Што наоѓаме таму: Забелешки за поезијата и политиката (3)

14.06.2016 12:26
Што наоѓаме таму: Забелешки за поезијата и политиката (3)

Беше тоа една доцна вечер, во април 1991 година. Во поетското кафе Њујорикан во Њујорк се завршуваше претставата на драмскиот писател од Порторико, и почнуваше поетска вечер на геј мажи и жени, прва од таков вид на ова место. Во еден од блоковите на Авенијата Бе, прилично запустен и полн со ѓубре, се наоѓа врата што речиси не се забележува низ која влегувате во тесен простор; барот се наоѓа од десна страна, кујната е бучна но невидлива од левата страна, ѕидовите од тули се издигнуваат нагоре, наредени маси и столови, и многу мала сцена, повеќе платформа отколку сцена. Додека доаѓав од Лоуер Ист Сајд, постојано на ум ми беше извадокот од песната „Мост“ на Харт Крејн во кој Рип Ван Винкл се колне дека го видел Бродвеј.

Двајца бездомници, публиката што ја одгледа претставата, и публиката што доаѓаше на поетската вечер, се среќаваа, спојуваа, некои си заминуваа, некои доаѓаа; едната публика се влеваше во другата.

Кафетеријата што во 1974 година ја основа писателот Мигуел Алгарина е на својата втора локација во Лоуер Ист. Во почетокот тоа беше простор за состаноци и изведби од најразличен вид на њујоршките уметници од порториканско потекло, потоа стана центар за мултикултурна урбана поезија и театар, сè пожив во градот кој стануваше блуткав, кој со песна одговараше на гневните, сатирични, тмурни визии од длабочината на својата таинствена душа. На ова читање што го организираше Сузан Шерман, поетеса и уредничка на културолошко-политичкото и феминистичко списание И-КОН, својата поезија ја претставија Кореецот подигнат меѓу белците, Ми Ок Бруининг, црниот Шпанец Брус Л. Бургос, Американците со африканско потекло Черил Кларк, Дороти Рандал Греј и Доналд Вудс; поетите од белата раса, но и класните и етнички мешани: Американецот со италијанско потекло Рашел Гуидо де Вриес, католикот Чарлс Фредерик, Американецот со португалско потекло Дејвид Тринидад, Американките со еврејски корени Маргарет Рендал и Сузан Шерман. Додека ги слушавте песните можевте да почувствувате дека некои се формално посовршени, други сè уште не беа доведени до совршенство, некои поети имаа повеќе искуства во читањето на песните, некои по тоа прашање беа неискусни. Но мешавината на вечерта што ја создадоа тие различни повремено конфликтни гласови беше возбудлива, но таква беше и публиката – разновидна според староста, сексуалноста, бојата – публика напрегната во ослушувањето на поетските зборови и покрај чукањето и ѕвечењето кои се слушаа од кујната или звуците на полициските радио станици на влезот, пред кафетеријата.

Она што на поетите им беше заедничко, што ги поврзуваше повеќе и од самата поезија, истата сексуалност, е заедничкото упориште, платформа, глас меѓу гласовите кои ја наоѓаа својата цел во зборувањето или пеењето за егзистенцијата во Северна Америка. За ниту еден од нив таквото упориште не можеше да се прифати здраво за готово; но доколку одредени поетики ги исклучуваа, тие беа решителни да пронајдат други за да откријат што значи да се биде дел од градот, дел од оваа публика, како човек со темна кожа, женско, полуасимилирано еврејско или сицилијанско битие, кое е еротски загрозено, законодавно загрозено, и кое опстанува и покрај забраните на хомосексуализмот, расизмот, и покрај сидата. Тоа беше поезија на тагување, обвинување, остра еротска комедија, религиозна ерес, луда фантазија, помалку баналност (речиси секогаш задоволена на одреден начин со поетскиот стил на читање), неколку песни со неверојатна оригиналност, кои звучеа различно од сè што сум слушнала порано.

Големо како социјалните, политичките, естетските разлики меѓу поетите и меѓу нас, нивните слушатели, општеството се вклучи во тој потфат; под силната светлина, со микрофонот кој повремено се расипуваше, поезијата живееше, нè туркаше едни кон други.

И можеби ова е надежта: дека барањата на поезијата остануваат скромни, дека поетите ги држат своите глави подалеку од возбудувањето со успехот што се калат во престолнините на промоциите, маркетингот, конзумеризмот, и, посебно, конкуренцијата – на што нè учат на училиште, нè поддржуваат во семејствата – кога ја „туркаат“ ѕвездата на штета на културата поради што луѓето повеќе сакаат голема популарност отколку учество, сојузништво, размена и импровизација со другите. Можеби во ова е и надежта: дека поезијата според својата природа, никогаш нема да биде врзана за профит, маркетинг, конзумеризам.

* * *

Првата збирка на американската поетеса Адриен Рич е објавена во далечната 1951 година под име Промена на светот. До 2009 година различни издавачки куќи објавија уште дваесет поетски збирки (во една прилика, коментирајќи ја својата продуктивност, го напиша следново: „Им се заблагодарувам на движењата и активистите кои ме образуваа и движеа низ животот“). Поетесата, но и прозаистка, Рич ги објави Од жена родена, студија за мајчинството како социјална институција; во Крв, леб и поезија е собрана нејзината проза пишувана од 1979 година до денес. Во книгата Што наоѓаме таму: Забелешки за поезијата и политиката од 1993 година, таа, меѓу другото, пишува за помладите жени, главно поетеси, и го потврдува повеќепати изречениот став дека „поезијата е лесно да се пренесува, таа патува... Таа е составена од вообичаениот медиум, јазикот. Низ своето постоење таа ги пренесува пораките кои ја надминуваат силата на зборовите кои се содржани во неа, таа зборува за нашите желби, нè опоменува дека нешто ни недостасува, за потребите што ги имаме, за различните видови глад кои нè мачат. Поезијата нè остава незадоволни. Во таа смисла, нејзината моќ е субверзивна“. За ангажираноста на Рич се пишувало подеднакво често колку и за нејзината поетска работа и благодарение на многуте осврти ние забележуваме дека нејзините написи „го рефлектираат развојот на феминистичката мисла и ги документираат настаните во историјата на женското движење“. Низ децениите на својата работа, Рич ги користи есеите, говорите, трудовите на конференциите, написите во списанијата и сличните рефлексии за да може со восхитувачка комплексност да ги рефлектира прашањата на женската либерализација, индивидуалниот идентитет и улогата на поезијата“. Бескрајно праведна и на ставот дека интелектуалецот во секој дел на светот треба да му каже не на опресивниот систем, таа го одби Националниот медал за поезија што ѝ го додели претседателот Клинтон и рече дека „во земја во која голем број луѓе се маргинализираи, сиромашни и измачени, чувствувам дека не можам да ја прифатам наградата од страна на владата која води таква политика“, и додаде, „радикалниот диспаритет помеѓу богатството и моќта е сè поголем и поголем. Претседателот не може свесно да им оддава признание на некои уметници додека луѓето, општо зборувајќи, така се понижуваат“. Таа им даде совет на младите поети: „Ако ве вознемируваат суровоста, насилството и недостатокот на љубов што ја гледате околу себе, ако сакате да живеете во своето време, а не во некоја холивудска или видео фантазија, ако гледате како околу вас ги туркаат луѓето, како ги сотираат... Ако го сакате јазикот и гледате како го издаваат, ако гледате длабок јаз помеѓу она што ви е речено и она што се случува и она што навистина го гледате и што ве вознемирува, тогаш сте нашле материјал за својата уметност, и немојте да дозволите да ви побегне... Прашањето што го поставуваме е следново, како од таквиот материјал да создадеме трајна убавина и форма. Тоа е прашање што себеси ќе си го поставуваме целиот живот“.

(крај)

Кон првиот дел
Кон вториот дел


Превод: Лавинија Шувака
Слики: Никол Рифкин

ОкоБоли главаВицФото