Наместо клетва

17.06.2016 12:02
Наместо клетва

Поминаа десет години откако почина мајка ми. Пет години лежеше неподвижна како последица од мозочен удар. Низа од мозочни удари кои се повторуваа во тој страшен петгодишен период. И ред други здравствени компликации кои се јавуваат кај неподвижен пациент. Неброено пати имавме потреба од итна медицинска интервенција, илимити, брза помош.

Знам колку студено звучи гласот од другата страна на линијата за повик на брза помош кога ќе ве одбијат затоа што пациентката има над седумдесет години. Дури и кога ќе дојдеа, доаѓаа двајца – возачот и лекарот. Возачот останува во возилото, бидејќи тоа му е работа, а лекарот (обично лекарка) нема намера да го решава проблемот како неподвижна жена од деведесет килограми би се транспортирала од нејзиниот кревет до возилото. Бидејќи тоа – не ѝ е работа.

Сакам да кажам дека знам како изгледа внатрешноста на возило за прва помош. Знам што значи да ја држиш раката на близок човек и да се прашуваш дали ја болат кривините или дупките преку кои поминуваме. Јасно ми е какви тривијални муабети се обидуваш да правиш со блискиот човек, од типот - кои дрвца процветале надвор, и колку се изменило Скопјево, за да го оттргнеш вниманието од базичниот страв – дали ќе се стаса на време, дали ќе преживее да ги види истите дрвја на враќање назад, накај дома. Последниот пат, не правевме муабет. И не се вративме дома.

Десет години срцето ми се грчи кога ќе ја чујам сирената на возило за брза помош. Живо ми се враќаат сеќавањата и одново ги преживувам и преплакувам. Научив да се убедам дека внатре во возилото се наоѓа трудница која наскоро ќе донесе нов живот на светов и дека сè ќе биде добро и дека сите ќе бидат среќни. Знам дека се лажам. И знам дека не сум единствена, дека има и пострашни и потажни животни приказни за кои би можеле да сведочат ротационите светла на белата кола.

Па, сакам да прашам: Кој е тој монструм што смисли дека овие емоции можат да се стават во функција на разбивање протести? Кој е тој болен ум кој ги злоупотребува, и онака малкуте, возила за прва помош. Можеби баш во тие моменти токму од нив зависел човечки живот? Колку повици за интервенција се одбиени за да се интервенира таму каде што е најмалку потребно?

Денес е Задушница. Нема да колнам, не само заради тоа што е празник, туку заради тоа што не ми е својствено да се занимавам со негативни енергии. Не посакувам никому ништо лошо да му се случи. Најмалку, да се најдат самите тие или некој нивни близок во истото тоа возило. Само, ме чуди – зар не помислиле на таква можност кога го креирале перверзниов план?

Да им е срам и арам!

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Фотографија: Standard.mk

ОкоБоли главаВицФото