Со крајот од окото

16.06.2016 02:15
Со крајот од окото

Навистина, ама навистина ми ја стави раката на задникот и веќе сакав да вреснам, кога автобусот помина пред црквата и тој се прекрсти. Сепак е добар човек, помислив, можеби и не го прави сето тоа намерно, можеби неговата десна рака не знае за што е способна левата. Се обидов да се протнам напред, зашто едно е да го оправдуваш, а друго е да дозволиш да те пипка, но гужвата беше сè поголема и не можев да се мрднам. Моите движења му помогнаа уште поудобно да ја заглави својата рака и да почне да ме милува. Бесно се поместив. Тој исто така. Поминавме покрај друга црква, но овојпат тој не се ни сврте, само со раката ја избриша потта од челото. Го гледав со крајот од окото, правејќи се дека не постои, за да не помисли дека уживам. Гужвата беше страшна и не можев да направам ни чекор. Потоа одлучив да му се одмаздам и полека ја ставив раката на неговиот задник. По неколку мигови бранот нови патници нè раздели и ме однесе кон вратата. Ме истуркаа надвор, и сега ми е жал што го изгубив туку-така, зашто во паричникот имаше само 7.400 пезоси, и тоа стари, веројатно би успеала да му извлечам повеќе ако се најдевме насамо. Изгледа дека беше добар човек. И великодушен.

Превод: Иван Шопов
Слика: Алексеј Кондаков

Луиса Валенсуела (1938), аргентинска писателка која пишува романи и кратки раскази. Позната е по експерименталниот, авангарден стил кој ги преиспитува хиерархиските структури од феминистичка перспектива. За најзначајни нејзини дела се сметаат оние кои претставуваат одговор на диктатурата во Аргентина во 1970-тите години.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото