Иванов за малку ќе ја повикал армијата во рудникот за злато кај Анска Река

23.06.2016 15:58
Иванов за малку ќе ја повикал армијата во рудникот за злато кај Анска Река

Скопје, 23 јуни 2016

Претседателот Ѓорге Иванов во интервју за Пара вести открива ексклузивен податок кој не го обелодени во своето спектакуларно обраќање до нацијата.

Имено, во најтешките и најдраматични моменти од политичката криза, размислувал да ги повика припадниците на македонската армија во рудникот за злато кај Анска Река.

„Малку недостасуваше ситуацијата да излезе од контрола. Македонија е на удар од ЕУ, НАТО, САД, темпларите, масоните, Харе Кришна, Мароко, Тибет, Сорос, СДСМ... Ситуацијата беше пред ескалација, па морав да преземам решителни мерки. Требаше или да почекам кризата да ескалира, па да реагирам, или да реагирам превентивно“, објаснува претседателот Иванов.

„Армијата веќе беше на готовс, спремна да влезе во рудникот за злато кај Анска Река, да почне со копање, а Македонија за една недела да се претвори во Дубаи, земја во која повеќе нема да има никакви причини за незадоволство и протести. Потоа се сетив дека таков рудник не постои и ја донесов аболицијата“, коментира македонскиот претседател.

Но, тој сè уште не се откажува од употреба на македонската армија во најлош случај.

„Ако работите пак се движат кон ескалација, ќе морам да ја употребам македонската армија за да ми помогне во составување сложени реченици при обраќањата“, најавува Ѓорге Иванов.

Слика: Милчо Велјаноски

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото