Пост-Македонец

18.06.2016 00:21
Пост-Македонец

Пост-Македонецот е суштество од иднината. Во многу нешта тој ќе биде различен и понапреден од денешниот Македонец.

1. Пост-Македонецот нема да пати од националноста и докажување на истата пред светот.

Тој знае дека не е битно колку јако се чукаш во градите, туку што лично си постигнал. Тој знае дека не е битно од кого потекнуваш, туку што ќе оставиш за следните генерации. Тој знае дека национализмот не е компензација за сиромаштијата. Тој знае дека Балканот е толку шарен, што да си националист не само што нема смисла, туку е и застарено.

2. Пост-Македонецот не пати од имање своја држава.

Во иднината како дел од ЕУ или некоја поголема светска конфедерација, Пост-Македонецот ги ужива сите права исто како да има своја држава. Нешто слично како во Југославија, тој ги користи бенефитите на отворениот пазар и живеењето во голема конфедерација. Тој знае дека една држава има поголем бенефит ако ги отвори границите отколку ако ги затвори.

3. Пост-Македонецот често ќе протестира и често ќе ги менува своите политичари.

Баш така. Македонецот ќе протестира и за најмалата неправда која му е нанесена. Граѓанската свест ќе се развие до тој степен што политичарите ќе се менуваат на 4 или помалку години. Честопати државата ќе биде со техничка или привремена влада, но тоа на Македонецот нема да му пречи, зашто тој ќе знае дека техничката влада секогаш помалку краде од редовната, затоа што знае дека е привремена. Всушност, Македонецот ќе се ослободи до тој степен што ќе стане анархист. Тој ќе сфати дека општеството може да функционира и без потреба од држава, односно власт.

4. Пост-Македонецот знае да отвора свои бизниси.

Да, како големо изненадување Македонецот од иднината конечно станува капиталист. Ја надминува транзицијата и отвора свој бизнис. Упорен е од млади години. Па така, во иднината, приватниот сектор во Македонија расте толку многу, што поисплатливо е да отвориш свој бизнис, отколку да бараш работа во државна администрација. Секако, за да биде добар бизнисмен Македонецот ќе мора да се отвори кон иновативноста, технологијата и кон западните вредности.

5. Пост-Македонецот не се замара со своето име, јазик и култура.

Тој знае дека името на државата е обична графа во личната карта, и не може да биде мерило за неговиот идентитет. Во однос на јазикот, литературата ќе се ослободи од правописот. Македонецот сфаќа дека ако сака да го збогати јазикот ќе мора да прифаќа странски зборови и истите да ги меша со домашните. Всушност, тоа тој веќе го правел со векови наназад, се мешал со другите народи. Сличното го сфаќа и за културата.

 

6. Пост-Македонецот знае да ги цени своите соседи.

Не само што е во добри односи со своите соседи, Македонецот сфаќа дека треба и може да биде поголем пријател со Гркот или со Србинот, отколку со некој Германец или некој Американец кои му се и културолошки и географски подалечни.

7. Пост-Македонецот е нашетан и затоа конечно станува културен.

Да, со помош на супербрзите возови и евтини летови во идинината Македонецот ќе го има прошетано целиот свет. Така тој ќе добие манири, ќе стане похрабар и покомуникативен. За разлика од денешниот Македонец кој е воден од својот инает на поробен човек и од својот сув егзистенцијализам, Пост-Македонецот ќе ги искористи придобивките на технологијата.

Слики: Небојша Гелевски