Верижен генератор (11)

22.06.2016 12:05
Верижен генератор (11)

Никола Маџиров

СЕНКИТЕ НÈ ОДМИНУВААТ

Еден ден ќе се сретнеме,
како бротче од хартија и
лубеница што се лади во реката.
Немирот на светот ќе
биде со нас. Со дланките
ќе го помрачиме сонцето и со фенер
ќе се доближуваме.

Еден ден ветрот нема
да го промени правецот.
Брезата ќе испрати лисја
во нашите чевли пред прагот.
Волците ќе тргнат по
нашата невиност.
Пеперутките ќе го остават
својот прав врз нашите образи.

Една старица секое утро
ќе раскажува за нас во чекалната.
И ова што го кажувам е
веќе кажано: го чекаме ветрот
како две знамиња на граничен премин.

Еден ден сите сенки
                               ќе нè одминат.

 

Иван Шопов

Кога верижниот генератор стигна до мене, немав никакви дилеми дека ќе изберам песна од книгата „Преместен камен“ (2007) на Никола Маџиров. Проблемот настана кога требаше да издвојам една конкретна песна од книгата, која ја сметам за една од најважните во македонската поезија објавена изминативе две-три децении. Се обидов да ги замислам песните од „Преместен камен“ како мали, кршливи фигуринки од кристал, грижливо обликувани скулптури од песок, како остаток од чкорче што станува прав кога некој ќе го допре. Зашто, бездруго, нивната деликатност е таква. И тоа не ми помогна многу. На крајот, сликата од почетните стихови на „Сенките нè одминуваат“ беше пресудна за да се решам за оваа песна. Средба на бротче од хартија и лубеница што се лади во реката - Маџиров, како некаков припитомен Лотреамон, зема две сосема обични слики од секојдневието, но ги соединува во моќен спој, без претензија за создавање шокантент ефект. И целата негова поетика се темели на такви слики - питоми, а силни. Сугестивни, а непретенциозни. Во поезијата на Никола Маџиров нема фразерство, нема раздрдореност, нема употреба на излитени зборовни спреги - сето она што и Орвел препорачува дека не смее никако да се прави во еден книжевен текст. А, за овие доблести, македонската поезија, па и книжевност воопшто, допрва треба многу да учи. Затоа, мојот избор паѓа на „Сенките нè одминуваат“. Зашто денес џентлменскиот однос кон зборот и јазикот е реткост во македонската поезија.

ОкоБоли главаВицФото