Менталното здравје на удар на индустријата за среќа

20.06.2016 10:42
Менталното здравје на удар на индустријата за среќа

Неспособноста и хроничната дефлација на психо-економските капацитети во индивидуалистичките општества со развиени економии се показател на општото чувство на незадоволство, а неможноста за ублажување на последиците од глобалната економска криза принуди некои теоретичари на промена на парадигмата и насочување кон промовирање на благосостојбата како биолошки и психо-социјален капацитет на современите општества. Психолошките истражувања на невработеноста од деведесеттите и развојот на новите методолошки рамки, се темел на истражувањата на влијанието на интимните доживувања на светот.

Мерењата на субјективното доживување на благосостојбата и среќата претставуваат обид за прифаќање на она што всушност можеме да го наречеме „криза на премерувањето“, која претставува рефлексија на структуралното поместување во делот на производството во развиените економии кон ресурси и производи кои не се претежно материјални. Ако умот е сфатен како економски ресурс, што со поголемата видливост на таканаречените облици на труд станува поевидентно, тогаш човечкиот капитал и одржувањето на задоволниот поединец, кој ќе може да учествува во производствените процеси како производител и конзумент, е примарен елемент за опстанокот на капитализмот во развиениот Запад.

Во средината на деведесеттите беше воспоставена сосема нова гранка на неокласичната економија – економијата на среќата. Тоа беше логична последица од социолошко-економските размислувања во даден историски момент, кога стана јасно дека БДП не му одговара целосно на нивото на општествениот развој – дека пресметката на БДП не е мерка за задоволство. Дури и економистот Ричард Истерлин уште 1974 година го насочи вниманието кон постоењето јаз помеѓу материјалната акумулација и растот на чувството на благосостојба и среќа. Со научни методи посочи кон парадоксот дека среќата на поединецот, како важен елемент за позитивна ментална слика на општеството, во системот кој промовира неумерена конзумација на пазарно достапни производи не расте пропорционално со неговите приходи. Во општествата кои поседуваат поголеми материјални богатства, поимотните се чувствуваат посреќни од оние кои не можат да ги задоволат своите основни материјални и општествени потреби, но во поширокиот контекст на поголемите општествени заедници, резултатите покажаа дека и жителите на сиромашните држави не се помалку среќни.

Во неразвиените економии, чувството на среќа главно е поврзано со остварувањето приходи и во таков контекст му се посветува минимално внимание на обезбедувањето на човечкото достоинство. Но, зголемувањето на приходите резултира со две последици кои прават пречка во остварувањето на општата благосостојба. Една од нив е способноста за адаптација на новонастанатите услови за работа и општествената одржливост. Колку некој ќе успее да им се прилагоди на промените во рамки на системот, на пример, промените во монетарниот систем, ќе зависи од неговото општо чувство на благосостојба кое во иднина нема да биде подложно на таканаречените екстернални фактори. Доколку не успеат да се прилагодат на променетите околности како губењето на работата, нивната среќа ќе биде пропорционална со објективните услови.

Втората важна последица од акумулацијата на материјалните добра е заситувањето. Ексцесивниот копнеж по материјалното и посветеноста кон задоволување на либидиналните импулси („принципот на задоволство“, кој го воведе физичарот и психолог Густав Фехнер и подоцна го прифати Зигмунд Фројд) го оневозможуваат чувството на субјективна благосостојба, бидејќи доведуваат до зголемување на барањата и очекувањата. Така коренот на неуспехот на неокласичните економски струења регулирани со неолибералниот репресивен државен апарат при остварувањето на позитивната ментална слика на општеството лежи во обврзувачкиот хедонизам и императивот на неумерената потрошувачка. Неостварените импулси водат кон депресија која, според Марк Фишер, „иако вообичаено окарактеризирана како недостаток на интерес и отсуство на задоволство, како анхедонијата, во оваа смисла не е толку неспособност за постигнување задоволство, колку за правење што било освен потрага по задоволство.“

Се чини дека клучот за одржување здрав систем лежи во балансирањето помеѓу искуствените доживувања на задоволството и незадоволството. Воспоставувањето нови индикатори за општествен и економски прогрес на тој начин станува примарна задача на владејачката класа. Чувството на среќа или степенот на задоволство може, на когнитивно ниво, да се набљудува преку три регистри.

Утилитарното сфаќање, чии темели во 1766 година ги поставил Џереми Бентам, се темели на моралното и економското оправдување на секоја акција која го максимизира чувството на среќа кај популацијата. Емпириските податоци на тој начин стануваат основа за донесување економски и политички одлуки – државните регулаторни елементи при проценката на состојбата мораат да се водат исклучиво од статистиките. Среќата е сфатена како облик на доживување на чисто инстант задоволство, додека несреќата се перципира како комбинација од недостатокот од избор на конзументот, неговите интерперсонални односи и неврохемиските процеси, што како последица ја има депресијата. Телеолошко етичкиот регистар ја разгледува среќата како постигнување еудаимонија, односно добар живот. Притоа, несреќата претставува недостаток од можности за дејствување кон остварување на личните цели. Месијанскиот регистар претпоставува ветување за „просветлување“, односно можноста за искуствено доживување на чувството на среќа е можно само како верување истата.

Задоволството, како отсуство на несреќа, е опиплив ентитет потенциран од надворешните околности и претставува рамка на размислувањето на економијата на среќата. Испреплетувањето на парадигмата за благосостојбата, мантрата за позитивната психологија и бихејвиоралниот пристап во истражувањето, служат за оптимизирање на субјективните човечки доживувања на реалноста. Истиот процес се одвива на полето на менталното здравје. Когнитивно-бихејвиоралната терапија, која ги согледува само конкретните детерминанти на егзистенцијалниот момент, моделирајќи ги според она што е попожелно во рамки на економскиот систем, со нагласок на неврохемиските процеси кои можат да резултираат со депресија, но се потенцијално излечиви со помош на антидепресиви, претставува обид за крпење на длабоко потресените и обесхрабрени луѓе кои од калта треба да ја извлечат ослабената економија.

Работното место станува терапевтска заедница – раководителите ги учат основите на социјалната психологија за да го препознаат вработениот чија мотивација за работа евентуално е намалена, а лекарите наместо потврда за боледување оперираат со ливчиња на кои гарантираат нечија минимална способност за работа. Утилитаристичкото доживување на работата како позитивна општествена сила особено се истакнува кај лекувањето на менталните болести затоа што денес се мисли дека депресијата полесно може да се излекува во рамки на позитивната работна околина. Низа мерни инструменти, како смартфон апликациите кои ги одбележуваат отчукувањата на срцето или го мерат моменталното расположение, би требало да соберат поверодостојни податоци за преференциите на луѓето и како да се влијае на понудата и побарувачката. Њу ејџ гуруата, псевдонаучниците и маркетиншките експерти промовираат позитивен поглед на безперспективното секојдневие.

Заради тоа, стратегиите за огласување служат за инструментализирање на незадоволството и разочарувањето од капитализмот за да ги поттикнат конзументите кон потрошувачка. Од дваесеттите години маркетиншките стратегии одат во чекор со проценките за валоризирање на елементите на човечкото постоење од индивидуална перспектива. Она што се нуди секогаш е она што недостасува и затоа се чини привлечно и го поттикнува насочувањето на човечката мотивација кон остварувањето на целта. На пример, маркетиншките агенции од триесеттите години, своите рекламни кампањи ги темелеле на пласирањето слики со традиционално американско семејство, токму оној општествен идеал кој индустрискиот капитализам системски го уништувал. Организирањето такви микро-бунтови ја поставило индустријата на огласувањето во позиција на морален критичар на истиот систем што го промовира. Подложноста на растечката маркетиншка и рекламна индустрија е рефлексија на внимателно смислени кампањи кои имаат за цел зголемување на потрошувачката и формирање на јавното мислење. На тој начин огласувачката индустрија со помош на утилитарните и бихејвиористичките методи ѝ служи на масовната манипулација.

Психологизацијата на политичкото поле на дејствување и интердисциплинарните истражувања по пат на мониторирање на човечките афекти и емоции и предвидувањата и антиципациите на човечкото однесување се уште еден перфиден облик на зголемен општествен надзор. Бентамовската етика за емпатијата е екстраполирана во научниот надзор, а бихејвиористичките и невронаучните методи во рацете на моќните, прашањето за човечката среќа и задоволството се поместија од чисто субјективно и интимно доживување во објективен надворешен свет. Притоа е неважно, секако и непожелно, да се слушне гласот на поединецот. На владејачките политичко-економски структури и бихејвиористичката психологија и невронауката не им е од интерес да слушнат што всушност чувствуваме бидејќи постои објективна опасност дека критиката концентрирана околу поединецот најпосле ќе се заврти кон критика на системот. Имено, во случајот на екстернализацијата, гневот и разочарувањето од самиот себеси, се потенцијал за отворање простор за објективно согледување на економско-политичките детерминанти на историскиот момент.

Решението за ваквата длабока општествена криза лежи во докинувањето на радикалниот објективизам на науката и пренасочувањето кон субјективизмот. На полето на општествените науки, императив за развој претставува повторното откривање на способноста за слушање. Вербализирањето на емоциите наместо софистицираните форми на читањето мисли кое ревносно го застапуваат современите невронаучни теории би овозможило барем обид за промена на општествените структури, бидејќи негативната ментална слика на цели општества и незадоволството кое е карактеристично за мнозинството претставува само рефлексија на недостатокот од вистинска слобода на изразување и демократија. Наместо консултациите и дијалогот на работното место и во училиштата да ги користиме исклучиво за целите на политичко-економска инструментализација, би требало луѓето да ги учиме на интерпретативно изразување и важноста на она што навистина имаат да го кажат за тоа што го чувствуваат. Редистрибуцијата и учењето на демократски дијалог е единствениот пат кон индивидуалното здравје и здравото општество.

Извор: http://slobodnifilozofski.com/

ОкоБоли главаВицФото