Феноменот „Изгубени“

18.05.2010 10:59
Изгубени

„Изгубени“ е најскапата, најоригиналната и најпрофитабилната ТВ серија која си го најде своето место меѓу најдобрите серии на сите времиња. Последната 121-ва епизода ќе се прикаже на 23 мај во САД и ќе трае цели два и пол часа.

Кога наредната недела во полноќ по локално американско време ќе заврши последната епизода, по цели шест години ќе се спушти завесата на серијата „Lost” - најскапиот, најоригиналниот и еден од најинтересните телевизиски феномени воопшто. Последната епизода, симболично наречена „The End”, ќе трае цели два и пол часа. Списанието Time направи двочасовно интервју со творците на серијата кое пред крајната епизода ќе се прикажува во кино-салите.

Иновативниот маркетинг и интеракцијата со гледачите, храбро раскажаната приказна и милионите вложени долари од „Изгубени“ создадоа движење и поп-културна појава која промени многу сегменти од американската ТВ продукција. За серијата досега се напишани повеќе од 20 книги, дел од страна на обожавателите, дел од стручњаците, а серијата редовно ги освојуваше наградите Emmy и Златен глобус во најважните категории. Како пандан на Википедија постои и Лостпедија, интернет енциклопедија која моментално брои 7000 текстови. Списанието Time ја смести „Изгубени“ на листата стоте највлијателни серии на сите времиња; списанието Empire ја смести серијата меѓу петте најдобри (први се Симпсонови, Сопранови, Западно крило и Бафи).

Преживување на остров

Неколку сегменти ја направија успешна оваа серија. Како прво, станува збор за добар заплет со оригинален начин на раскажување и убедлив изградени ликови. Приказната оди вака: патнички авион на летот од Сиднеј до Лос Анџелес поради необјасниви причини се урива на ненаселен тропски остров во Пацификот. Несреќата ја преживуваат 48 патници кои меѓусебно не се познаваат. Меѓу нив се и Џек Шепард, лекар од Лос Анџелес, инвалидот Џон Лок, Кејт Остин која го убила татка си, Клер Литлтон која е бремена, рок ѕвездата Чарли Пејс кој е зависник од хероин, ирачкиот војник Сајид Џара, корејскиот наплатувач на долгови Џин Квон... Тие набрзо сфаќаат дека помошта нема да стигне и дека на необичниот остров не се сами. Патниците мораат да најдат заеднички јазик за да преживеат и да најдат начин да побегнат од островот.

Вака отприлика звучи кратката содржина на првата сезона која почна да се прикажува во 2004 г. Во втората сезона преживеаните откриваат низа подземни лаборатории кои некогаш ги користела необичната мултинационална компанија Dharma Initiative, чии научници и инженери мистериозно исчезнале. На островот се појавува и крволочната група луѓе, т.н. „Другите“ кои ги грабнуваат преживеаните и над нив вршат необични експерименти. Загадочност има сè повеќе, а приказната отвораше предизвикувачки прашања за судбината и случајноста, доброто и злото, науката и верата...

Златна кокошка

ABC набрзо сфати дека во рацете има златна кокошка, па беше одобрен огромен буџет, дотогаш незамислив за некој телевизиски проект. Целата продукциска екипа, вклучувајќи ги и глумците и попратната инфраструктура, секоја година по неколку месеци престојуваше на еден хавајски остров кој, всушност, беше островот од серијата. Одзивот на публиката беше огромен. Иако „Изгубени“ почна како survival драма, всушност се работи за научно-фантастична мистерија која секогаш има верен, но потесен круг на публика. „Изгубени“ во првата сезона во просек имаа 16 милиони гледачи во живо, а веднаш станаа рекордери и по бројот на гледачи на репризите и симнувањата од интернет. Стотици обожаватели отпатуваа на Хаваите за да го гледаат снимањето кое се одвиваше под превезот на таинственоста. Почетокот на „Изгубени“ се совпадна со ширењето на друштвените мрежи Facebook и Twiter, па промоцијата во целост беше префрлена на интернет.

Авионот кој се урна е дел од флотата на измислената авиокомпанија Oceanic Airlines, а авторите на серијата отворија и лажна интернет страница на компанијата Oceanic, претставувајќи ја како вистинска, па дури и примаа резервации за летови. Исто така, обожавателите преку интернет можеа да се вклучат како волонтери во Dharma Initiative која не постои во реалноста. Таквиот вид интеракција создаде верна обожавателска база, а илјадници гледачи имаа своја теорија за што точно се работи во серијата, што претставува островот, со какви експерименти се занимавала Dharma Initiative и сл. Соер, еден од клучните ликови, во серијата редовно чита книги. По секоја епизода книгата што ја држеше во рацете стануваше бестселер, а во својата емисија ги претставуваше дури и Опра.

Пауза во прикажувањето

Еден од главните творци на серијата е Џ. Џ. Ејбрамс (J. J. Abrams). Ова холивудско чудо од дете веќе со години сè што ќе допре го претвора во заработувачка. Израснал на сериите од 1960-те и 1970-те, како „Зона на самракот“, „Невозможни мисии“, „Ѕвездени патеки“ и „Ѕвездени војни“ на Лукас. Кога премина на големото платно немаше доволно време за „Изгубени“, па водењето на приказната им го препушти на Дејмон Линделоф и Карлтон Кјуз. Серијата во 2006 г. за првпат запаѓа во проблеми. Целата „фрка“ околу „Изгубени“ попушта по малку, а како што серијата сè повеќе навлегуваше во НФ и хоророт, ја губеше широката публика. Обожавателите почнаа да се сомневаат дека серијата некогаш ќе одговори на прашањата која самата ги постави и дека творците го одолговлекуваат дејствието бидејќи не знаат каде да продолжат со приказната. Одмогна и штрајкот на сценаристите кој ги потресе темелите на американската ТВ индустрија. Како и останатите серии, „Изгубени“ мораа да направат голема пауза во прикажувањето бидејќи немаше кој да ги пишува новите епизоди. Дејствието стана прегломазно и публиката речиси се преполови.

Конечно решение

Тогаш ABC, заедно со Ејбрамс, Линделоф и Кјуз, се решава на ризичен и дотогаш невиден потег. Првин беше објавено дека целата серија е однапред замислена од почеток до крај и дека сценаристите веќе по првата епизода знаеле како ќе изгледа последната епизода. Тогаш, за да им докажат на обожавателите дека дејствието има смисла и дека сите загатки ќе бидат решени, однапред го најавија точниот број на епизоди до крајот на серијата и датумот, три години во иднината, кога „Изгубени“ ќе завршат.

На тој начин „Изгубени“ го урнаа правилото на дотогашните успешни серии кои ТВ куќите ги молзеа сè додека носеа заработувачка (најдобар пример се „Досиеја Икс“), а кои немаа смислен крај туку беа укинувани без смисла и без размислување.

Тоа наголемо го промени начинот на кој се гледаа „Изгубени“. Обожавателите добија ветување дека на крајот нема да бидат измамени и дека ќе им се исплаќа да вложат шест години во следење на приказната и чекање на конечното решение. Па така, публиката почна да се враќа.

Нарацијата на целата серија исто така е оригинална. Наместо да ги запознаваме главните ликови само преку она што се случува на островот, авторите решиле секоја епизода да му ја посветат на еден лик. Напоредно со дејствието на островот, преку повремени флешбекови го откриваа минатото на истиот лик – кој е, што е и зошто воопшто се качил на авионот. Постапките на јунаците од минатото дополнително ги објаснуваа нивните постапките на островот, што придонесуваше за веродостојноста на градењето на ликовите. Набрзо дејствијата од минатото ќе станат подеднакво важни како и дејствието на островот, бидејќи до крајот на третата сезона гледачите ќе сфатат дека преживеаните со своите постапки во минатото влијаеле на останатите преживеани, а не биле свесни за тоа, или дека веќе се имале сретнато, па дури и дека биле роднински поврзани.

Дел од стогодишна игра

Така, набрзо се воспоставува дека преживеаните завршиле на островот со некаква цел и дека можеби се и намерно донесени. Сфаќаат дека се дел од играта која се одвива со столетија. На тој начин, сложувалката на „Изгубени“ станува уште посложена, а кога е воведено и патувањето низ времето, многу обожаватели почнаа да се откажуваат од серијата. Во еден миг серијата следи три временски правци, четири групи луѓе, нивното меѓусебно испреплетување и влијанието на едните врз другите. За некои тоа беше премногу, додека оние кои останаа верни го бараа токму тоа.

Покрај сложеното дејствие, „Изгубени“ дополнителна сила црпеше од бројните серии, филмови, книги, филозофски гледишта и научни теории на кои се повикуваше. Творците, широко образовани и опседнати од поп-културата и науката, набрзо развија неколку теми и теории кои ќе останат трајно наследство на „Изгубени“. Исто како што идеите за транспортација, фејзерите и ворп брзините веќе со десетлетија се поврзуваат со „Ѕвездени патеки“, така и броевите, копчињата, константите и електромагнетите ќе се поврзуваат со „Изгубени“. За што се работи?

Равенката на Валенцети

Концептот со броеви е тесно поврзан со фикционалната равенка на Валенцети. Имено, ликовите низ целиот остров, а подоцна и низ животот во минатото, ќе се среќаваат со одредена низа бројки 4, 8, 15, 16, 23 и 42. Еден од главните ликови, симпатичниот дебелко Hurley, ќе ги искористи истите бројки на добитното ливче за лото кое ќе му донесе милиони.

Творците на „Изгубени“, напоредно со појавувањето на броевите во серијата, на интерет објавуваа лажни податоци за италијанскиот математичар Енцо Валенцети кој ги искористил тие броеви за да создаде формула која открива кога точно ќе дојде до уништување на светот. Гледачите масовно пребаруваа низ интернет по вистината, додека авторите на серијата итро подметнуваа разни траги, како оние на наводните снимки од заговорничките телефонски повици.

Се разбира, сето тоа беше само добар трик, бидејќи ништо не беше реално. Сепак, страствените обожаватели и понатаму ги користат истите бројки на лото ливчињата.

Патувањето низ времето преку „Константите“ исто така е идеја која ја популаризираше оваа серија, а беше инспирирана од Стивен Кинг. Патувањето низ времето е можно, ама низ времето не патува телото туку само умот, на тој начин создавајќи низа паралелни стварности кои постојат независно една од друга, но меѓусебно си влијаат. Авторите на теоријата за патниците низ времето измислија нивни константи, луѓе или предмети во вистинската стварност за кои мора да се поврзат за да не го изгубат разумот.

Како противтежа на ова, сценаристите во серијата вметнаа и мистика, вера и филозофија. Покрај броевите и разните уреди, стојат моралните дилеми на главните ликови, нивната подвоеност на добро и зло, како и на оние кои веруваат во смислата и оние кои веруваат во случајноста. Љубовта, искупувањето и борбата меѓу светлината и мракот се подеднаков важен сегмент на серијата. Имињата на многу ликови (Џон Лок, Даниел Фарадеј, Дезмонд Хјум...) намерно алудираат на имињата на филозофите, а ликовите често се однесуваат според начелата на научниците чие име го носат. Клучните прашања заедно со силната митологија и науката во серијата отсекогаш претставуваа лични драми на јунаците.

За секој по нешто

Женската популација ја следеше серијата поради згодните глумци и нивните љубовни односи. „Гиковите“ ја гледаа поради митологијата и НФ елементите. Вљубениците во хоророт и мистиката во неа наоѓаа скриени значења и вечна борба меѓу доброто и злото. Останатите уживаа во акцијата и авантурите. Интелектуалците бараа скриени значења и посвети на филозофите, математичарите и писателите.

Иако е тешко да се признае дека серијата со текот на времето ги изгуби оној почетен шарм и занес, „Изгубени“ и денес останува една од најумно разработените содржини кои ги понудила телевизијата. Во последната сезона се почувствува падот на квалитетот и еланот, па добро е тоа што ABC објавија дека следната недела навистина ќе им дојде крајот на „Изгубени“. И додека најдобрите епизоди на „Изгубени“ претставуваат мали ремек-дела, оние најлошите се исто така подобри од многу серии што моментално се прикажуваат на телевизија.

Извор: jutarnjilist.hr

Blagodarnost

Kako lojalen fan na izgubeni vi se zablagodaruvam za toa sto go objavivte za Lost i vi davam pofalba

Супер текст за супер серијата

Супер текст за супер серијата LOST - Браво ОКНО!

 Не навлегувам во вкусовите,

 Не навлегувам во вкусовите, има многу луѓе на кои им се допаѓа серијата. Со тоа, од финансиски и од аспект на гледаност, серијата е многу успешна.
Сакам да се задржам на окарактеризирањето на серијата како научно фантастична. Серија која се занимава со мистика, нумерологија, митологија, без притоа критички да се осврне на тие теми, во никој случај не може да го носи предзнакот научна. Серијата е мистично-фантастична.
Тезата од статијата: „...Исто како што идеите за транспортација, фејзерите и ворп брзините веќе со десетлетија се поврзуваат со „Ѕвездени патеки“, така и броевите, копчињата, константите и електромагнетите ќе се поврзуваат со „Изгубени“... е можеби точна, но за мене поразителна за Изгубени. Ако "legacy" од Star Trek се телепоратацијата, фејзерите и ворп, legacy на Lost е што: броеви, копчиња и константи?!?!? Можеби и топла вода може да се додаде кон списокот?

ОкоБоли главаВицФото