Осум мали приказни за мојата жена

15.06.2016 01:21
Осум мали приказни за мојата жена

1.

Мојата жена бере цвеќиња.
Јас собирам марки.
Мојата жена чита љубовни романи.
Јас играм фудбал.
Мојата жена гледа телевизија.
Јас одам на пазар.
Мојата жена спие долго.
Јас никогаш не сонувам.

2.

Мојата жена тргна во самопослуга.
„Морам да купам леб и млеко“, вели таа. „Дали ти треба нешто?“
„Купи шунка“, велам. „Сакам шунка за појадок.“
„Мене ми се јаде кајгана“, вели мојата жена.
„Дали имаме чај од камилица“, прашувам.
„Мислам дека немаме.“
„А весник“, прашува. „Дали да ти купам весник?“
„Појадок без весник“, ѝ одговарам, „не е вистински појадок.“

3.

Мојата жена и јас седиме на клупа. Клупата е во паркот.
„Ја сакам есента“, вели мојата жена.
„Есента е секогаш убава“, велам.
„Погледни ги лисјата!“, продолжува таа. „Изгледаат како да се од злато.“
„Некои крошни“, заклучувам, „личат на факли“.
„Можам со часови да ги гледам“, додава мојата жена.
Јас малку молчам, а потоа велам: „Единствено жалам по птиците преселници.“
„Не грижи се“, се насмевнува мојата жена, „ни остануваат врапчињата!“

4.

Купувам букет рози за мојата жена.
„Овие рози се прекрасни“, вели продавачката. „И не се скапи.“
„Ве молам, завиткајте ги во убава хартија!“, велам.
„Секако“, одговара продавачката. „Дали ги носите некому на свадба?“
„Розите се за мојата жена.“
„О!“, вели продавачката. „Таа веројатно сака рози.“
„Ѝ се допаѓаат и лалиња“, велам, „ама не ги видов во цвеќарницава.“
„Таму се“, покажува продавачката, „покрај касата. Дали сакате да ги погледнете?“
„Сепак ќе земам рози“, велам. „Колку чинат седум црвени рози?“

5.

Мојот будилник ѕвони во шест часот.
„Зошто стануваш толку рано?“, прашува мојата жена.
„Ќе одам во клубот да вежбам“ ѝ одговарам.
„Зарем не можеш да одиш подоцна?“
„Потоа брзам на работа.“
„А навечер?“
„Вечерва ќе одиме во кино“, велам. „Веќе имам купено билети.“
Мојата жена се удира по челото. „Ама сум заборавена. Што ќе гледаме?“
„Третиот дел од Господарот на прстените.“
„Одвај чекам да го видам“, вели мојата жена. Потоа погледнува на часовникот. „Наскоро мораш да тргнеш.“
„Можам да трчам до клубот“, одговарам. „И тоа е вежба.“

6.

Мојата жена ги мие садовите и пее.
Јас ги бришам чашите и чиниите. Потоа ги редам на полицата.
Во дворот на дрвото седи верверичка.
Ја оставам крпата, го земам фотоапаратот и ја сликам трипати.
Мојата жена престанува да пее. „Мене никогаш не ме сликаш трипати“, вели таа.
„Ти не си верверичка“, велам.
„Секако дека не сум“, вели мојата жена. Тогаш ме погледнува. „Дали би ме сакал повеќе кога би имала опашка?“
„Те сакам и без опашка“, велам, го кревам фотоапаратот и ја сликам четири пати.

7.

Секој ден, точно напладне, ѝ телефонирам на жена ми.
„Ало!“, вели мојата жена.
„Здраво!“, велам. „Како си? Што правиш?“
„Добро сум!“, одговара мојата жена. „Читам книга.“
„Што читаш?“
„Роман. Однесено со виорот.“
„Тоа е грда книга“, велам.
„Додека читам“, вели мојата жена, „имам шамивче во раката.“
„Уште колку имаш до крајот?“
„Педесет страници“, одговара таа, „можеби ни толку!“
„А кога ќе ги прочиташ“, прашувам, „што мислиш тогаш да правиш?“
„Ќе одам на прошетка со Љубица.“
„Поздрави ја Љубица“, велам.
„А ти“, прашува мојата жена, „кога ќе си дојдеш дома?“
„Кога ќе го напишам извештајот“, велам и ја спуштам слушалката.

8.

Мојата жена седи во кујната и го вденува конецот во иглата. Потоа одбира копче за својата блуза. Блузата е бела. И конецот е бел. Само копчето е црвено. Мојата жена шие црвено копче на белата блуза. Малку подоцна ја става блузата врз штицата за пеглање. Забележувам дека секое копче е со различна боја. Кога ќе ја облече блузата, мојата жена ќе наликува на бел облак зад шарено виножито.

 

Превод од српски: Лилјана Ефтимова
Извор: Сенки, Магор, 2006.
Слики: Puuung

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото