1010 hPa
45 %
26 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 12:40
„Кога Бубашвабата Браун едно утро се разбуди после немирен сон, се затекна себеси во постелата претворен во едно несовршено човечко суштество.“ Е, тоа веќе стварно беше проблем оти како стојат работите во нашето друштво, на кутрата Бубашваба Браун ќе ѝ биде мошне тешко да се привикне на својата нова состојба. Како, на пример, ќе објасни дека порано бил една среќна бубашваба и дека, од таа проста причина, не поседува лични исправи, возачка дозвола, сметка во банка, кредитни картички или некоја број шифра која го идентификува како личност во кибернетската централа? Кој ќе му поверува дека нема ни семејство, ни училиште, ни кварт во градот, некоја чесна работа, вереница и број на телефон? Лесно е да се промени местото на живеење и да се напушти бубашвабата или бубашвабите од претходната куќа, но што да се прави со човечко суштество без полициско досие коешто не изгледа лудо ниту делува како да страда од дијагностицирана амнезија, а кое нема доволно години за да го затворат во старечки дом? Една бубашваба се снаоѓа јадејќи отпадоци, што било, и избегнувајќи да ја згазат; ама истото не успева да го направи бубашвабата која се разбудила совршено претворена во човечко суштество со општествена свест и граѓанска гордост; во човек кој не знае да извршува никаква работа и кој попрво ќе умре од глад отколку што наоколу ќе питачи за корка леб. Е, тоа е веќе стварно проблем.
Превод: П. В.
Слика: Свирачиња
Омеро Карваљо Олива (Homero Carvalho Oliva, 1957), современ боливиски прозаист, автор на книгите со раскази: Биографијата на една есен и други приказни, Суштества од зборови, Приказни за ангели а архангели. Пишува и за деца и за млади - Крајот на илузиите. Приказната „Еволуција“ е преземена од книгата Antolоgia del cuento latinoamericano del siglo XXI - Las horas y las hordas (1997).