Боењето на лажните фасади е уметнички пркос против неправдата

15.06.2016 03:08
Боењето на лажните фасади е уметнички пркос против неправдата

Ана Чупеска е активен учесник во Шарената револуција. Таа работи како предавач по предметите Современи политички системи и Политичка социологија на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Автор е на публикацијата „Културните идентитети во политиката: аспекти на мултикултурализмот“, издадена од Фондација Конрад Аденауер. Со неа разговараме за актуелните политички настани во земјава.

 

На едно од вашите предавања имате кажано дека уметноста е рефлексија на општеството. Дали боењето на фасадите кои се дел од проектот Скопје 2014, може да се смета за уништување на уметноста или за создавање уметност?

- Според мене, вистинската уметност е секогаш ангажирана; инаку зошто би постоела ако не го преиспитува актуелното и ако не критикува?! Иако на прашањето, „Што е уметност?“ (Was ist Kunst?), ако не се лажам, до сега не е даден дефинитивен одговор. За ова треба да се консултираат компетентните – на пример, историчарите на уметноста. Тоа е прашање од милион долари, впрочем. Во тој правец, како активна граѓанка, сметам дека боењето не ги уништувa,туку ги разубавува фасадите. Фасадите, од СК 2014, имено, се експлицитно експозе за фалсификување на историјата. Оттука, нивното разубавување е нужност, а не проблем. Дополнително, не би требало да се смета за илегален акт, туку за акт на пркос против неправдата предизвикана од симболичното насилство кое проектот СК 2014 го експандира токму преку „рефасадирањето’.

Откако ланскиот 5 мај стиропорната фасада на Владата беше извалкана од јајца, следниот ден веднаш беше ангажирана служба за да ја исчисти. Дали сметате дека тоа беше пресудниот момент за активистите да сфатат дека лажната слика за грандиозност е слабата точка на режимот?

- Мислам дека активизмот на граѓаните е резултат на серија сериозни повреди на правото и правдата, почнувајќи од протестите на архитектите – кога беа претепани од самопрогласените христијани, потоа исфрлањето на опозицијата од парламентот, политичките затворања, и така во низа следеа еден куп други антидемократски активности на естаблишментот, дури би се рекло субверзивни, афери и скандали, за да на крајот и бомбите на Заев, заедно со кумановските настани, како последни тригери за акутизирање на кризата - граѓаните ги мотивираа во правец да се спротивстават на радикалната неправда. Симболите преку кои се препозна антимакедонската субверзија се токму овие фалсификувани и псевдоисториски фасади, а граѓаните, нормално, нив ги препознаваат како такви - лажни.

Што мислите? Зошто само дваесетина граѓани досега се имаат охрабрено да фрлаат со боја? Дали останатите граѓани и понатаму веруваат во тоа дека доколку седат мирни, државата нема да дојде по нив?

- Немам впечаток дека дваесетина граѓани се храбрите, напротив, можеби ова е бројката која заработи пријави. Од она што го следам – мислам дека сите кои учествуваат во протестите се спремни да се „чаталат“. Многу деца исто така уживаат во креативното боење.

Протестите на цивилното општество во Македонија, без исклучок се мирни и ненасилни. Во светот се фрлаат молотови коктели и се превртуваат автомобили, а во Македонија се фрла со балони со боја. Од каде извира таа појава и посебност во нашето цивилно општество? Дали граѓаните се плашат од државата?

- Причината поради која протестите се такви - ненасилни, не лежи во стравот од државата, туку во сигурноста дека правдата е на страната на граѓаните. А желбата за правда е далеку поголема од желбата за проста смена на власта. Затоа и граѓаните се толку упорни, и истовремено се толку достоинствени. Обидите за дискредитација на „шарените“ или за нивно заплашување, како што гледате, имаат контраефект и делуваат мотивирачки на учесниците. Слично е и со инфилтрираните насилници, немаат шанса да го киднапираат протестот – тоа веднаш се забележува и потоа се неутрализираат.

Што има поголема моќ, молотовите коктели или балоните на Шарената револуција?

- Очигледно, политичката култура си го прави своето. Како што кажавте, во некои земји, нормално е да се протестира со молотови коктели, за разлика од кај нас – тоа не е случај. Предноста, пак, кај нас е што овој метод сосема спонтано се разви и шарањето е автентично и е симпатично, дотолку повеќе што и во европските земји сега е актуелно – на пример, во Франција го имитираат. Инаку, не би можела со сигурност да кажам што има поголема моќ, но сигурна сум дека граѓаните имаат право на отпор против нелегитимна власт. Во нашиот случај, правото на отпор не е насочено само против нелегитимната власт, туку и против нелегална власт – зашто, како што сфативме од бомбите - изборите во Македонија биле украдени, што значи дека легалитетот на власта е доведен во прашање, а не легитимитетот! Ова е огромна разлика! Во таа смисла, правото на отпор дури може да се преобрази и во граѓанска непослушност, а ова наместо да се смета за илегален акт – треба да се третира како процедурално барање за инклузивност за ситуации кога има радикална неправда. Значи, никако не смее балоните и останатите играчки, или шарањето, да се подведат под терминот оружје или да се пренемагаат со терминот - вандализам. Ниту пак смее да се повикуваат на информативни разговори учесниците, т.е. да им се поднесуваат кривични пријави. Ве молам – кој овде е илегален ?

Срамните фасади треба да останат ишарани како пример за невкусот

Што по падот на Груевизмот? Каква интервенција би направиле со обоените објекти?

- Јас сум од оние кои сметаат дека не треба да се рушат спомениците од СК 2014, напротив, тие траба да останат тука како такви: срамни, но ишарани поради тоа што се парадигматичен пример за невкус и за симболичко насилство. Исто така тие се пример за неолиберална корпоративизација на јавен простор. Тие исто така сведочат и за симболичкото насилство на овој репресивен апартус, затоа треба да се изучуваат и тоа прво преку нивна функционална пренамена, и второ, да се конотираат поинаку - да останат како документациони центри што ќе го архивираат насилството. Само како такви тие ќе нè натераат да не го заборавиме никогаш ова што ни се случи и ќе нè потсетуваат дека ова не смее да ни се повтори.

Извор: Слободен печат
Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото