Острови

24.06.2016 12:54
Острови

Островјаните на еден од најубавите европски острови, Тера или Санторини, живеат необичен живот кој би можел да биде земен како пример за островски начин на живот. Често им се случуваат земјотреси и вулкански ерупции, зашто од двете страни на островот има по еден голем и активен вулкан. Некаде во средината на третиот милениум пред нашата ера, една таква вулканска експлозија сосема го уништила островот и оставила само полукружен дел од копното: во средина на кратерот се островите кои изникнале по многу подоцнежните ерупции. Жителите на Тера пред експлозијата ги напуштиле своите населби, повеќекатните куќи со канализација, улиците, магацините со садови за жито и масло заѕидани во земја (поради потресите), преубавите фрески на ѕидовите, финиот плетен мебел: најден е само еден костур од прасе, а бегалците веројатно ги стигнало цунами на море, кое ги убило нив и добар дел од населението на Крит, и тешко ја оштетило величествената минојска цивилизација. Денес на островот се живее на специфичен начин: нема доволно вода, таа доаѓа главно во шишиња, делот непогоден за пиење се издвојува од морската вода; канализацијата е чувствителна, од културите главно успева винова лоза, домат и жолта леќа. Многу од такси возилата на Тера се руски, кои добро го издржуваат снегот - во овој случај песокот, така што натписите во возилата се на кирилица. Накратко, животот на островот е тежок, главно посветен на туризмот, зависен од превозот преку море. Па сепак, некој - богатите Руси, откриле дека тоа е остров кој им одговара, така што цените на троглодитските станови се качија до астрономски височини: некои богаташи сакаат ризик.

Меѓу грчките острови кои државата ги понуди на продажба повеќето се напуштени, без жители, или со инфраструктура преостаната од некој дамнешен туристички проект... или политички проект. Во антиката понекогаш опасните луѓе, поранешните владетели, како римскиот цар Тибериј, ги праќале на острови, од каде не можеле да претставуваат опасност за новите владетели. Престојот на Тибериј на Капри е опишан и како време на неговото лудило, перверзија и целосна раскалашеност. Другите, прогонети на островите, немале такви можности, По Втората светска војна, двата идеолошки спротивставени режими, грчкиот и југословенскиот, ги искористувале природните медитерански ресурси, и на негостољубивите острови ги прогонувале своите политички противници. Макрониси, Јарос, Голи Оток, Свети Гргур остануваат споменици на мачењето, физичко и психичко. Но не само тогаш: Австроунгарското царство на Голи Оток ги испраќало руските заробеници во Првата светска војна.

Кога грчката полковничка хунта падна, во 1974, цело лето од островите-затвори сè уште пристигнуваа затвореници; југословенските немаа право на спомени, освен приватни, сè до периодот по смртта на Тито, кога почнаа да се објавуваат спомени, биографии, автобиографии и документи. Во двете култури тогаш се зборуваше за „логорска книжевност“. Колку луѓе умреле на островите, грчките и југословенските, и колку воопшто имало таму, сè уште не е во целост утврдено. Освен многуте југословенски филмови, извонредно сведоштво за грчките острови-логори е филмот на Пантелис Вулгарис, „Happy Day“ (1976).

Дали само убавото незнаење или монструозната безобѕирност го натера младиот австриски министер за надворешни работи Курц да предложи логори за бегалците на грчките острови, останува непознато. На некои острови, како на Хиос, логори кои го уништуваат човечкото достоинство и животи веќе постојат. Но не е тешко да се замисли дека некои привлечни острови ќе останат на продажба, додека други, помалку привлечни, ги чека судбината на унесреќување на луѓето. Можеби и тука ќе се најдат богаташи кои сакаат опасност, спремни да го купат островот на блажените во соседство на островот на проклетите? Можеби и ќе најдат некој згоден начин за експлоатација на логорашите за свои потреби? Во книжевноста на нашата младост, експлоатираните ги виде и за нив се бореше извесен измислен капетан Немо, во романот „Дваесет илјади милји под морето“ на Жил Верн. Кој ќе го прави тоа денес, кога во ЕУ сè уште никој не реагираше на скандалозниот испад на министерот? Во секој случај, летувањето, островот и другите забави за распуст добиваат морбидни одлики.

Другата островска ноќна мора која ја следи ЕУ како логична казна за неодговорното однесување, е излегувањето на големиот остров од заедницата. Прво се израдував, мислејќи дека ЕУ повеќе нема да ги плаќа бесрамно скапите и исто толку бесмислени аграрни проекти на британското кралско семејство, а потоа помислив дека круната сега ќе бара средства надвор од заедницата, без поголеми проблеми, и можеби во пакет со кандидатите за ЕУ, обележани со крајна беда, посебно во областа на земјоделството. Малку се забавував со постапокалиптични визии од иднината: Влезот во тунелот под Ла Манш затворен прво со бодликава жица, а потоа со ѕид, враќање на непосакуваните посетители од Велика Британија во големи гумени чамци, можен глад на островот итн. Сето тоа е само неизвесно играње со нервите на целиот потконтинент, и во двата можни случаи ќе има пред сè, и можеби единствено, последици врз нервите на граѓаните од двете страни: изолационизам, омраза, неспособност за комуницирање, сè повеќе насилство... Впрочем, сето тоа веќе го смислија и го опиша културите на стрипот, Б-филмовите, и СФ продукциите во разни медиуми.

Островите во Европа, како што изгледа, мораме да им ги препуштме на богаташите, на репресивниот апарат или комбинација од тие две популации. Во грчката митологија постоел остров кој пловел под површината на водата: Кога љубовницата на Зевс морала да роди, веќе долго прогонувана од сопругата на Зевс, Хера, островот се кренал над водата, и на него прогонетата мајка ги родила близнаците Артемида и Аполон. Така настанал светиот остров Делос. Близнаците се примени во високото божјо семејство, дури и Хера ги примила. Некако се надевав дека некаде ќе се појави ваков благороден остров: откако е убиена младата, паметна пратеничка, мајка на две деца, и тој островски сон исчезна. На телевизија слушнав Англичанка која на прашање на новинар за заминување или останување од ЕУ на референдум одговара: „За останување, секако, не сум идиот!“ Да се надеваме, госпоѓо.

Извор: The Guardian, 23.06.2016


ОкоБоли главаВицФото