Овде паѓаат крупни зборови!

28.06.2016 09:55
Овде паѓаат крупни зборови!

Денес на фестивалот Друга приказна во 19 часот во Паркот на франкофонијата ќе бидат промовирани трите нови книги во едицијата Градот:

 

Бранко Тричковски - Свињата која чекаше да проба од сопствените чварки; сто мали приказни;

„Кога зборувам за Тричковски како писател свесен сум дека неговата погонска писателска енергија доаѓа од политичкиот живот, а не од некоја артистичка потреба „да го вообличи светот во зборови“. Неговото добро познавање на политичките процеси (и фактичко, потпрено на многу знаење и искуство, и интуитивно) им дава дополнителна длабочина и сериозност на неговите наизглед бесни и гневни текстови.

Неговата „машина на гневот“, значи, беше придвижена од лудачката политика на една баеги забегана власт која ни ја искреира ‒ просто како компјутерска игра ‒ суперморничавава стварност во која како во гомна беа бутнати главите на два милиони луѓе. Како што врвеше лудото време на груевизмот така растеше гневот на Тричковски ‒ и така неговите текстови стануваа сè поверодостоен приказ на стварноста, од чие опишување речиси сите беа дигнале раце (од политичарите и новинарите до писателите), претворајќи се, повеќето, во бедни пропагандисти, ескаписти и штанцачи на мртви форми и искубани зборови (оти груевизмот така нареди ‒ пропагандата е единствениот дозволен стил, а лакировката единствената дозволена боја).“

(Никола Гелевски, од поговорот на книгата)

 

Емил Алексиев - Кога лавот го изеде сонцето;

 

Книгава е пишувана во време на помрачување, време кога сонцето од нашето државно знаме - она сонце опеано во народните песни, кое драматично заоѓаше на режимските рекламни спотови, сонцето на слободата од државната химна кое во еден миг блесна толку силно над гордо кренатите глави во вечно црвената зора на нашата историја - го изеде златниот лав од партискиот грб на ВМРО-ДПМНЕ. Тој незаситен лав уште рика во темнината.

Пишувана во темнина, книгава е сведоштво за страшната стварност. Ужасот овде се појавува во својот вистински лик. Нема научни анализи и стручни експертизи што ќе го претворат ужасот во разбирлива работа. Кога е време на помрачување (општествено, културно, морално...), кога земјата е во пламен, а во темницата се слушаат пискотници и крици, бесмислено е да исцртувате кругови околу себе и по земјата со креда да пишувате формули и равенки, тоа нема да го запре лавот кој на вас скока со отворена челуст. Оттаму, треба да му погледнете на ужасот в очи и да се спротивставите. А за да се спротивставите треба да ги видите нештата какви што се навистина.

(Од предговорот на авторот)

Јовица Ивановски - Градот што веќе не е мој; песни за СК014.

 

 

ВРАТЕТЕ НИ ГО ГРАДОТ

Вратете ни го градот
во кој не сте израснале!
Улиците на кои не сте згазнале,
нерамната калдрма
со штрбави коцки.
Костените со стари коски,
тополите кои ги надвисивте
со многукатноста на алчноста.
Вратете ни ја невиноста!
Граѓанството кое го уништивте
умислувајќи си дека сте граѓани.
Вратете ни го плоштадот што го
осакативте со импланти!
Дискотеките кои работеа цела ноќ.
Бристол кој го отвораше изгрејсонцето.
Вратете ни сѐ што ни украдовте!
Ги паметам старите имиња на улиците
и до крај на живот ќе чекорам по нив.
Се лажете ако мислите дека сте ни
го столчиле чувството за убаво.
Скопје 2014 е земјотрес на вкусот.
Вратете ни ги старите градби,
нашите згради од чисти сништа,
изградени да разубават,
не да побијат и испоганат.
Со модернизмот можат да си
поигруваат постмодернистите,
а не архитектите-безрбетници.
Ни во турско не било полошо.
Ни го уништивте градот,
но за тоа нашол лек Нобел,
уште пред 149 години.
Градот убав пак ќе никне,
како германските градови
по Втората светска војна.
Градот пак ќе биде наш,
догодина, кај и да е.

28.06.2015

 

Водител на промоцијата ќе биде Никола Гелевски.

 


Во вториот дел на вечерта, во 20 часот, дваесетина писатели, домашни и странски, ќе се борат со своите „едноминутни новели“, за некој од нив да стане првиот/та победник/ца на натпреварот „ОВДЕ ПАЃААТ КРУПНИ ЗБОРОВИ“. Во натпреварот учествуваат:

Драган Протиќ, Драгана Младеновиќ, Слободан Бубњевиќ, Теа Тулиќ, Бојан Бабиќ, Јасна Димитријевиќ, Милена Илиќ, Срѓан Тешин, Бранко Тричковски, Лилјана Дирјан, Ѓорѓи Крстевски, Владимир Лукаш, Југослав Петровски, Марта Маркоска, Ѓоко Здравески, Александар Прокопиев, Оливера Ќорвезироска, Калина Малеска, Живко Грозданоски, Горан Петревски, Сања Михајловиќ Костадиновска, Рамадан Рамадани...
Водител е Иван Шопов, а оценките ќе ги носат: Искра Гешоска, Јасна Котеска, Емил Алексиев, Кристина Леловац, Иван Додовски, Никола Гелевски и Румена Бужаровска.

Во продолжение, претставуваме неколку флеш-раскази од дел од учесниците на настанот.

 

Владимир Лукаш
ГЛУП РАСКАЗ БР. 17

во нејзината соба беше хаос: чорапи фрлени на лустер, куче скриено под кревет, остатоци од сендвичи бутнати под перница („ако случајно ми се пријаде во сон“) и стотици шарени облеки кои ме прогонуваа во вечерите кога не бевме заедно.
таа мразеше скакулци и секое утро за доручек ми носеше две пржени очи: нејзиното и моето. едно попладне, додека мразулците с
è уште спиеја во одаите полни со ранети мечки, таа ме замоли да ја убијам. ми рече: „те молам, најсилно што можеш“, и ми подаде еден голем касапски нож.
тоа беа убави времиња.


Теа Тулиќ
СМОКИ

Едно утро станав од креветот и отидов по смоки. Се лизгав по рабовите на скалите сѐ до големите нозе испружени на подот на приземјето. Господинот сосед од третиот кат седеше неподвижно навален на ѕидот. Ги прескокнав неговите нозе и отидов во дуќанот. Кога повторно влегов во зградата со половина кесичка смоки, над соседот стоеја луѓе во бели мантили. Покрај големите нозе на подот здогледав капа полна густа темноцрвена крв. Не трчав по скалите. Се качував тивко, влечејќи ја дланката по гелендерот.
– Пак се опил, кутриот! – баба стоеше во кујната и ја мешаше загорената манештра.
Господинот сосед овојпат го беше промашил скалилото и шансата за нов ден.

Бојан Бабиќ
ЖИРАФИ ВО КАТАКОМБИ

Кога би ставиле жирафа во катакомба, телото би ѝ било под земја, но главата, носена од физиолошкиот кран, сепак би останала надвор. Значи, погледот на оваа убавица сепак весело ќе се разлева по околината, по селата и градовите, по менувањето на годишните времиња.

Чудна е таа состојба: телото осудено на духовна стварност, а главата осудена на световен живот - нешто како уметник.

Марта Маркоска
ВО СОНОТ

- Значи татко ти денес почнува со работа? Ова прашање ја врати во реалноста, која пак ја потсети на недосонуваниот сон што утрово присилно ја стана од креветот.
- Подобро ќе беше да си останам во тој кошмар, отколку во реалниов - помисли таа.
- Татко ми е инвалид од личниот конфликт во мозокот - по две-три минутна пауза одговори Клои.
Другарчињата само немо ја погледнаа, неразбирајќи ниту еден збор од кажаното, па гргнаа да се смеат неконтролирано.
- Не, не ме засега ништо што се однесува на неговиот живот. Најсреќна сум кога не ми го спомнуваат - си помисли повторно.
Клои, се изненади од така вешто срочениот одговор, ни самата не знаеше од каде дојдоа тие толку комплексни зборови, во нејзината четиринаесетгодишна претстава за светот, кои едвај да ги имаше чуено во секојдневните разговори.
Другарчињата на Клои се разбегаа низ училишниот двор и продолжија со своите палави игри. Криенка им беше омилената игра. Клои веќе не можеше да ги најде.

Ѓоко Здравески
ДОЛЕ ВЛАДА!!

Еден мој дедо беше од оние пензионери што работат и по пензионирањето. Работеше како сметководител во еден дом за старци во Скопје. Го фатија ептен годините, па реши да се повлече. По некое време отиде во домот да си ги види другарите, а во меѓувреме дел од нив си умреле, дел доизветреале, дел одлепиле. Имало некој Митре што си одлепил од мака, оти власта му ги лапнала парите. Му пришол дедо ми да се поздрави, ама Митре не го познал: „Кој беше ти? не те познавам“. „А бре, како не ме познаваш, Митре?! Владо сум јас. Владо“. Намрштил веѓа Митре и викнал: „Доле влада!! Доле влада!!“

Слични содржини

Книжевност / Култура / Настан
Активизам / Книжевност / Култура
Книжевност / Култура / Настан
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Настан

ОкоБоли главаВицФото