Земјата со непредвидливо минато

23.06.2016 09:54
Земјата со непредвидливо минато

Земјата во која едните носат икони со Николај Втори, а другите чекаат ред да положат цвеќе на гробот на Сталин; земјата во која Санкт Петербург е престолнина на Ленинградската, а Екатеринбург на Свердловската област; земјата во која граѓанската војна, завршена пред речиси 100 години, како сè уште да трае – со сите тие карактерни нијанси на руската политика на сеќавањата (Geschichtspolitik) се занимаваа историчарите на неодамнешната конференција во Осло.

За тоа, зошто руското општество се движи кон иднината дискутирајќи за минатото, кое го интерпретира на крајно каприциозен начин, зборува историчарот Иван Курила, професор на Европскиот универзитет во Санкт Петербург. Разговорот со него го водеше соработникот на Радио Свобода, Јарослав Шимов.

Собирот на историчарите во Осло, на кој учествувавте и вие, имаше помалку циничен назив „Иднината на руското минато“. Според тој назив може да се каже дека меѓу западните историчари врежано е мислењето дека Русија е земја со непредвидливо минато.

Да, може и така да се каже, но тоа го мислат и историчарите надвор од западот. Идиомот е руски, а го прифаќаат сите кои се занимаваат со нашата историја. Русија беше главна тема на собирот, иако дискусиите ја допираа политиката на сеќавањата и „војната за историјата“ и во земјите од централна и источна Европа, односно нашите соседи. Се покажа дека манифестациите на нашата политика на сеќавањата се дијалошки поврзани со оние во Полска или во Украина. Често меѓусебно се судираат и испреплетуваат реакциите за она што е кажано, напишано или направено од наша или нивна страна.

Која е причината што историјата во овој дел од светот е толку важна? Таа во голема мера ја форматира актуелната политика, го одредува доживувањето на реалноста, а често и ги дефинира националните идентитети. Во што е проблемот? Во западните општества историјата не се доживува со толку страст и ни одблизу не се актуелизира толку.

Една од причините е тоа што ние релативно скоро преживеавме радикален историски пресврт – слом на советскиот систем. Тогаш, логично е општеството да се насочи кон своето минато. По Француската револуција исто така владеел голем интерес за минатото. Веројатно истото се случи и кај нас по распадот на Советскиот Сојуз.

Второ, кај нас, јазикот на кој се зборува за политиката со децении беше користен во посебни цели. За разлика од европската политичка традиција, едноставните зборови како што се либерализам, демократија или избори, во Русија со години имаа поинакво значење. Се покажа дека да се изговори што било непосредно за политиката, политичките врски, интересите или актуелните случувања практично е невозможно. Но, ако се прибегне кон историјата, разговорот станува разбирлив. Како денес во Русија се одредуваат политичките гледишта на граѓаните? На пример, да се каже за некого дека е демократ или либерал – вообичаено значи малку. Не е секогаш јасно за кого всушност се работи. Може да се помисли дека станува збор за припадник на Либерално-демократската партија на Жириновски, што исто така апсолутно не значи ништо. За припадниците на Единствена Русија и да не зборуваме. Но, кога за некој ќе се каже дека е сталинист или обратно, дека е противник на сталинизмот, нештата веднаш стануваат појасни. Се покажува дека во разговорите за проблемите на современоста и политиката, единствено е прифатлив јазикот на историјата. Тој отвора можност за разговор за што било.

Третата причина е тоа што кај нас исчезна идејата за иднината. Советскиот сојуз беше репресивен и авторитарен општествен систем, но истовремено нудеше (дури и цврсто ветуваше) „светла иднина“. На жителите на денешна Русија, најблаго кажано, иднината им е нејасна. Кон што тежнееме? Кон што се стремиме? Мојата потесна специјалност е американистиката и затоа знам дека, на пример, во САД многу важна улога во дефинирањето на заедништвото игра претставата кон какви идеали се стреми американското општество, односно како се одредува сликата за посакуваната иднина. Во Русија веќе ги нема тие слики и затоа во неа се можни само разговори за историјата. Кога нема иднина – останува само минатото.

Деновиве објавивте и еден интересен текст за политиката на сеќавањата. Во него тврдите дека власта во последно време се труди да ја спречи ползечката рехабилитација на Сталин. Односно, судирајќи се со чудниот феномен дека во современата општествена свест Сталин повторно станува херој, власта плашливо почна да му се спротивставува на тоа. Што се случува? Дали Кремљ навистина сака да го спречи враќањето на призраците од советското минато или на дело е некоја многу посложена, поделикатна игра со нашето историско паметење?

Се разбира, за мене е тешко да знам што всушност мислат луѓето на власт. Можам да судам само според одредени знаци, настани и одлуки кои тие ги донесуваат во последно време. Од почетокот на 2014, а особено во текот на 2015, во целата земја почнаа да никнуваат споменици и музеи на Сталин, а неговиот лик сè почесто се појавуваше во својство на маркетиншко решение на разни политички движења и партии, најчесто комунистички. „Левада центарот“ редовно вршеше истражувања на јавното мислење со прашања во однос на пошироката јавност спрема Сталин. Во пролетта 2014 година е забележан голем скок на бројот испитаници кои имале позитивно мислење за Сталин. Руската власт никогаш не го користела Сталин за пропагандни цели, но и покрај тоа бранот позитивно расположение кон него ненадејно порасна. Ми се чини дека ненадејната промена на официјалната политика на земјата доведе многу луѓе до логичен заклучок дека она што се случува во последните години во Русија може да се опише со јазикот на Советскиот сојуз од времето на Сталин. Тоа било време кога Советскиот сојуз ги ширел своите граници, што тогаш се сметало за позитивен процес во „развојот“ на земјата. По завршувањето на владеењето на Сталин тоа исчезнало. Излегува дека за повеќето наши сограѓани анексијата на Крим беше враќање кон оној поглед на светот кој во Советскиот сојуз важеше во средината на 20 век, токму во времето на владеењето на Сталин.

Со својот текст сакав да потенцирам дека се сомневам дека тоа била замислата на највисокото раководство на земјата. Во текот на последните 15 години имавме повеќе можности да го слушнеме изјавите и на Путин и на Медведев од кои јасно можеше да се види што мислат тие за Сталин и сталинизмот. Мислам дека Советскиот сојуз на Сталин не е моделот за кој се залага денешен Кремљ. Ако веќе зборуваме за Советскиот сојуз, повеќе изгледа дека Кремљ го следи моделот на Брежњев. Во почетокот на 2015 година, ако се сеќавате, на Јалта беше откриен споменикот на „големата троица“. Веднаш потоа, во Липецк беше подигнат уште еден споменик на Сталин, а од останатите региони забрзано почнаа да пристигнуваат вести дека и тамошните локални администрации исто така подготвуваат слични потфати.

А, потоа, во август минатата година, среде еуфоричниот бран на „ресталинизацијата“, владата од некаде го извлече одамна подготвениот предлог закон за сеќавање на жртвите на политичките репресии, го испрати на усвојување во Думата и тој, поминувајќи ги сите процедури, оваа пролет стана важечки закон. Комплетно антисталинистичкиот проект е подготвен во рамки на претходно занемарената програма за десталинизација на општеството. Со тоа, барем мене ми изгледа така, од страна на власта е испратена порака дека Кремљ нема намера да поддржи каков било облик за „ревитализација“ на Сталин.

Кога зборувате за таканаречениот формат на општествената свест, за погледот на светот кој, како што рековте, сè уште е задоволен и значаен дел од општеството, тогаш како го објаснувате неговиот жилав опстанок? Ние веќе 25 години не живееме во СССР. Дали тоа не е последица од тоа што во деведесеттите години од минатиот век не дојде до преобликување на историското сеќавање, до „десталинизација“ или пошироко земено „десоветизација“ на општеството.

Може и така да се објасни. Но, кога зборуваме за нешто што не се случило, треба да се има предвид и тоа дека некои настани, колку и да ги посакуваме, можеби не ни можеле да се случат. Можеби еден дел од општеството или власта не ги поддржувале активно и во доволна мера овие процеси, но дозволете ми оваа ситуација да ја споредам со, да речеме, денацификацијата на Германија. Таа беше спроведена во услови на целосен воен дебакл на Германија, во услови на окупација од страна на сојузниците. Дали десталинизацијата на Русија може да биде спроведена во услови кога значаен дел од населението го гледа Сталин како позитивен херој? До што би довело тоа? Не е исклучено тоа да доведе до масовен граѓански конфликт. Тешко можам да замислам дека која било власт е подготвена да предизвика таков вид општествен конфликт во рамки на општеството. Бидејќи секоја власт речиси инстинктивно се обидува да обезбеди некакво единство на нацијата. Мислам дека оваа логика доведе до тоа во деведесеттите години, во време навидум поволно за ваков општествен потфат, сепак кај нас да не дојде до десталинизација.

А, тоа што денес гледаме враќање на разни облици сталинизам секако заслужува да биде истражено. Затоа што луѓето кои денес се претставуваат како сталинисти се дел од разновидната група. Сите тие од многу различни причини се восхитени од Сталин. Тука се комунистите кои во Сталин гледаат „стамен и најверен болшевик“. Постојат и оние кои ги критикуваат припадниците на сегашната власт и сметаат дека Сталин е нивна спротивност: „тогаш имаше ред“, немаше корупција, индустријата цветаше, а сега сè е обратно. Некои луѓе во Сталин гледаат човек кој на земјата ѝ донел победа во Татковинската војна, и тоа е најважно за нив. Со еден збор, не постои единствен лик на Сталин, туку тенденција тој да се подели на голем број етикети и потоа секој за себе да ја избере само онаа која нему наводно му одговара.

Сведоци сме и на интересните појави со кои наместо „изворниот“ сталинизам кој како некаков вид наследство го носат оние кои сè уште се сеќаваат на Советскиот сојуз и кои заради оваа или онаа причина го ценеле Сталин – се појавува некаков постмодерен сталинизам. Се работи за луѓе кои велат: да, ние знаеме за крвавата сталинистичка репресија, но ние не го поддржуваме неговиот модел на владеење. На дело е своевидна интелектуална игра: ние би го користеле Сталин „вака, а не онака“. Затоа мислам дека би требало да се има предвид дека современиот сталинизам е токму „таков“, значи мошне лабава и конфузна конструкција.

Извор: http://www.svoboda.org

Слични содржини

Европа / Свет
Европа / Свет
Општество / Европа / Став / Теорија
Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото