Будење

18.06.2016 03:03
Будење

Фото: Ванчо Џамбаски

 

Созреани услови притискаат кон промени.

Се случува БУДЕЊЕ. Се случува преструктуирање како исход на континуирани интензивни протести кои траат веќе две години. Две години постепено се будиме, ги менуваме навиките, бавно но сигурно се менува нашиот ментален склоп.

Протестите изнедрија нова структура на свесно и слободно граѓанство!

Подолго време вложувавме дополнителен напор, многу енергија, и, во еден момент, во една точка, се смени правецот на движење.

Ова прекршување сега е најтешкиот момент од нашата криза. Се менува системот. Енергијата ќе се обнови, тоа не ме плаши, но битно е преобразбата да се одвива во добра насока. Мудрото мирување е подеднакво битно како и добро обмисленото делување.

Големо БЛАГОДАРАМ до активистите, за боењето на улиците и објектите. Сè започна со црвената боја истурена со кофи на плоштадот, потоа се разлеваа пастелните нијанси на улиците пред Парламентот и Владата. Сликарската експресија е моќна алатка за искрено, чисто, автентично, силно, непосредно и јасно канализирање на емоциите.

Шарената револуција е комплексно случување бидејќи во неа учествуваат различни луѓе по многу основи, и возрасни и млади, од разни професии, етнички, филозофски, идеолошки шарени. Заедничко на сите е стремежот кон квалитативна промена во нашето општество.

Фото: Ванчо Џамбаски
Градиме култура на отпор, за одбрана на автентичниот изблик. Не може да има културна или уметничка вредност нешто со сила наметнато од центар на моќ. Естетиката е изворно искуство, а не имитација по нарачка за одреден вкус.

Стремежот сега ја моделира визијата за тоа во каква земја сакаме да живееме. Така го добиваме екстрактот од промените кои ќе се случуваат во следните години. Културата мора да се обнови и да го врати изгубеното значење и моќта во нашето општество.

Нема промени без мака. Еволуцијата е бескрајно прекршување во точки кои значат почеток на нов вид или нова ера или нов квалитет...

Фото: Свирачиња

Ние имаме богато културно наследство, и луѓе кои знаат како да го негуваат и да го надградуваат. Бидејќи тоа е нивна работа.

Способни професионалци треба да ги извршуваат важните функции во општеството, за да изградиме силни и ефикасни институции. Не некомпетентни и нестручни личности, без доволно способности, знаење, квалитети и квалификации, да работат по диктат и работи кои не се во нивен домен.

Уметниците кои отсекогаш важеле за најбунтовни и најслободоумни луѓе се покажаа како најзаостанати, најконзервативни и најисплашени луѓе во нашето општество. Молчат и трпат. Не можам да се изначудам како можеа да се претворат во толку безгласни букви. Сега увидувам зошто сме биле толку заостанато општетво. Не сме расчистиле со заблуди и предрасуди околу тоа што е слобода и вистина.

Ќе ја вратиме нашата автентична култура и ново сонце на слободата ќе блесне...

Фото: Свирачиња

Шетала мома,
шчо кај шетала,
бели поли виела,
ран босилек сеала.
Не се роди босилек,
тук се роди маргарит,
и бесцени камење.
Надојдоа златари,
да си ценат камење:
не ценија камење,
тук ценија момата!

(Шетала се мома)

Цртеж: Татјана Миљовска

ОкоБоли главаВицФото