1027 hPa
75 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 07:59
Г Р А Д О В И
Градовите излегуваат од заборавот,
од треперецот над морето и ене:
во секој седи старец и вели: луда главо
не постои огнот. Сè венее.
Градовите стојат како магла. Ги крепи
само тенката нишка на споменот. Ќе се крене
ветрот и нив ќе ги снема. Слепи,
која мамка ќе избереме и кој патоказ сменет?
Стојат далечни градови помеѓу водата и сонот.
Го чува ли заборавениот оган тој кремен
на нивните кули? Затворени под тешкото ѕвоно
на споменот, градовите горат тонејќи во времето.
ПОСЛЕДЕН ГРАД
Среде пеколен пек
се свива сега град.
О, му нема лек
нему низ пепел и чад.
И ниту еден пат
не води кон север и југ
На стебла расте трат
и 'рѓосува плуг.
Врз урнатиот ѕид
расте штириот трн.
Сонцето заоѓа зад рид.
Градот е мртов и црн.
АЗИСКИ ГРИП
Дење: мокри чадори, автобуси,
лоши гласови, неизбричени лица.
Ноќе: зад градот расте степа,
долетуваат истоштени коњаници.
Дење: купување термометри, брзање,
затворени театри, на асфалтот мртва птица.
Ноќе: зад градот расте степа,
долегуваат истоштени коњаници.
Дење: град што наслушнува еден звук,
звук што е време, град што е Невиделица.
Ноќе: зад градот расте степа,
долетуваат истоштени коњаници.
П О С Е Т И Т Е Л И
Мирисаа на овчо млеко; беа потни.
Опашките на нивните коњи беа заплеткани во чички.
Во запурничава вечер, плашејќи ги животните
полски, се укажаа одеднаш на сниските рички.
Од ѕидовите на градот ги видоа: се провлекуваа сиви
меѓу песочните грпки, мавтајќи со долгите копја,
Јазикот им беше неразбирлив, движењата диви;
фрлаа мрши во изворите и ги палеа снопјата.
He се најде никој што го разбира нивниот јазик.
Одјаваа одеднаш; останаа само правта и чадот.
Гледаа по нив од ѕидовите и даваа претпоставки разни.
Никој не спиеше таа ноќ во градот.
ЧАД И СЕВЕР
Во градот задоцнуваат овошките
и тешко зрее ретката трева.
Ретко залутуваат пеперугите, а потполошките
се селат пред натисокот на вревата.
Во градот живеат бледи манекени
и се насмевнуваат без смеа.
Понекогаш врне дожд и жени
посакуваат да спијат со нив и да ги греат.
Во градот дрвјата ги напаѓаат билните вошки
и мириса на чад и на север.
Од светлината остануваат само трошки
и мртви пеперуги паѓаат на кревет.
Извор: „Летен дожд“, 1967.
Слики: Рене Магрит