Само граѓаните можат да го оживеат Пржино

17.06.2016 11:01
Само граѓаните можат да го оживеат Пржино

Станува извесно дека се подготвува брзо решение за наводен излез од политичката криза која трае со години. Се насетува и најавува Пржино 2, односно се наѕира некакво решение за излез од кризата кое повторно би било договорено и потпишано од големата лидерска четворка, а под патронат на големата меѓународна. За решенијата од евентуалното Пржино 2 не можеме да коментираме зашто не ги знаеме, зашто праксата до сега ни покажа дека ќе ги дознаеме во некој нов „5 сабајле“ термин, откако сè ќе биде завршено и договорено зад затворени врати.

Граѓанското општество преку различните интересни групи изминатава година силно реагираше на затвореноста на процесот и на потребата од воспоставување посериозна врска, комуникациска во најмала мера, меѓу преговарачката маса и граѓаните односно јавноста. Процесот наречен „преговори на лидерската четворка зад затворени врати“ има лош имиџ меѓу граѓаните, пред сè заради тоа што до сега не испорача задоволителни резултати, но и поради тоа што граѓаните кои не се членови на четирите најголеми партии не се чувствуваат претставени. Дополнително, многу логични се и аргументите дека преговарачката маса која треба да го трасира патот за идно подобро општество и добросостојба на граѓаните не ги црпи клучните капацитети и квалитети од Македонија кои можат да придонесат кон подобри решенија, а може да се извлечат од граѓаните, граѓанските организации и различните интересни групи и заедници. Ова значи дека искуствата од „големата лидерска четворка“ покажуваат дека на тој процес му недостасуваат транспарентност (отчетност), легитимитет (кој им дава право?) и кредибилитет (зошто треба да им се верува?) и поради тоа многу од граѓаните и граѓанските организции се скептични кон таквиот пристап и стравуваат дека наместо суштинска промена може да дојде само до ново одложување на проблемот до некоја следна ескалација и радикализација.

Затоа, моделот кој не дал резултати и за кој постои недоверба меѓу граѓанското општество треба да се промени, особено во време кога повеќе од два месеци десетици илјади граѓани низ целата држава, меѓу другото бараат и „Задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата“. Ова значи дека граѓаните бараат независни претставници од општеството (граѓани кои не настапуваат од име на политичките партии) да бидат присутни на преговарачка маса и на таков начин да се разбие неквалитетот, мистеријата и недовербата која граѓаните ја перцепираат за досегашните преговарачки процеси.

Ваквото барање и решение никако не треба да значи дека сега невладините ќе станат петтата голема политичка партија и ќе добијат власт без избори. Не, ваквото решение значи дека за време на преговорите и потоа постојано ќе биде присутна и петта независна страна која ќе има јасен мандат да го набљудува процесот, да ги известува граѓаните за текот на процесот од независна граѓанска позиција (а не од позиција на партија и страна која е директно вклучена во носење одлуки) и да нуди предлози за решенија кои доаѓаат од професионалниот сектор, граѓанските организации, експертските кругови и еснафските интересни групи. Ваквата улога на граѓанското општество во преговорите ќе влијае и врз квалитетот на процесот, но и врз зголемувањето на довербата на исходот меѓу граѓаните. Петтата страна не е еден човек, ниту една организација, ниту една група или коалиција. Петтата страна се граѓаните кои бараат учество и кои за различни прашања ќе најдат начин да делегираат различни соодветни претставници кои ќе нудат квалитетни решенија и кои ќе известуваат назад на најотворен начин.

Претставниците на граѓанското општество на преговарачката маса не треба да учествуваат во носењето одлуки, зашто тие понатаму нема да имаат ниту мандат ниту механизам да ги спроведат договорените реформи. Одговорноста да се спроведат реформите останува кај оние кои (ќе) ги раководат институциите, но во тој процес неопходно е граѓанските организации да имаат целосен увид и контрола со цел да реагираат и да ги известуваат граѓаните секогш кога се застранува, доцни или кога намерно се опструира договореното. Неопходна е граѓанска контрола на решенијата кои треба да значат излез од кризата и во таа смисла мора да се гарантира граѓанското учество, но и улогата на граѓанските организации како коректив на властите, а не како припоен субјект кон властите.

Имајќи предвид дека Шарена револуција / Протестирам во својата суштина е движење кое бара суштински промени во начинот на водење на државата, очекувањата на граѓаните кои протестираат се на високо ниво и дел од нив мора да бидат исполнети. Ова е последна шанса, велат многумина од оние кои се секој ден по улиците. Или ќе се поправиме или ќе си одиме онаму каде има минимум нормален живот. Да го употребиме овој потенцијал, да не дозволиме ново големо разочарување. Веднаш.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Фотографии: Ванчо Џамбаски