Ново гранапче распиша конкурс за локални алкохоличари

13.06.2016 18:47
Ново гранапче распиша конкурс за локални алкохоличари

Скопје, 13 јуни 2016

Новото гранапче „Бале“ отворено во скопската населба Тафталиџе распиша конкурс за локални алкохоличари. Според зборовите на Благоја Промилчевски, сопственик на дуќанот, бројот на работните места е ограничен, а заинтересираните кандидати можат да дојдат на разговор секој ден од 8 од 22 часот.

„Секоја продавница мора да има свои локални алкохоличари, по кои е препознатлива и кои се нејзин заштитен знак. Ние сме нови во населбава, работиме само неколку дена, па сè уште немаме луѓе на таа важна позиција. Распишавме конкурс за да ги избереме најдобрите можни кандидати. Единствен услов кој го поставивме е кандидатите да бидат полнолетни, поради конзумирањето алкохол кое оваа позиција го подразбира, а возраста, полот и образованието не се пресудни. Предност имаат оние со искуство и невработените, зашто ни се потребни луѓе кои можат да се посветат на целодневно пиење пиво пред продавница, иако нема да ги одбиеме и оние кои се во постојан работен однос, доколку работата не им пречи секојдневно да се алкохолизираат пред нашата продавница“, изјави Благоја за Пара вести.

„На кандидатите им нудиме пред сè флексибилно работно време, работа во мали тимови, динамично работно опкружување во чии рамки можат да ги искажат своите потенцијали, како и можност за едукација преку разговор со останатите колеги или соседи кои одат да пазарат. Конзумирањето алкохол во текот на работното време се подразбира, а од кандидатите очекуваме покрај пиењето пиво, редовно да дискутираат на сите можни теми што ќе им паднат напамет, почнувајќи од најбаналните, па сè до можните решенија за кризата во Сирија“, објаснува сопственикот на продавницата.

Благоја додава дека изборот на најдобрите кандидати ќе биде многу тежок, бидејќи уште првиот ден на конкурсот се пријавиле голем број кандидати.

„Колку кандидатите се квалитетни говори фактот дека дури осум од десетте кандидати со кои утрово разговарав побараа да им позајмам пари за пиво“, истакна Благоја.

Извор: www.njuz.net