Скопје - Завршен рез

21.06.2016 02:07
Скопје - Завршен рез

Единствен пат кога се приклучив на Шарената револуција некаде на почетокот, беше врнежлив ден и не верував дека ќе се почувствува ентузијазмот од претходните протести. Помислив дека дождот ќе ја спречи посетеноста, но граѓаните излегоа и одлично беше да се почувствува цел тој оптимизам како струи низ студениот воздух. Огромна маса почна да се протега низ ширините. Штом се ислушаа јавните говори, сплотено и весело се фати правец кон зададената маршрута. Убави и паметни луѓе насекаде , емоцијата освежува, дава храброст и сила која носи.

Се фрлаа и балоните со бои кон МНР, наоколу теснец од полиција. Нивната построеност задаваше гнев, но извиците ја пренасочуваа врелината... Масата продолжи кон Стара чаршија.П о пат удри силен ветер, застуде, дождот претера, темницата некако застрашуваше. Напред се веат знамиња од сите бои, тука е и Че на едно црвено од нив. Под Стоковната куќа „Мост“ одекнува ехото на тапанот, ама овој пат не е по звукот на тешкото туку тропа по ритамот на До-Ста-Бе-Ше-МоЛк! Стигнуваме пред влада и гневот се прелеа во стварност.

Добредојдовте во Шареноликоста!

Скопскиот јавен простор конечно ја достигна својата кулминација. Таа се проширува и низ останатите градови. Со неа се случи социјално зреење, еден микс од гнев, надеж, замор, оптимизам, стремеж. Се згуснаа градските празнини кои се драматизираат преку шареноликото делување, просторот еволуира обратнопропорционално од генералниот идиотизам на властодржието.

Интересен момент е, секако, потсмевот кој оваа револуција успеа креативно да го наметне како двигател на отпор против децениската агонија и човечката деградација. Авангарден одговор на бедното и застарено сивило. Затоа беше копирана и од другите европски протести, како оној во Париз. Од ова движење нема спас ни за бофал пропагандата ни за бедните контра-копирања на глупата власт и нејзината краткогледост.

Впрочем, расплетот на оваа спонтаност се состои токму во енергијата собирана сиве овие години на триење и затоа нејзиното тежиште е фокусирано токму преку изливот на боја.

Во скопските утра, по вечерните протести, загушеноста е освежена од колоритен и урбан „вандализам“. Запуштен град чија тишина е пореметена од драматично исфлеканите и избледени споменици кои се во распаѓање. Отпад, на кој му е дојдено времето да се рициклира. Нa глобално ниво архитектите ги надградуваат тезите „Учејќи од Лас Вегас“ („Learning from Las Vegas“), книга на големиот архитект Вентури Скот Браун. Можеби стана и клише сите тие да се повикуваат на него преку градовите во кои живеат, изучувајќи го специфичното и интересното во нив. За жал, од Скопје веќе нема ништо што да се научи. Тој исчезна до некое следно време...

Затоа, шареното револуционирање ќе мора да ги изнајде тие потребни сили за да опстане до конечната победа, да создава решенија со кои ќе мора да ги врати потребните градски визури, толку значајни за Скопје. Но она што можеби ќе остане приоритет од сето тоа е секако континуитетот кој ќе треба оваа сеопшта партиципација да го задржи и во иднина, да претставува темел преку кој ќе се репродуцира повторното создавање на Македонскиот физички простор. Еден вид отворен процес во кој секој ќе твори поединечно, претпазливо и внимателно, за никогаш повеќе да не се случи ваква градска осакатеност. Од ова движење би можело да произлезе и политички субјект, без притоа да претендира на партија, каде би се задржале хоризонталните контури на делување, кои во случајов беа единствените што вродија со плод. Затоа и правото на град може да се самоодржи само преку ваква иницијатива која секојдневно ќе се грижи за хабитатот кој ја опкружува. И не само тоа, со потребната сејавна посветеност може и да се надградува урбаната култура со секојдневни интервенции и придонеси. Нема да има повеќе потреба од партиски штабови и политички трошоци со кои ќе се манипулира просторот и етерот. Нема да има потреба од бескрајни мандати и клиентелистички интереси. Доволна ќе биде само двегодишна служба во Јавно добро, заслужена по демократски пат. И секогаш следователно со нов службеник , кој ќе може слободно да црпи од претходните искуства на колегите. Само така ќе бидеме сигурни дека ќе расчистиме со нашето минато. Градот е социјално општествено добро и нема потреба од него да профитираат поединци. Во таков создаден нов амбиент секој ќе има право и можност да реагира на најдобар можен начин, штом увиди проблем или узурпација и да придонесе за полесно решавање на проблемите од кои сме колективно засегнати. Нема потреба да се гледа ниту лево ниту десно, туку само право, напред!

Затоа ни преостанува уште малку од периодов.

Грдата партија од власта го бара најлошото од нас, Шарената она Најдоброто во нас!

Да се приклучиме дури е време!

Фотографии: Томислав Георгиев

Слични содржини

Ирена Цветковиќ
Активизам / Став
Јавни простори / Култура
Активизам / Фотографија
Активизам / Став
Активизам / Став

ОкоБоли главаВицФото