Кадрите на патриотизмот

18.05.2010 11:15
ana-2010-05-18.jpg

Од саботата наваму, секој први и петнаесетти ден во месецот ќе биде ден на знамето на Р. Македонија. Во репортажата на телевизијата А1, новинарката наброја 14 земји (иако според Википедија се многу повеќе) на кои Македонија им се придружува со усвојувањето на ваков ден (т.е. денови). На прв поглед премногу типичен настан, на кој не може да се противи ниту еден чесен граѓанин кој ја почитува земјата и симболичните столбови кои ја дефинираат.

Една од земјите кои имаат ден посветен на знамето се САД кои од 1949 година наваму секој 14 јуни го комеморираат денот на кој во 1777 е усвоен „барјакот искитен со ѕвезди“ или „старата гордост“. Четиринаесетти јуни е федерален празник, но дали тој ќе биде одбележан со неработење од страна на државните институции е одлука која според законот е оставена на моменталниот претседател. Денот се одбележува со локални паради низ градовите на САД.
Трети септември е ден на знамето во Австралија. Паметење на 1901 година кога истото за прв пат се развеало.

Во Шкотска се слави 30 ноември или Св. Андреј, националниот празник на земјата која на своето знаме го има Андрејиниот крст.

Во Аргентина, знамето се слави на 20 јуни, годишнината од смрта на неговиот креатор, Мануел Белграно. Комеморацијата се одржува кај Споменикот на националното знаме, во Росарио, Санта Фе, каде што знамето за прв пат било кренато на два јарболи – по еден од секоја страна од реката Парана.

Бразил го слави 19 ноември, денот кога знамето било усвоено во 1889. Таму, денот на знамето воедно е и единствениот ден кога е дозволено да се уништат (запалат) изветвените знамиња, под стриктна контрола на армијата на Бразил.

Во останатите денови во годината секоја земја има различен однос кон знамето. Некои побаруваат знамињата да се спуштаат секој ден на зајдисонце и повторно церемонијално да се креваат рано на утро. Во други земји знамињата се симнуваат на пола копје само во денови на жалост. Во сите, знамињата се менуваат зависно од потребата, т.е. потрошеноста на знамето. Сите земји го веат знамето на државни празници, свечености, значајни спортски, културни, граѓански настани, итн.

Споредено со овие (и многу други светски примери) се поставува прашањето: која е логиката и симболиката зад менување на македонското знаме два пати во месецот? Единствената информација споделена со граѓаните е дека станува збор за протокол кој бил инициран од Министерството за одбрана. Се спојуваат два светски ритуала, „едниот за Ден на знамето, а другиот за смена на гардисти кое се изведува во повеќе земји во светот“. Оттука, во промената на знамето пред Собранието во саботата учествуваа „гардата и воениот оркестар на Армијата, министерот за одбрана, началникот на Генералштабот, претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, претставници на Министерството за одбрана и ГШ на АРМ, како и граѓани на Македонија“.

Министерот изјави дека станува збор за церемонија која треба да прерасне во „една нова традиција која ќе трае со векови“. Според него, во саботата „оние кои најмногу заслужуваат, столбот на нашата држава, гардата на армијата, воениот оркестар... на достоинствен начин оддадоа почит кон македонското знаме, кое треба да се вее највисоко на јарболот, знаме кое треба да биде обединувачки фактор во Македонија и кое треба да ни го покажува патот кон иднината“.

Но притоа не слушнавме ништо за логиката во однос на неодредената промена на знамето пред различни државни институции. Уште помалку за протоколот со кој ќе биде изведена манифестацијата.

Кој ќе учествува во церемонијата? Дали секогаш ќе бидат гардистите и воениот оркестар проследени со претставниците на Министерството за одбрана? Доколку се менуваат учесниците, на кој основ ќе се одредуваат „најзаслужните“ кои ќе учествуваат во церемонијата? Кој дел од протоколот е пропишан со закон (а според законите на Р. Македонија, сè во однос на употребата на државното знаме се пропишува со закон), а кој не е? Кој ќе избира пред која институција ќе се менуваат знамињата во месеците по следниот месец (за кој патемно беа најавени некои институции)? Ќе се менуваат ли знамињата кои не се изветвени? Што со знамињата кои ќе се симнат од јарболот? Кој ги шие новите? Кој е одговорен да оцени дека секое знаме ги запазува стриктно одредените димензии? Ќе можат ли граѓаните сами да организираат свечености и настани во кои ќе оддадат почит на знамето или церемонијата е резервирана само за преставниците на институциите?
На ниту едно од овие прашања не добивме одговор, а рака на срце, ретко кој праша. Оти кога станува збор за искажување„патриотизам“ од страна на властите, по сè изгледа, не смее да се поставуваат прашања.

И пред некој да се посомнева дека ја ставам под знак прашање целисходноста на настанот и одлуката, да додадам: шуќур. Прекрасно е да се види како гардата политички полтрони, чии партиски поданици само до вчера го игнорираа и доведуваа во прашање „вентилаторот на Киро Глигоров“ конечно научи дека државното знаме е симбол за почитување. Убаво е да се види како во опкружувањето на македонската лидерска свита, посебно од ешалонот на ДПМНЕ, се вее црвеното знаме со осумте сончеви краци.
Дел од граѓаните кои присуствуваа на свеченоста (алал да им, кога и од каде разбраа за да стигнат навреме) се наежиле од настанот кој кај нив испровоцирал неизмерна доза на гордост. Богами, на човек не му преостанува ништо освен да се наежи пред надежта дека на следниот голем партиски митинг во име на „иднината на Македонија“ ќе доминира државното знаме наместо партиските симболи. Се ежи човек од радост пред помислата дека на следниот спортски настан македонските „патриоти“ можеби ќе бидат поттикнати да го развеат државното знаме наместо партискиот лав. Можеби претставниците на македонската влада при следната посета на дијаспората ќе ги потсетат и тамошните патриоти дека е полезно кога „демонстрираат“ пред канцелариите на ОН или НАТО да го развеат државното знаме, наместо сонцето од Вергина – чисто да не се збунат натовците и вработените во ОН за граѓаните на која земја станува збор.

Пуста надеж – која ја уништува сарказмот. Но, сарказмот не доаѓа од непочитување на знамето, ниту од невербата во потребата од вакви церемонии. Сарказмот го провоцира невербата во намерите на македонските власти. А невербата доаѓа токму од споредбите кои одредени колумнисти ги направија и за кои беа нападнати. Дел од колумнистите предочија дека не може да се слави знаме на држава, без притоа да се почитуваат граѓаните кои стојат под тоа знаме. Еден загрижен патриот на напис на А1 телевизија на колумнистката која забележа и се запраша јавно „на која иднина да се надеваат стечајците и земјоделците“ и’ одговори дека „стечајците и земјоделците ќе дојдат и ќе си заминат, знамето е засекогаш“. Да, знамето е засекогаш (или барем додека постои земјата со која е поврзано). Оттука потребата од закон и протоколи во однос на државните симболи кои со тој закон ќе бидат почитувани. Сè поразлично остава горчина во уста од произволното користење на симболите на земјата за најчесто лични, политички цели.

Да, тешко е да се изјави ова, а да не се прозвучи како непатриот. И тоа е замката во која македонските „патриоти“ во власта постојано нè ставаат со своите „брилјантни“ идеи за докажување на љубовта и патриотизмот кон земјата. Сè друго – поѓаволите; тие - засекогаш. Ако некој се посомнева нека види над кои „најзаслужни“ се вее знамето. По сè изгледа, „единствениот избор што ни го оставаат“ е да се придружиме и да не се сомневаме во нивните постапки оти со тоа ќе станеме минливи, за разлика од нив, вечните патриоти. Затоа, на петнаесетти, сите на церемонија – фактот што со децении го имате знамето на вашиот работен стол или го носите со себе на манифестации и настани, повеќе не е доволен. Ниту пак ќе ве искупи фактот што македонското знаме за вас отсекогаш било многу повеќе од „вентилатор“, оти патриотизмот по сè изгледа се мери само со сликите фатени во кадарот на македонските медиуми. Колку почесто ве ловат во кадарот, толку поголем е вашиот патриотизам!

слики: Џаспер Џонс

Четете Христо Ботев:  Патриот

Четете Христо Ботев:
 Патриот е , душа дава,
но свойта душа, братя,
а душата на народа...
 Написано е в Букурещ , преди Освобождението ...

Се сеќавам како мал некаде

Се сеќавам како мал некаде 1996/97, на една прослава на Илинден на Мечкин Камен кога еден „патриот“ (идиот) пред камерите го газеше новото туку што усвоено знаме на Македонија! Тој идиот веднаш беше осуден на казна затвор! Е тоа е пример за патриотизам и (институционална) почит кон знамето!

 Марио момче младо, убаво што

 Марио момче младо, убаво што се сеќаваш, но исто така убаво е да се сетиш дека тоа знаме го добивме малку претходно под притисок од Грција. Не беше сеуште општоприфатено а емоциите беа зовриени.
За текстов на Ана Ангелова препорака да го објават во Утрински Весник таму му е најсоодветно место.

patriotizam

a na tvojot tekst mestoto mu za vo emisija na  CRN-BEL BUMBAR ,..T.E za vo emisija kaj dragan pavlovic L A T A S-,,najgolemiot patriot,,---skapano kuce ama krajot mus e blizi

Слични содржини

Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова

ОкоБоли главаВицФото