Ѕвездени војни

20.06.2016 11:00
Ѕвездени војни

СОН

Ќе завршам училиште.
Ќе добијам добра работа.
Ќе заработувам многу, многу пари.
Ќе се оженам за убавица.
Можеби ќе постанам министер.
Сите ќе ми завидуваат.
Тогаш, еден залетан автобус, на раскрсницата на Бит-пазар, безмилосно ми го прекина сонот.

 

СВАДБА

Имав триесет години и бев грд како штакор. Луѓето мислеа дека сум многу паметен, но јас немав ни два грама мозок. Кога дојде време да се женам, ѝ предложив на девојката, наместо кревет, да купиме два споени мртовечки сандаци, обложени со фин памук и свила. Таа ги ококори очите и ми залепи еден шамар. Така, останав ерген. Сега имам седумдесет години и навистина ми е потребен сандак.

 

СМРТ

Че Гевара е мртов.
И дедо ми е мртов.
Но сепак, тоа не е исто.

 

ЕРОТИКА ПЛУС

Денес е недела, супер ден. Куров ми е како катапулт. Се разбира, тоа не значи дека јас сум Цезар или, не дај Боже, Марко Антоние. Ах, да, заборавив да ви кажам: се викам Клеопатра.

 

ПОЛИТИЧКA ПЕСНА

Една курва седи пред влезот на католичката црква во Охрид. Спие со отворени очи и сонува дека е во Америка. Возот за Скопје тргнува во 14 часот и сè уште има слободни места. Во Охрид, курвите плачат за Палестинците од окупираните територии. Ете, сè на светов е поврзано.

НЕОБИЧНИОТ ЖИВОТ НА НАТАША ЦЕЛАКОСКА

Луѓето веќе на големо мислеа дека Наташа Целакоска е многу чудна девојка, а таа пак се чувствуваше како казнета за својата неприфатлива необичност.

Така, на пример, Наташа имаше обичај одвреме-навреме да ја сплете косата во илјадници разнобојни, тенки плетенки и така, како некое плашило, неуморно да кружи по сите сокаци, продавници и кафеани со очигледна намера да ги вознемирува обичните луѓе.

Кога еден ден, неочекувано ѝ се заплетка косата, лекарите најдоа дека безусловно ќе мора да ѝ ја пресечат главата.

И кога веќе сите ја прежалија, таа, за чудо, продолжи и понатаму да живее и дури од ден на ден сè повеќе се уверуваше дека многу е полесно и поудобно да се живее без глава.

 

ИСТОРИЈА

Веќе две илјади години, луѓето секој ден се раѓаат и умираат, но сè уште тие не се ниту чекор поблиску до она што им беше ветено.

 

ЅВЕЗДЕНИ ВОЈНИ

Есента 2238 година, Земјата беше нападната од Марсовци во облик на пички. Да гледаш и да не веруваш: лигави, размрсулавени, ниту очи, ниту уши, ниту јазик зборуваат, а пак отишле подалеку во цивилизацискиот развој. И така, ние стоиме здрвени, збунето се чешкаме, а тие вредно си ја вршат работата.

 

ЈАС СУМ КУКУРЕК

Луѓето викаат: Нирвана, Нирвана!

Добро, ќе биде Нирвана, само имајте малку трпение.

 

ЕБЕНО ЦАРСТВО

Луѓето поминуваат пред мојот чоколаден кафез. Нервозни се и од устите им тече пена. Старците имаат заеднички уши, а децата почнуваат да се дрогираат. И што има тука интересно? Ништо. Овде повторно врне и од небото паѓаат отсечени глави. Некогашните еретици се претворија во риби.

Извор: Совршено куси раскази, Темплум, Скопје, 2010.
Слики: Paul Fuentes

Горан Петревски (1970) Пишува поезија, раскази и романи. Во 2004 година, со кусиот роман „Порнографија (прирачник за практичен живот)“ победил на конкурсот на Скопски саем за најдобра дебитантска книга. Ги објавил збирките раскази „Совршено куси раскази“ (2010) и „Одбрани трудови“ (2014), и двете во издание не Темплум. Работи како професор на Економскиот факултет во Скопје.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото