Кога луѓето многу сакаат да веруваат, не е тешко да ги излажеш

28.06.2016 04:09
Кога луѓето многу сакаат да веруваат, не е тешко да ги излажеш

Владо Луциќ е извршен директор на хрватската сатирична веб-страница „Њузбар“. Веб-страницата е најпозната по објавување пара вести, (или „кромид-вести“), односно написи кои звучат сосема вистинито, но немаат врска со вистината. Во Македонија особено внимание (од 12.10) привлече написот во кој се тврди дека катедрите за старословенски јазици ќе бидат прекрстени во катедри за старомакедонски јазици. Овој лажен напис привлече толку големо внимание што имаше 80.000-90.000 посетители на веб-страницата. Освен тоа, беше двапати објавен и двапати ја постигна целта – еднаш во 2012, еднаш во 2016 година. „Њузбар“ е, инаку, сè поголема операција, која во еден период имаше и своја емисија на Хрватската телевизија, која беше укината без многу прашина.

 

Написот што го објавивте, во кој пишувате дека катедрите за старословенски јазици во Хрватска ги менуваат имињата во катедри за старомакедонски јазици, како настана пред четири години и како решивте повторно сега да го преобјавите?

Луциќ: Тоа го напиша нашиот колега Марко Дејановиќ, кој е запознаен со Македонија, има многу колеги и често патува таму кај вас, така што ја познава материјата. Таа приказна настана така што во еден момент откривме дека секоја нација има нешто со што сака да се гордее, има нешто што сака да го покаже, иако тоа не се вистини. На пример, Србите се трудат да покажат дека Хрватите потекнуваат од Србите и ние направивме таков текст со кој читателите од Србија беа воодушевени. Потоа решивме да направиме таков текст за Македонците и видовме дека тоа може да биде гордоста со јазикот и конструиравме приказна за тоа дека сите народи на Балканот не говорат ниту хрватски, ниту српски, туку говорат македонски јазик. Објавен е пред четири години и веднаш стана хит. Имаше толку многу посетители од Македонија кои тоа го читаа, го споделуваа и многу портали тоа го пренесоа. Дел од нив и тогаш сфатија дека тоа е измислица, но слушнавме дека тоа одело и по емисии на телевизија. Знам дека сега имаше некоја вест на релација Македонија-Хрватска која беше актуелна и решивме дека е време текстот малку да го освежиме и повторно да го објавиме.

Дали повторно имаше многу реакции?

Луциќ: Да. Не толку многу од Хрватска, ама од Македонија имаше многу кои тоа го споделуваа, затоа што се појавува некаква интересна гордост. Во тој текст работите се напишани многу едноставно и некој би можел да сфати дека тука сѐ е измислица. Но, кога луѓето сакаат да веруваат дека нешто е вистина, тие лесно можат да затворат очи, да премолчат некои работи кои им се чинат нелогични и тоа можеме повторно да го објавиме.

Сандра Хам, која е професор по кроатистика на факултетот во Осиек, ја потпишавме како извор зашто е често присутна на телевизија и говори за историја на јазиците и за целиот напис да биде автентичен. Таа за ова ништо не знаеше, но откако се појави написот, таа нам ни се јави и ни рече дека студентите ја запираат и ѝ велат дека го виделе написот и ја прашувале „Што е сега оваа работа, па Вие нѐ учите нешто сосема спротивно!“ И кога ѝ го покажале текстот, таа се изнасмеала, сфаќајќи дека тоа е, всушност, сатира.

Не пишуваме многу за Македонија, но кога ќе напишеме нешто, имаме добар одек. Се чувствува како да немате баш толерантна ситуација таму кај вас, слободата на медиумите е прилично ограничена и секогаш кога пишуваме за вашата власт, добиваме коментари кои со голема жар ја бранат. Инаку, овој напис за старомакедонскиот јазик имаше 80.000-90.000 читања.

Имаше ли во Хрватска реакции што посетата на вашата претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ заедно со словенечкиот претседател Борут Пахор беше искористена од страна на нашиот претседател Ѓорге Иванов да не мора да објаснува веднаш зошто спроведе аболиција за 56 политичари? Имаше ли некакви реакции во Хрватска?

Луциќ: Да, Македонците таму направија еден протест-перформанс и ние бевме поканети како амбасадори на сатирата, но, за жал, не можевме да учествуваме поради обврски. Инаку, аболицијата одекна силно и кај нас. За нас е непоимливо како може такво нешто да се случи во демократија. Тоа е момент кога правната држава и сè што веруваме дека е добро во демократијата паѓа во вода. И ние имаме проблеми со кои се мачиме, но тешко ни е да сфатиме таков чекор. И кај нас имаше ситуација претседателката да помилува осуден тајкун за затајување данок, кој ѝ донираше пари за кампања, но тоа беше поединечен случај, за кој сигурно може да се поставуваат прашања, но вакво нешто ни е тешко да замислиме.

Кажете ми нешто повеќе за Вашата емисија. Зошто отидовте на ХРТ, зошто не отидовте на некоја приватна телевизија, кога знаевте дека ќе има политички притисоци­?

Луциќ: Ние бевме на приватна телевизија, но добивме добра понуда од ХРТ – да одиме во примарен термин, емисија од 45 минути. Ние, всушност, верувавме, цел живот живеевме со тоа сознание, верувавме дека времето кога некој би можел да цензурира, да забрани емисија е поминато. Никому од нас тоа не му падна на памет. Она што не го очекувавме тоа беше дека ќе дојде ваква власт, која ќе повлече црта и понатаму воопшто не им беше грижа и за тоа не се ни дискутираше многу. Ние навистина мислевме дека Хрватска е на некое друго ниво од демократскиот развој, но тоа нѐ врати во една сурова реалност и сфативме каде живееме и каква е состојбата.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).