Дојде време да ги смачкаме!

20.06.2016 01:52
Дојде време да ги смачкаме!

Ми го пуштија говорот што Големиот лудак го одржал на некоја роденденска забава. Триесетина секунди, демек, најважното парче.

И што?!

Лигава, алибична и патетична содржина, која всушност е во фрапантен расчекор со сопствената идеја, смачканица својствена за типови што во народот се познати под ознаката „усрани голуби“, тотална раштелуваност и раштимуваност меѓу местото, поводот, амбиентот, целите и методите, интонациите, дикциите, хаос на едно многу ниско, придушено ниво, гласови кои како да доаѓаат од затворен сандак со пресно починат говорник кој на погребната поворка се обидува да им јави дека е жив.

Јас не го доживеав говорот на Груевски како нешто агресивно или заканувачко. Во некаква реална смисла. Обратно, човекот ми се виде уплашен и очаен, во својата последна дефанзива, ќе го пуштел народот да се пресмета со неговите (на Груевски) непријатели и со непријателите што Груевски смета дека се негови односно на народот (што во неговата глава се едни исти непријатели), но без верба во тоа што го говори, без емоции, без страсти, со килави одгласи меѓу тие што го слушале во барокното срање, како комита кој што во казиното ги потрошил сите жетони, на сите столови и слот машини и сега се заканува дека ќе ја запали зградата.

Не, бе, Никола, ние ќе те запалиме!

Дури и ако покрај тебе, со најголемиот можен апарат за гаснење на пожари, стои лично господинот Заев! Неговите говори, изјави и интервјуа, се пожарогасителни на особено одвратен начин.

Кај Груевски сум убеден дека блефира, а кај Заев стравувам дека не блефира!

Утре ќе ги провериме тие работи.

За СДСМ е клучно да се појави на протестот во полн капацитет. Не симболично, не блеферски, без амбиции да ги контролираат чувствата и активностите на граѓаните, нивото на конфликтноста до кое ќе сакаат да отидат, без амбиција да го држат тоа ниво на ниско рамниште...

Учеството на протестот мора да биде врвна човечка и партиска обврска, а ако тоа не е така означено од раководството, на раководството треба да му се каже „адио“! Честа и обврската кон општото добро се над какви било партиски задолженија ако се косат со тие обврски. Особено во историчноста и драматичноста на ситуацијата со која се соочуваме.

Апсењето на Павле е гнасен чин против човековите права и најодвратна башибозучка злоупотреба на полицијата. Тука е крај на сите трпенија и обиди за решавање на работата низ преговори. Ние имаме само една опција: да излеземе од статусот на жртви на режимот и од идејата дека можеме да го урнеме на преговарачка маса.

По секоја цена, затоа што која било цена е пониска од таа што ја плаќаме сега!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња