Брегзитот и распадот на ЕУ

29.06.2016 10:56
Брегзитот и распадот на ЕУ

Брегзитот победи затоа што премногу британски гласачи ја поистоветија ЕУ со авторитаризмот, ирационалноста и презирот кон парламентарната демократија, а премалку од нив ни поверуваа нам кои тврдевме дека е можна поинаква ЕУ.

Учествував во кампањата за останување на Британија во ЕУ во согласност со вредностите на нашето паневропско движење Демократија во Европа (DiEM25). Ги посетував градовите во Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска и ги убедував луѓето дека распадот на Европа не е решение. Тврдев дека тоа со себе ќе ги повлече дефлаторните сили кои секаде би ги заостриле мерките за штедење и би работеле во корист на естаблишментот и неговите ксенофобични помагачи. Со Џон Мекдонел, Каролина Лукас, Овен Џонс, Пол Мејсон и други, се залагав за стратегијата за останување, но против етаблираниот европски поредок и институциите. Против нас беше алијансата на Дејвид Камерон (чиј бриселски компромис ги потсети Британците на сè што презираат во Европа), министерството за финансии (со своето комично псевдо-економетриско ширење паника), Сити (чија неподнослива нарцистичка ароганција одби милиони гласачи од ЕУ), Брисел (кој набрзина ја преименува последната спогодба за фискалното давење на европската периферија), германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле (чии закани до британските гласачи поттикнаа антигермански чувства), кутрата француска социјалистичка влада, Хилари Клинтон и нејзините весели „атлантисти“ (кои, пред сè, ЕУ ја сфаќаат како воена коалиција) и грчката влада (чие подготвено покорување на казненото штедење на ЕУ го отежна убедувањето на британската работничка класа дека Брисел ги штити нејзините права).

Последиците од ова гласање ќе бидат многу тешки, иако не се оние за кои предупредуваа Камерон и Брисел. Пазарите ќе се организираат брзо, а преговорите веројатно ќе доведат до решенија слични на норвешкото, кои на следниот британски парламент ќе му овозможат да склучи договор прифатлив за двете страни. Шојбле и Брисел ќе плачат и ќе жалат, но договорот со Лондон е неизбежен. Ториевците ќе се држат заедно како и секогаш, водени од моќниот нагон на класните интереси. Меѓутоа, иако моменталниот потрес ќе се смири релативно брзо, под површината ќе бидат активирани подмолните сили кои ќе им нанесат страшна штета на Европа и Британија.

Италија, Финска, Шпанија, Франција и речиси сигурно Грција не се одржливи со постоечките аранжмани. Архитектурата на еврото е таква што гарантира стагнација и ја продлабочува должничко-дефлаторната спирала која ја засилува ксенофобичната десница. Популистите во Италија и Финска, можеби и во Франција, ќе бараат референдуми или други начини за да излезат од ЕУ.

Единствениот човек што има план е германскиот министер за финансии Шојбле. Во стравот пост-брегзитот тој гледа шанса да ја спроведе својата идеја за постојано штедење во унијата. Според тој план, на еврозоната ќе ѝ бидат понудени моркови и огромен стап. Морковите ќе дојдат во облик на мал евро-буџет кој делумно ќе ја покрива помошта за невработените и осигурувањето на банкарските депозити. Стапот ќе биде вето на националните буџети.

Ако не се лажам и ако брегзитот навистина вроди со изградба на постојан железен кафез за штедење за преостанатите членки на ЕУ, можни се два исходи: едниот е дека кафезот ќе се одржи, и во тој случај институционализираното штедење ќе предизвика дефлација во Британија, но и во Кина (чија понатамошна дестабилизација ќе има секундарни негативни ефекти врз Британија и ЕУ).

Втората можност е кафезот да биде пробиен (на пример, со заминување на Италија или Финска), што ќе резултира со заминување на Германија од еврозоната во распаѓање. Но тоа, новата Дојчмарк зона, која веројатно ќе завршува на украинската граница, ќе ја претвори во огромна машина за производство на дефлација (кога новата валута ќе го пробие покривот и германските фабрики ќе ги изгубат странските пазари). Во тој случај Британија и Кина ќе мораат да се подготват за ново дефлаторно цунами.

Ужасот од тие настани, од кои брегзитот нема да ја заштити Британија, е главната причина што со членовите на DiEM25 се обидов да ја спасам ЕУ од естаблишментот кој ја брише секоја трага на европејството. Се сомневам дека лидерите на ЕУ, и покрај пост-брегзитската паника, ќе ја научат лекцијата. Тие ќе продолжат да ги гушат гласовите кои повикуваат на демократизација на ЕУ и ќе продолжат да владејат со помош на стравот. Не треба да зачудува тоа што многумина напредни Британци ѝ го завртија грбот на таквата ЕУ.

Иако, и понатаму сметам дека заминувањето на Британија од ЕУ е погрешен избор, ја поздравувам решеноста на британските граѓани да се фатат во костец со намалувањето на демократскиот суверенитет предизвикан од дефицитот на демократија во ЕУ. И одбивам да очајувам, иако и јас сум губитник на овој референдум.

Од денес, британските и европските демократи ќе мораат цврсто да се држат до референдумската одлука и да се соочат со естаблишментот во Лондон и Брисел. Распадот на ЕУ сега многу се забрза. На Европа повеќе од кога било ѝ е потребно градење мостови и здружување на демократите надвор од државните и партиските граници, за да не се лизне во ксенофобичен, дефлаторен понор налик оној од триесеттите години од 20 век.

Извор: https://www.theguardian.com/

Слични содржини

Европа / Балкан / Свет

ОкоБоли главаВицФото