Етерични скулптури и модни додатоци од синтетичка ткаенина

18.06.2016 13:40
Етерични скулптури и модни додатоци од синтетичка ткаенина

Јапонската уметница Марико Кусумото користи проѕирна ткаенина од која произведува објекти кои наликуваат на балони, сферични објекти кои содржат различни форми заробени во нивната мека надворешност. Креациите кои се наоѓаат внатре имаат различни димензии, од помали верзии на сферични скулптури на морски суштества и автомобили, до разиграни форми кои совршено се вклопуваат со светлите бои кои Кусумото одбира да ги користи за нејзините дела.

За да може од платното од полиестер да ги изработи посакуваните облици, таа парчињата ги загрева на соодветна температура, дозволувајќи материјалот да ја запамети формата која уметницата сака да ја создаде. Тогаш овие дела се формираат во скулпторски или објекти кои се погодни за носење, 3D накит кој може да се носи околу вратот.

„Мојата работа е одраз на различни, набљудувани феномени кои ги стимулираат умот и сетилата; можат да бидат природни или вештачки“ – вели Кусумото. „Јас ги реорганизирам во нова презентација која може да се опише како надреална, комична, благородна, или неочекувана.“

 

Извор: www.thisiscolossal.com