o vodi (2012).Повеќекратно е наградуван и преведен на 16 јазици.

ОкоБоли главаВицФото