Timeo hominem unius libri

22.06.2016 10:25
Timeo hominem unius libri

Бев таму со 10.000? 20.000? 30.000? луѓе. Ама баш луѓе.

Многу беа и сите беа многу живи (немаше кукли маскирани како граѓани).

И беа многу различни. Млади и стари и жени и мажи, со различно образование, со различна етничка припадност, со различни уверувања и политички определби. Имаше ептен леви и ептен десни и некои многу во центарот и некои без никакви политички определби.

Беа таму не затоа што некој ги присилил, затоа што им се заканил, затоа што ги купил или ги подмитил.

Не.

Беа таму затоа што се свесни и достоинствени човечки суштества, кои знаат дека живеењето во смрдлив ќенеф не е највисокиот дострел на живеење и дека имаат право на подобар живот, повеќе права, поголема заштита, поголема слобода. Беа таму затоа што знаат дека имаат право на иднина, ама и на сегашноста во која ќе живеат како луѓе, а не како стока.

Сите знаеја точно зошто се таму. Знаеја што бараат и што очекуваат.

И сите беа многу бесни. Бесни што и после јасно искажаните барања сè уште мафијата ги држи конците во свои раце. Бесни на себеси што толку години трпеле и бесни на сите оние кои не се таму и со тоа го помагаат преживувањето на криминалците на власт.

Бесни доволно за да посакаат да ја освојат зградата на Собранието и покрај кордоните полицајци и водените топови и гумените куршуми и шок бомбите и солзавецот и пендреците. Беа само на чекор од ова. И најверојатно, доколку мафијашите кои се на власт не станат свесни за огромната моќ на насобраниот бес кај граѓаните, идниот пат ќе го направат тој чекор. И тоа значи жртви, и значи бесмислено насилство и значи бесмислено разурнување.

И да сум на нивно место, ќе се плашам од бесот кој ќе се излее, не врз спомениците, не врз зградите, не врз објектите, туку врз нив самите. Долго собиран бес на луѓето кои биле лажени и мамени и газени и понижувани и убивани.

Мислам дека е последен момент да се тргнат. Додека можат.

Бев таму со 100?,200?, 500?, 1.000? полицајци. Многу тажна збирштина.

Не верувам дека кој било од нив го прочитал или го разбрал Законот за полиција и членот 3 од овој закон во кој се вели:

Основна функција на Полицијата е заштита и почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори…

Не верувам дека што било им значи оваа законска определба ставена пред заштитата на јавниот ред и мир, пред спречувањето и откривањето казниви дела, пред заштитата на правниот поредок. А за правата се работи. И основното право на луѓето да се побунат против валста која краде и лаже и убива.

Можеби еден ден ќе ја разберат.

Навидум бевме ние и тие. Ние облечени во маички (платени од наши пари) и дојдени таму за без пари, а тие облечени во униформи, панцири, со оружје и штитови (платени исто така од наши пари) и дојдени таму платени со наши пари.

Само навидум бевме ние и тие.

Всушност бевме ние (ние облечени во маички и ние облечени во униформи, панцири, со оружје и штитови).

Сите ние кои го дишеме најзагадениот воздух на светот, сите ние кои пиеме најзагадена вода во Европа, сите ние кои имаме најнизок стандард во Европа, сите ние кои имаме најлошо образование во Европа, сите ние кои имаме најкорумпирана власт во Европа, сите ние кои имаме најлошо здравство во Европа, сите ние кои имаме најкраток век на живеење во Европа, сите ние кои живееме во држава со највисока смртност на доенчиња во Европа.

И ние облечени во униформи, панцири, со оружје и штитови не разбираат дека нивните мајки и таковци и нивните деца и браќа и сестри ќе умираат затоа што некој ги потрошил парите наменети за здравство за гаќестиот позлатен споменик кој го штитеа. Ние облечени во униформи, панцири, со оружје и штитови не разбираат дека имаат право на подобар живот, на иднина и имаат право да влезат во 21 век каде што се наоѓа остатокот од Европа. Ние облечени во униформи, панцири, со оружје и штитови не разбираат дека се ние, а не оние со мерцедеси купени од наши пари, со гардероби купени од наши пари, оние кои трошат 4.000 евра на ручек за четворица (наши пари), оние кои ги трошат нашите пари на палми, стиропор и рингишпили, додека ние тонеме во каљуга.

Ние облечени во униформи, панцири, со оружје и штитови не разбираат дека оној чии наредби ги слушаат веќе уби осуммина нивни колеги и спремен е и сите нив да ги жртвува за да ги заштити украдените пари. Ние облечени во униформи, панцири, со оружје и штитови не разбираат дека 30.000 луѓе можат да ги прегазат, ама не сакаат затоа што се ние.

И ние облечени во униформи, панцири, со оружје и штитови не разбираат дека една професорка на свои 60 години изиграва лудача и им се дере, затоа што знае дека се ние и дека не сака да настрадаат затоа што некој одзади ги подбуцнува и манипулира и искористува, за да си го заштити сопствениот криминален газ.

Вчера бев таму со ние во маички кои знаат што сакаат и со ние облечени во униформи, панцири, со оружје и штитови кои уште не разбираат дека се ние.

И ќе дојдам повторно, и повторно и повторно… Сè додека сите ние не успееме да го пречекориме јазот и да почнеме да си ја градиме сегашноста на 21 век.

А ние облечени во униформи, панцири, со оружје и штитови кои уште не разбираат дека се ние вчера не го штитеа споменикот на Прометеј.

Легендата за Прометеј, титанот кој ги сакал луѓето повеќе од боговите, се жртвувал за нив затоа што сакал да ги направи рамни на боговите и заради тоа бил сурово казнет, е една од најпрекрасните легенди од грчката митологија. И длабоко хумана.

Никако не може да биде споменик на Прометеј она позлатено човече со см’кнати гаѓи кое го поставија мафијашите како дел од големата пералница на пари. А токму тоа кичесто ругло го штитеа вчера ние облечени во униформи, панцири, со оружје и штитови кои уште не разбираат дека се ние.

Ме прашаа дали се плашам од полицијата. Јас им реков дека не се плашам од ние облечени во униформи, панцири, со оружје и штитови кои уште не разбираат дека се ние.

Меѓутоа, се плашам од секој човек кој има прочитано само една книга и кој мисли дека позлатениот кич е културно наследство. Е, од таквите многу се плашам.

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото