Крај на животот на висока нога?

28.06.2016 01:18
Крај на животот на висока нога

Две девојки по име Никол, неодамна предизвикаа мини револуција во светот на модата и женските права. Првата доби отказ бидејќи на работа се појавила во балетанки. Втората објави фотографија на Фејсбук со крвави стапала, по целодневно стоење во кафетеријата во која работи.

Доста ми е од ова мачење. Време е да се направи избор!
Седиме во дневната соба , таа го распослала своето богатство на килимот. Има кондури за извоз, но и добро опремен дуќан. Ова не се само високи потпетици, туку и висока мода – ништо овде не е евтино. Сето она што е најдобро во мојот орман, всушност е нејзино. Гледајќи од денешна перспектива – десет години подоцна – со тие чевли можеше да си уплати трета пензија или барем да си дозволи незаинтересирано да го слуша министерот Накиќ додека се заканува со поскапување на здравственото осигурување. Во секој случај, би заштедила на педикирката, која, со своите чести посети ѝ стана член на поширокото семејство.

Она што кратката фризура беше во времето на мојата мајка, се чини дека денес тоа е отфрлањето на чевлите со високи потпетици. Таа промена настапи некаде околу четириесетите: одеднаш женитете ги ослободуваат стапалата, симболично говорејќи – зошто уште да се трудиме? Се сеќавам како ние девојчињата со чудење ги гледавме нашите социјалистички мајки додека ги потстрижуваа своите коси: речиси машката фризура беше знак дека завршиле со девственоста, дека станале жени; имаше овде и по нешто од онаа феминистичка самодоверба, но со многу повеќе практичност – кој има време за миење и сушење на долгата коса, со работата, децата и станувањето пред зори да се фати автобусот?

Никол Торп добила отказ од компанијата PwC бидејќи не ги почитувала правилата според кои морала на работа на носи чевли со високи потпетици.

Потписи за поддршка

Културата на либидото минатиот викенд доживеа болен удар, да речеме во палецот. Треба да признаеме дека со штиклите стапалата се мачат поради естетската и еротска митопија, а продолжените центиметри на потпетиците одеднаш како да ги продолжуваат и нозете.

Никол Торп, хонорарната соработничка на PwC во Лондон, ја испратиле дома без плата откако првиот работен ден на рецепција се појавила во балетанки и одбила да оди да купи штикли. По таа случка, пргавата девојка Никол лансира интернетска кампања во која бара да се престане со таа мизогина пракса во која жените мораат на работа да доаѓаат во чевли со високи поптетици, а мажите можат, наместо нозе да имаат и копита. Нејзината кампања, да се промени законот кој им дозволува на компаниите да пропишуваат како ќе се облекуваат жените, за само 48 часа собра 110 потписи.

Имено, PwC пропишува дека вработените мораат да носат чевли со потпетица од пет до десет центиметри, чорапите не смеат да им бидат дебели, мораат да бидат проѕирни, и обавезно мораат да носат шминка која вклучува кармин, благо руменило, сенка и маскара. За возврат, како и останатите жени во Британија, добиваат 24% пониска плата од своите колеги.

По таа ситуација, келнерката од Канада, Никол Гејвинс, на Фејсбук објави фотографија со крвавите стапала на колешката откако ги соблекла штиклите. Кога човек ќе ја види таа глетка, навистина се прашува дали сме го изгубиле разумот.

Во знак на поддршка упатена кон двете девојки, жените ги преплавија социјалните мрежи со фотографии од своите стапала фотографирани во ниски чевли, а и нтернет и домашните телевизии се преплавени со фотки од солидарните мажи кои учествуваат во експериментот во кој поминуваат еден цел ден во штикли.
Штиклите се, наводно, женска варијанта на машкиот костим, професионални униформи. Или, како што вели Еври Џесап, суперамбициозната репортерка на Fox News во серијата „3o Rock“: „Рамните чевли се за губитнички“.

Крвав данок

Никол Гавинс од Канада на Фејсбук објавила слика од крвавите стапалата на својата колешка келнерка

Теророт над стапалата

Да бидеме искрени, истражувањата покажуваат дека штиклите сепак се личен избор: 72% од жените ги носат повремено по сопствена волја, 31 % од нив ги носат секојдневно. Тоа значи дека личен избор се и здравствените последици: искривување или скршеници на ножните коски, Мортонов неврон (промена на жилата која предизвикува болка во стапалата), тендинтис, пликови, остеоартритис, ишијас, болка во грбот, дегенеративна болест на зглобовите и да не продолжувам да ги набројувам ужасите.

Лишени од симболизам, чевлите со високи потпетици се како и секои други: нивната цел е, човечкото стапало, кое е нежно, да го одвојат од тлото, кое најчесто е грубо. Кога ќе им го додадеме симболизмот, што всушност е неизбежно, значењата ланчано се поврзуваат: штиклите се оружје во модната игра, феминистичките расправи, професионалниот свет, игри на половите, привилегија и моќ, доказ и тест на женственоста. Можеби најопасна е идејата, пишува The Atlantic, дека женственоста, во еден дел е дефинирана со нашата способност да трпиме болка.

Сето тоа не почна со Кери Бредшо и нејзината опсесија со чевлите на Маноло Бланик. „Никогаш нема да најдете преубави големи работи на земјата, туку секогаш бидете поставени високо, другите да ги исполнувате со чудење и почитување“, ја бранела уште во 17 век раната верзија на штиклите, Аркангела Таработи, по професија венецијанска калуѓерка.

Не се знае со сигурност кој ги измислил потпетиците, само се претпоставува дека тоа бил некој паметник од Перзија, некаде околу деветиот век. Иронично, станувало збор за воен изум кој ѝ овозможувал на коњаницата поголема контрола во движењето, бидејќи се бореле зауздани во стремените. Потпетиците во Европа пристигнале во почетокот на 17 век; па кога завршиле со војувањето, паметно, кратко го трпеле модниот терор на високите потпетици ( и за тоа пресудна била Француската револуција). Италијанските куртизани го преземале трендот (еден од полошите), бидејќи благодарение на осуденоста на речиси исклучиво машко друштво, почнале да пијат, пушат и – читаат. Одредено време сето тоа со потпетиците било практично, особено кога здолништата биле долги, па потпетиците спречувале тие да се влечат по калта. Но, здолништата се скратија, а штиклите останаа.

Од таа опсесија денес добро се живее. Туторијалот во кој жените на YouTube објаснуваат како да се совлада одењето на високи потпетици, кој го снимила блогерката Мишел Фан, досега има 3,5 милиони прегледи. Таа сериозно и пристапува на својата работа и сектата од осум милиони претплатници: детално објаснува како да се оди по плочник, како по трева, и како по скали. Сеедно, ни таа, ни на сличните на неа, не можат да го побијат фактот: иако ги носиме, високите потпетици во суштина не се обувки, туку орижје за мачење. (Дури и со дефиницијата на UN, „кој било чин со кој намерно се нанесува сериозна болка или страдање, без разлика дали е физичка или ментална...“)

Дали имаме избор?

Доколку не беше толку добро платена, Наоми Кембел ќе можеше да го изнесе тој аргумент против Вивиен Вествуд кога во 1993 година падна на пистата носејќи ги нејзините Elevated Gillie. Поради високите потпетици, „ѓаволските чевли“, како што ги нарекуваше, подот го бакна и Џенифер Лоренс во 2013 година додека се искачуваше на сцената да го земе својот Оскар. Падна и Кери Бредшо во серијата, чии стапала во вистинскиот живот патат од сериозни здравствени проблеми. Викторија Бекам на ланската модна недела излезе на пистата во тенисици, тврдејќи дека „не може веќе да издржи“. Дури и Мattel попушти и почна да произведува барбики чии стапала не се моделирани за високи потпетици. Ете, дури и куклите денес имаат избор. Но, дали жените имаат избор?

Бијонсе и понатаму пее дека „е подготвена во кујната во штикли“. Дита Вон Тис своевремено изјави дека „штиклите и црвениот кармин на луѓето ќе им втераат страв во коските“. Се проценува дека жените во Соединетите Држави секоја година трошат околу 3,5 милиони долари на хирушки зафати на стапалата. Си вбризгуваат ботокс, па ништо не чувствуваат.

Пораз на феминизмот

Ненси Рексфорд, авторка на книгата Women’s Shoes in America: 1795 to 1930, тврди дека „модното страдање веќе не е обврзувачко како што било во времето на нашите баби“, па додава: „Ако жените носат груби чевли, можеме да бидеме сигурни дека тоа самите го одбрале“. Како што можевме да видиме неодамна, дел од жените допрва треба да се изборат во работната средина тоа да стане избор, но чевлите со високи потпетици сепак се дел од поголема шема, бидејќи и шминката е сексистичка, како и долгата коса, како и одлуката за обавезното (женско) депилирање...По ѓаволите, тешко е да се утврди каде почнува слободата на изборот, а каде престанува личната хигиена. И обратно.

Американската феминистка, новинарка и активистка Глорија Стајн во The Feminist eZine, објаснува: „Отсекогаш ми се чинело дека работата е во тоа дека можеме да носиме сè што ебено сакаме, како што често ме цитираат дека зборувам. Од друга страна, постојат симболи кои ни се толку наметнувани во мојата младост, така што ми е тешко да ги сфатам како слободни избори. На пример, корсетите, халтерите и високите потпетици во кои не можете да трчате... Но, и покрај тоа што внатрешно сум чувствувала нелагодност, не можам да се сетам дека некогаш јавно сум критизирала нешто што друга жена, според сопствено признание, слободно го одбрала.“

Историчарката Елизабет Семелхак тврди дека култот на штиклите, конкретно стилето чевлите, кондицирал со изумот на фотографијата, конкретно онаа порнографската. Шнел фотографите на деветнаесетиот век ги анализирале своите субјекти во чевли со високи потпетици, бидејќи им давале комплименти на женските нозе, додека тие, во главно голи, одмарале на некоја софа. „Чевлите на сликите рефлектираат копнеж, ги спречуваат моделите да одлебдат во алегориски висини“ – сугерира Сaемелхак.

Така протолкувано, не постои ослободување од тие бодежи. Градниците сме ги палеле, но штиклите и понатаму не излегуваат од плакарот.

Извор: Globus

ОкоБоли главаВицФото