Бојата на очите на кралицата (италијанска легенда од средниот век)

29.06.2016 03:34
Бојата на очите на кралицата (италијанска легенда од средниот век)

Gustaf Wappers

 

„Бојата на очите на кралицата“ е расказ напишан во 2015 година кој делумно се темели на историски наоди за Јована Прва Анжујска (1327 – 1382), средновековна владетелка на Кралството Неапол. Расказот учествува на осмото издание (2015 г.) на „Премио Лупо“ - традиционален меѓународен конкурс за најдобар расказ напишан на италијански јазик, во организација на регионот Пуља од јужна Италија и е објавен во збирката одбрани раскази од конкурсот (Il Castello edizioni).
 

 

Иако за добрината и убавината на Јована Прва Анжујска, Кралица на Неапол, Ерусалим и Сицилија, Војвотка на Ахеја, Принцеза на Капуа и Грофица на Прованса, Форкалкие и Пиемонт надалеку сведочи наклонетоста на перата на Бокачо, на таткото Дима и на бројни други понизни писатели, се чини дека досега никој не се сетил да ја забележи можеби најубавата приказна од нејзиниот долг и богат живот.

Според легендата, стариот и ценет крал на Неапол, Роберто Мудриот, инаку дедо на младата кралица Јована, бил страстно вљубен во сликарството. Затоа, на денот кога одлучил да ја омажи внуката, испратил телали низ градот за да разгласат дека, по кралска милост, за сопруг на идната владетелка ќе биде избран оној кој ќе го наслика најубавиот портрет со нејзиниот лик.

Новоста одекнала низ кралството, и голем број талентирани ергени побрзале да се пријават. А кој не би сакал да биде идниот крал? Кандидатите се опремиле со четки, бои и платна и се упатиле кон кралскиот дворец... Но, штом стигнале таму, без особени церемонии им било кажано дека задачата воопшто нема да им биде така лесна како што изгледа: било решено кралицата постојано да седи затворена во највисоката кула на источниот дел од дворецот, и да може да излегува единствено до малечката градина под кулата, каде што било засадено едно ореово дрво...

Што значи, кандидатите ќе треба да насликаат портрет од кралицата без да ја видат!

Младите многу се разочарале. Секој од нив бил прочуен по дарбата за сликање, но речиси никој не ја имал видено младата кралица... Така, си ги собрале четките, боите и платната, и тивко си се разотишле.

Сепак, имало и такви што не сакале брзо да се откажат - тие, за да го насликаат најубавиот портрет, намислиле да се послужат со бројните приказни за убавината на кралицата Јована: без да губат време, тргнале низ кралството со моливи и бои во рацете, во потрага по слуги, готвачки, доилки... по кој било од оние што некогаш барем за миг ја виделе кралицата. А штом ќе сретнеле некој таков, се распрашувале, ги слушале описите, и си ги полнеле тетратките со најразлични белешки: „лицето ѝ е нежно како свила“, или „трепките ѝ се како малечки лебедови крилја“, или „очите ѝ се како на срните од кралските градини“, или „зениците ѝ се зелени како смарагди“... Сешто пишувале. А кога ќе се убеделе дека веќе доволно научиле за убавината на кралицата, секој за себе, кандидатите почнувале грижливо да ги пренесуваат белешките на платното. По цели денови тумачеле, се премислувале, и сликале. Понекогаш, кога случајно ќе се сретнеле на кралскиот двор, дури и си ги покажувале сликите еден на друг. И, најчесто се разочарувале: сите тие портрети биле прекрасни, но ни малку не наликувале еден на друг...

Во сета таа тажно-весела итаница, најголема предности имале само двајца кандидати.

Едниот од нив бил младиот, тап и разгален принц Андреј од Унгарија. Тој бил сосем незаинтересиран за кралицата, но неговиот расипан татко бил алчен по богатство и моќ, па го подмитил дворскиот сликар, за овој тајно да го наслика најубавиот портрет на кралицата, секако, во име на некадарниот и мрзлив син. Дворскиот сликар, пак, веќе многупати ја имал насликано кралицата, па ова требало да биде само обична вежба за него.

Другиот бил Луиџи од Таранто. Тој имал дарба за сликање, бил заљубен во кралицата, и, уште поважно, и таа го сакала. А една вечер, без некој да го забележи, тој дури и успеал да влезе во малечката градина, да поседи со кралицата Јована, па дури и да ја наслика. И, сè ќе било далеку полесно (но, за лесните работи не се раскажуваат легенди, нели?) ако неискусниот Луиџи од Таранто сам не си ја замрсел работата: опиен од нејзината убавина, посакал да ѝ подари нешто на кралицата... но, немал ништо друго освен портретот, па ѝ го подарил. Тогаш и кралицата посакала да му се оддолжи, но бидејќи ни таа немала ништо со себе, само се насмеала, скинала три ореви од дрвото и му ги ставила во џебот од елекот.

Кога таткото на принцот Андреј начул дека некој си Луиџи од Таранто може да му ги расипе плановите, страшно се разлутил, и истата вечер пратил заговорници да го спалат ателјето на љубовникот на кралицата. Така, кога принцот Луиџи дошол до својата колиба, која си ја беше изградил на лединката крај дворецот и во која си ја сместил работилницата, наишол на купиште гламносани греди и чад: местото било пеплосано до темел, и неповратно биле изгубени и платната, и моливите за цртање. И, најлошо од сѐ – веќе ги немало ни боите.

Raphael Sanzio

Принцот Луиџи од Таранто седнал врз сивилото од пепелта над своето некогашно ателје и започнал да си ја оплакува судбината.

Но, тогаш, од нигде-никаде, пред неговите болни, замаглени очи се појавило некое мало детенце. „Оти плачеш?“, го прашало. Принцот веднаш одговорил дека до пред малку можел да сѐ, но сега сѐ е изгубено, дека за три дена треба да се покажат портретите, а тој нема ништо, ниту пак може да има... Нема ни молив за да црта.

Тогаш детенцето покроце се наведнало, зело едно остинато парче јаглен од пепелта и му го подало на принцот. Тој пак, само се опулил во парчето јаглен и повторно жално ја обесил главата... Тогаш детенцето го трзнало парчето јаглен од раката на принцот, а тој, кога повторно ја кренал главата, ја забележал црната линија на својата рака, ги оџарил очите, го грабнал парчето јаглен и брзо отрчал до кралската печатница. Зел од најфината хартија, ја однесол во својата одаја, и врз неа со јагленчето го нацртал најубавиот портрет што некогаш ѝ бил посветен на кралицата Јована.

Принцот Луиџи од Таранто бил среќен, но портретот, така нацртан, изгледал колку убаво толку и жално: недостасувале сите бои од лицето на кралицата... Радоста набрзо му стивнала, и следниот ден тој повторно се вратил на својот куп пепел, и заплакал.

Таму, пред принцот уште еднаш се појавило детенцето од претходниот ден. „Оти плачеш?“

Принцот објаснил дека лицето на кралицата е нацртано, но му недостасува бојата, а на трговците би им требало премногу време за да донесат нови бои... и сѐ е изгубено.

Тогаш детенцето извадило од џебот една праска и му ја подало на принцот. Кога го видел тоа, принцот само ја надеднал главата и рекол дека цел ден нема ставено ништо во уста, ниту му е дојдено до јадење. Тогаш, детенцето ја трзнало зрелата праска од раката на принцот, а тој, кога повторно ја кренал главата, ја забележал водената линија на својата рака, ги оџарил очите, ја грабнал праската и брзо отрчал назад во одајата. Исцедил сок од плодот врз цртежот, и така лицето на кралицата Јована ја добило најубавата боја.

Но, портретот сѐ уште не бил готов – усните на кралицата сѐ уште биле бледи како месечина. А какви се тие усни со боја на месечина? Принцот размислувал, и размислувал, но најпосле се откажал и потиштен се вратил на стариот куп пепел и лом, и започнал да го чека детенцето.

Таму чекал, и чекал, но детенцето никаде го немало... Одеднаш, на принцот му станало јасно дека веќе си ја искористил помошта, дека сега е препуштен сам на себе, дека тука е крајот... сè е загубено.

Помирен со поразот, принцот ја наведнал главата и горко заплакал.

Дури тогаш пред него одново се појавило малечкото детенце. „Оти плачеш?“

Принцот ја кренал главата, и, кога го видел детенцето, само воздивнал и му се пожалил дека ниеден плод нема доволно силна боја за црвените усни на кралицата.

Кога го чуло ова, детенцето се наведнало кон кршот и пепелта, дофатило една остра срча и му ја подало на принцот. Принцот со напнато лице го следел детенцето, но не знаел што би правел со парчето стакло. Убеден дека дотогашната помош на детенцето била обична случајност, само ги спуштил очите кон пепелта и тешко воздивнал.

Тогаш детенцето ја трзнало острата срча од раката на принцот, а тој, кога повторно ја кренал главата, ја забележал црвената линија на својата рака, ги ококорил очите, станал, и како луд почнал да трча назад кон одајата. Кога стигнал, капнал малку од крвта врз хартијата, и така усните на кралицата Јована ја добиле најсилната боја.

Сега портретот на принцот Луиџи од Таранто бил речиси готов, но недостасувала најважното: бојата на очите на кралицата, бојата на наубавото нешто. А до откривањето на портретите го делела само уште една ноќ... Освен тоа, принцот Андреј од Унгарија веќе почнал бесрамно да се перчи низ дворецот дека го има победничкиот портрет.

Принцот Луиџи убаво се сеќавал на зелените очи на кралицата, но никако не можел да смисли со што да ги обои. Помислувал на тревки, но знаел дека ниеден лист од ниедна билка не е доволно благороден: зелената боја од кој било лист набрзо би избледела и... принцот не сакал ни да помисли што би се случило со очите на кралицата тогаш.

Натажен, принцот за последен пат се вратил на својот куп крш и пепел, и веднаш заплакал.

Плачел, и чекал, но детенцето веќе не доаѓало. Околу него минувале кучиња скитници, недалеку од него се слушал џагорот на жителите на Неапол, во далечината, врз модрата, наежавена кожа на морето се лизгале лични галии... но, детенцето никаде го немало. Принцот уште од порано претчувствувал дека тоа нема да дојде, но се беше навикнал да го чека, и не знаел што друго да прави.

Најпосле, кога ноќта покрила сѐ, принцот го напуштил пеплиштето и си се вратил назад во одајата.

Бил очаен, но и преморен, преморен од сè. Навистина, останувале само уште очите на кралицата, но тој немал доволно благородна боја за нив, а веќе било и доцна – малку време го делело од утрото и часот кога ќе треба да се покажат портретите.

Заслепен од гнев и немоќ, принцот Луиџи од Таранто почнал да крши сè околу себе. Почнал да ги корне кадифените драперии од ѕидовите, удирал по скапоцените украси, го клоцал вековниот мебел, ја раздробил алабастерната ламба, го распарчил брокатниот балдахин, а потоа му се нафрлил и на орманот од абоносово дрво. Го срушил на подот, и почнал да ја тегне од него фината облека и да ја кине... Најпосле, покорен од сопствениот умор, принцот му се предал на сонот.

Се разбудил по неколку часа, и со жалење погледнал околу себе. А во сиот тој хаос, единствено масата стоела исправена среде собата.

На неа бил недовршениот портрет на кралицата.

Принцот не сакал да му се доближува на портретот. Се срамел да ја погледне кралицата во очите што не успеал да ги обои. Се плашел дека тие две страшни дупки, тие два ужасни вртлози на неговиот пораз ќе го вшмукаат и ќе го гмечат и дават до крајот на времето.

Исцрпен, ја потпрел раката на расфрланата облека по подот за да се исправи и да стане, кога нешто го жегнало под дланката.

Со бескрајна белина во главата, принцот почнал бесмислено да ја растргува облеката околу него, кога одеднаш погледот му застанал на три мали зелени топчиња. Долго време принцот седел неподвижен во шарениот хаос, и тапо гледал во трите ореви што можеби пред неколку животи му ги беше дала кралицата. Којзнае од каде се беа дотркалале низ сиот тој неред до него.

Потоа, принцот ги зел оревите во рацете и како во сон отчекорил до масата на сред соба. Како месечар кој внимателно ја негува белото пространство во главата, механички ја лупел кората од оревите... Најпосле, од неа исцедил две темнозелени капки врз цртежот.

Така, очите на кралицата најпосле ја добиле најблагородната боја, а мајубавиот портрет на кралицата Јована бил готов.

Набрзо двата портрети, тој од принцот Луиџи и оној од принцот Андреј, биле изложени во дворецот.

Навистина, цртежот од принцот Андреј бил мошне убав, но, според легендата, оние што го погледнале портретот насликан од принцот Луиџи од Таранто, до крајот на своите денови живееле облагородени од восхитот и милината што во нив успеала да ја роди убавината на кралицата Јована.

Сепак, дворскиот сликар, кој, како најучен бил назначен да пресуди кој од двата портрети е поубав, помпезно изјавил дека портретот на принцот Андреј од Унгарија е ремек-дело, додека портретот насликан од принцот Луиџи од Таранто го прогласил за навредлив кон убавината на кралицата и предложил да се уништи, а неговиот творец веднаш да се протера од кралството.

Оваа неправда предизвикала страв, чудење и огорченост кај многумина, а најмногу кај кралицата Јована и принцот Луиџи. Тој, пред да биде протеран, успеал да го спаси портретот и да го скрие некаде, но не нашол начин да ги спречи злобните заговорниците сосила да ја омажат кралицата со принцот Андреј. Набрзо избувнала и војна.

Сепак, како што е општопознато, на крајот секогаш победува љубовта. Така, по неколку тешки години за кои не може да се напише ништо убаво, судбината одново ги споила кралицата и принцот. После сè, сите неправди биле минато, а кралицата Јована од Неапол и принцот Луиџи од Таранто си живееле во мир и среќа до крајот на животот.

***

Најубавиот портрет на кралицата Јована, пак, сè уште е изгубен, и никој не знае каде е. А сигурно можете да си замислите уште колку многу луѓе би сакале нивните најдраги да го погледнат, барем еднаш, онолку колку што е доволно за остатокот од животот да го минат облагородени од восхитот и милината што само вистинската убавина може да ги роди.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото