Патлиџани, плочи, рецепти

27.06.2016 14:05
Патлиџани, плочи, рецепти

Оливера Ќорвезироска
РАСКАЗ, РОМАН, КРИТИКА

Пишувам раскази, а најмногу на светот сакам поезија. Ѕидам непробојни зборови со невешти букви од страст, а врз мене се суриваат цели реченици надеж со вистински тресок. Ја наџбарувам илузијата под измазнетата покривка на стварноста и фрлам уште едно ќебе врз неа, ја припокривам, распалувајќи го жарчето во кое ќе изгорам. Пеплосана гламна. Подеднакво неупотреблива како и јас самата. Пишувам раскази, а најмногу на светот го сакам Него. Мојот Текст.

Пишувам романи, а најмногу на светот сакам поезија. Калемам приказни на кревкото стебленце на секојдневието, а овошката на измислиците си цути сама од себе. Ја цедам вистината во длабока чаша за да ја отрезнам илузијата цврсто заспана на омилената фотелја со нозете на табуретка. Плитка метафора за давење во длабокото. Подеднакво неупотреблива како и јас самата. Пишувам романи, а најмногу на светот го сакам Него. Мојот Текст.

Пишувам критика, а најмногу на светот сакам поезија. Појадувам мусли со јаболка и лешници, а вкусот на ѓеврек со маслинки ми се вее на непцата како бело знаме. Ја мелам љубовта како џиновски орев за мала, проста и неуспешна торта за Него, поситовна од каква било радост удавена во згрешен шербет. Загорено лонче. Подеднакво неупотребливо како и јас самата. Пишувам критика, а најмногу на светот го сакам Него. Мојот Текст.

Владимир Лукаш
ПАТЛИЏАНИ, ПЛОЧИ, РЕЦЕПТИ

Продавам патлиџани, а најмногу на светот сакам кромид. Жнеам непробојни бавчи со невешти семиња од праз, а врз мене се суриваат цели магдоноси надеж со вистински тресок. Ја наџбарувам илузијата под измазнетата покривка на стварноста и фрлам уште едно семе врз неа, ја припокривам, распалувајќи го жарчето во кое ќе изгорам. Пеплосана гламна. Подеднакво неупотреблива како и јас самата. Продавам патлиџани, а најмногу на светот го сакам Него. Мојот Кромид.

Клесам надгобни плочи, а најмногу на светот сакам кремирање. Калемам урни на кревкото стебленце на секојдневието, а овошката на измислиците си цути сама од себе. Ја цедам пепелта во длабока урна а за да ја отрезнам илузијата цврсто заспана на омилената фотелја со нозете на табуретка. Плитка метафора за давење во длабокото. Подеднакво неупотреблива како и јас самата. Клесам надгробни споменици, а најмногу на светот го сакам Него. Мојот Крематориум.

Пишувам рецепти, а најмногу на светот сакам епитафи. Појадувам мусли со јаболка и лешници, а вкусот на ѓеврек со маслинки ми се вее на непцата како бел лист хартија на кој ќе го запишам мојот најнов рецепт. Ја мелам љубовта како џиновски орев за мала, проста и неуспешна торта за Него, поситовна од каква било радост удавена во згрешен шербет. Загорено лонче. Подеднакво неупотребливо како и јас самата. Пишувам рецепти, а најмногу на светот го сакам Него. Мојот Епитаф.

Слики: Xuh

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото