„Леење куршуми“ - За Тричковски како писател

27.06.2016 12:06
„Леење куршуми“ - За Тричковски како писател

Намерата на книгава, „Свињата која чекаше да проба од сопствените чварки“, е да го прикаже Бранко Тричковски првенствено како писател, а не толку како политички аналитичар или колумнист. Таа прозаистичка, литературна жица кај Тричковски, ми се чини, е всушност најмалку видливиот и можеби затоа најинтригантниот слој на неговата јавна работа. Меѓу другото и затоа сакав да му дадам поголема видливост на тој аспект на неговото пишување.

Но, клучната причина зошто го претставувам како прозаист е зашто мислам дека е тоа најдобриот Тричковски. Највредниот, најслободниот, најлуцидниот... Со ова не сакам да ја оспорам неговата важност како политички аналитичар, и тоа повеќе децении, но последниве години тој си дозволи да биде и писател. (Всушност, можеби привлечноста и влијанието на неговите текстови произлегуваат од нивната хибридност и жанровска недофатливост...)

Зошто сметам дека книжевноста е важна, можеби повеќе и од политиката и новинарството? Важна е бидејќи во јавниот живот го овозможува паралелното струење на личното, посебно искуство, со што ги претставува поинаквите пристапи спрема заедничкото искуство; бидејќи книжевноста многу понепосредно ја прикажува непрекинатата работа на јазикот во кој живееме и кој нè обликува, јазикот кој е и медиум и културна конвенција, и кој затоа мора да се менува и развива; бидејќи книжевноста може да го изрази искуството од универзален тип; таа може да еманципира, да ги направи препознатливи и издвоени оние искуства и преференции според кои одредена култура ја искажува својата современост.

Ми се чини дека Бранко Тричковски стана веројатно највлијателниот македонски колумнист дури откако почна да пишува статуси на Фејсбук. А почна да го користи Фејсбук како медиум откако груевизмот како дете ѕвечка ги растури постојните електронски и печатени медиуми, меѓу другите и неделникот „Глобус“, каде што Тричковски беше главен уредник. Веројатно и квазиприватноста на тој чуден медиум, Фејсбук, продонесе Тричковски да пишува сè послободно и покомплексно (некои би рекле: поразуздано; но, и „разузданоста“ е заправо само потрага по вистинскиот збор и стил, по вистинскиот однос спрема „стварноста“).

Велат, Тричковски е вулгарен. Сосема е обратно: знак на пристојност е да се спротиставиш, дури и со најдрастични средства, тогаш кога „стварноста“ станува насилничка и вулгарна! А нашава стварност е неспоредливо подрастична дури и од најперверзните фантазмагории на Тричковски!

Велат, Тричковски зборува со јазикот на баграта. Тоа е точно, но кај него сепак постои мала иронична дистанца во однос на јазикот на баграта. (Иако Адам Михник, мошне пристојниот полски дисидент, го советуваше токму тој јазик, зашто баграта само тој јазик го разбира.) Башка, пцостите на Тричковски значат сигнал дека и самиот јазик е немоќен и поразен пред чудовишната стварност.

Велат, Тричковски е порнографија. Можеби, но првенствено нашата стварност е порнографска оти е хипертрофирана (полумртва а надуена), целата насочена во потрага по што поголема надразба. Затоа сексуалните експлицитности и алузии во бескомпромисните текстови на Тричковски прецизно ја доловуваат порнографската содржина не само на актуелниот македонски режим, туку и на целокупната стварност во која живееме.

Кога зборувам за Тричковски како писател свесен сум дека неговата погонска писателска енергија доаѓа од политичкиот живот, а не од некоја артистичка потреба „да го вообличи светот во зборови“. Неговото добро познавање на политичките процеси (и фактичко, потпрено на многу знаење и искуство, и интуитивно) им дава дополнителна длабочина и сериозност на неговите наизглед бесни и гневни текстови.

Неговата „машина на гневот“, значи, беше придвижена од лудачката политика на една баеги забегана власт која ни ја искреира ‒ просто како компјутерска игра ‒ суперморничавава стварност во која како во гомна беа бутнати главите на два милиони луѓе. Како што врвеше лудото време на груевизмот така растеше гневот на Тричковски ‒ и така неговите текстови стануваа сè поверодостоен приказ на стварноста, од чие опишување речиси сите беа дигнале раце (од политичарите и новинарите до писателите), претворајќи се, повеќето, во бедни пропагандисти, ескаписти и штанцачи на мртви форми и искубани зборови (оти груевизмот така нареди ‒ пропагандата е единствениот дозволен стил, а лакировката единствената дозволена боја).

И нормално, Тричко „полуде“ во таквата атмосфера, оти „оној што овде не полудел тој просто не е нормален!“ Слична реченица има во новелата „Лудиот Миле“ на Иван Мештровиќ, кога Лудиот Миле вели: „Ќе полудев да не полудев“. Ми се чини дека во таа духовита парадоксалност (кон која Тричковски, инаку, е склон) лежи клучната политичко-психолошка вистина за изминативе десет години под груевизмот. Поетичкиот концепт „Ќе полудев да не полудев“ на некој начин стана писателско-политичко кредо на Тричковски и од таа негова позиционираност на „луд пророк“ во голема мера произлегуваат веродостојноста, силата и свежината на неговите зборови.

Во еден важен „автопоетички“ текст тој го објаснува својот концепт: „Мора да знаеш својата лудост да ја издигнеш на нивото на општа норма. Тоа значи дека мора да знаеш и мора да си луд! Под луд ги подразбирам визиите кои ги пробиваат вообичаените хоризонти на очекувањата. Страста да се оствари невозможното, односно она што во рамките на познатите хоризонти изгледа невозможно.“

Во еден друг важен автореферентен текст Тричковски вели: Си земав слобода да кажам дека е многу важно не само да се ослободиме од таканаречените физички стравови, па и психички (...), туку и од стравовите што произлегуваат од критичкото разгледување на таканаречените мета-теми, мета-нарации какви што се нацијата, државата, црквата, верата, партијата... Ова не е пледоаје да ги протераме крупните теми туку да го протераме стравот од нив. Тие теми се како ниски плафони што нè држат згрбавени цел живот. Јас сум живеел и работел во време кога не сум бил свесен за тие плафони, потоа сум работел во време кога сум бил свесен, но сум внимавал главата да не ја кренам превисоко и да не го пробијам плафонот, просто не сум сакал да влегувам во одредени конфликти, значи од опортунистички причини, и на крајот сум живеел и работел во време кога сум се изборил да останам без какви и да било плафони и тавани, слободен и ограничен само од чувството на одговорност, одредено од некое ниво на знаење и моралност. Од ништо друго, од никакви други авторитети. Можам сосема нескромно да кажам дека чувството е фасцинантно, дека е сврзано со милион ризици и штети, но чувството е фасцинантно и незаменливо.“

Стоте овде застапени кратки текстови беа објавувани на Фејсбук профилот на авторот во периодот јануари 2015 ‒ јуни 2016. Тие се мал дел од Фејсбук творештвото на Тричковски, но репрезентативен ‒ и во политичка и во социјална и во книжевна смисла. 

Секоја од овие сто мали приказни ми личи на „излеан куршум“, на ритуалот на кој нè потсетува Георги Господинов во романот „Физика на тагата“, кога паталците оделе кај бајачка „на леење куршум“. Бајачката земала малку олово, го ставала во железно канче и го загревала канчето на оган додека да зачрчори. Тогаш оловото ја добивало формата токму на она од што паталецот страда. Со помош на ритуалот стравот и страдањето влегувале во оловото. Потоа паталецот неколку ноќи спиел со оловцето и најпосле го фрлал в река, во протечна вода, за да замине засекогаш.

Ние, по урнекот на крлежијанските оловни букви-куршуми, направивме колекција од (излеани) приказни и ја пуштивме низ светот со цел страдањето што ни го приреди груевизмот - да исчезне час поскоро, засекогаш.
Мај 2016, Скопје


Фотографии: Ванчо Џамбаски
Слика на корица: Свирачиња
Дизајн на корица: Кома

ОкоБоли главаВицФото