Вечерва (среда) Претставување на четири писателки на фестивалот Друга приказна!

29.06.2016 12:57
Вечерва (среда) Претставување на четири писателки на фестивалот Друга приказна!

Вечерва на книжевниот фестивал ДРУГА ПРИКАЗНА во Паркот на франкофонијата, со почеток во 19 часот ќе бидат претставени четири писателки: Теа Тулиќ, Драгана Младеновиќ, Асја Бакиќ и Терезија Мора.

Со Теа Тулиќ и Драгана Младеновиќ ќе разговара Роберт Алаѓозовски, Терезија Мора ќе ја претстави Елизабета Шелева, а со Асја Бакиќ ќе раговара Иван Шопов.

(Во случај на дожд, настанот ќе се одржи во ГЕМ Клуб, Стара чаршија, над Менада.)

 

* * *

 

Теа Тулиќ (Риека, 1978) е хрватска писателка која главно пишува кратки прозни текстови. Објавувала раскази во повеќе книжевни списанија во регионот. Во 2011 го објавува дебитантскиот роман/збирка цртички „Коса насекаде“, кој неодамна на македонски го објави Темплум. За романот ја добива наградата Прозак која ја доделуваат Зарез и Алгоритам за најдобар необјавен ракопис на автор(ка) до 35 години. Во 2014 го објавува албумот албумче.

„Коса насекаде“, првенецот на Теа Тулиќ, се отвора со мигот на една случајна смрт - смрт која не е толку болна затоа што ниту личноста не била толку блиска, само непознат сосед - но чија случајност ја носи онаа пролептичка сила поради која читателот насетува дека смртта во оваа книга не е само наративен „прекинувач“ и повод за приказна, туку дека таа го подвлекува под себе нејзиниот јазик, ја отстранува можноста за наративно талкање и го собира текстот во една точка. Во тој епицентар на приказната, околу кој во концентрични патеки кружат ликовите, гласовите и глетките од еден обичен семеен живот, се наоѓа интимното и трауматично искуство - болеста на мајката, грчевитата борба и парализирачкиот страв, и најполе, неумоливата тапост на загубата. Сето она што на формален план е симптоматично за ракописот на Теа Тулиќ - неговата фрагментарност, распрснатост и нималку суптилната поетизација - директно произлегува од пулсирачките точки на болката која го диктира психограмот на раска- жувачката како онаа која ја исчекува смртта, се плаши од неа - во невозможноста да ја спречи или барем да ја одложи - за неа раскажува. Иако е структурирана како низа кратки, поетизирани фраг- менти кои на ниво на целина можат да се читаат како дневник, збирка раскази или дури лабаво врзан роман, оваа книга има цврста внатрешна структура која се препознава како монолог на еден раскажувачки глас кој низ себе сепак пропушта траги на туѓиот говор.

(Од освртот на Анера Ризнар)

 * * *

Терезија Мора е родена во 1971 година во Сопрон, Унгарија. Но, по политичките промени во Унгарија во 1990 година се преселила во Германија. Студирала Унгарски студии и драма на Универзитетот Хумболт во Берлин, а се стекнала и со диплома како сценарист на академијата на Дојче филм и Фернсеха. Од 1998 година живее во Берлин, како писател и преведувач. Ги им напишано следните книги: Чудно прашање, Единствениот човек на континентот, Катаден и Сеништето, неодамна објавен на македонски јазик во Готен. За своите дела ги има добиено најпрестижните германски награди меѓу кои и наградата Ингеборг Бахман и Аделберт Фон Шамисо. Преведена е на многу јазици. Нејзинииот превод на Петер Естерхази на германски ја доби наградата за превод на Северна Рајна Вестфалија.

Сеништето е стилистички брилијантен авантуристички роман, што воедно е и тажен помен по мртвата сакана, во што заличува на старите жанрови. Книгата зборува за патувањето што еден неутешен вдовец го прави по мистериозната смрт на својата сопруга. Тој решава да ги посети земјите на Источна Европа од кои потекнува неговата сопруга, истовремено откривајќи ги нејзините дневнички записи, натежнати од сознанието за неизлечивата болест. Мора во наративно лабава форма ги комбинира двете нарации, на брачниот пар. Од една страна, воодушевувањето со природата, луѓето, новите краишта, од друга страна психодрамата на очајот, тагата, осаменоста, кобноста. Сленгот се меша со епските пејзажи, а лирските состојби со суров психологизам.

Тоа е долга книга полна со различни пасажи, со различни подзаплети, со многу маестрално скицирани ликови, една прекрасна морбидна сатира, еден пикарски роман, што не може да се спореди со ништо слично во германската литература. Никој со толкава суптилност ги нема осенчано нијансите помеѓу неспокојот и паниката на две блиски, а сепак туѓи на себеси, човечки суштества.

 

* * *


Драгана Младеновиќ е родена во Франкенберг 1977 година. Димпломирала во Белград, на Филолошкиот факултет, а живее и работи во Панчево. Ги објавила поетските збирки: Во тоа воопшто нема поезија (2004), Распад на системот (2005), Творница (2006), Асоцијална програма (2007), Омотот на списите (2008),Роднини (2010) и Магда (2012.

Во 2013 на македонски јазик Темплум ја објави книгата Граѓа за убав роман ги опфаќа трите нејзини збирки, кои сочинуваат неформална трилогија: Творница, Омотот на списите и Роднини.

ГЛАД

Познато е дека во мигов
Безмалу три милијарди
Ја превртуваат површината на земјата
Бушат и копаат по морињата
Се потат и пцовисуваат по творниците
За да можат да ја наполнат чкембата

За да се потсетиме на бедата и на скудноста
Да се сетиме дека тука
Во нашево соседство
Невработени се десетици
Вредни работници и дека безделните
На нивната среќа катаден
Со завист гледаат и
Гладуваат или од глад умираат

Други песни од Драгана Младеновиќ на Окно можете да прочитате овде.

* * *


Асја Бакиќ е родена 1982 година во Тузла, каде завршила студии по босански јазик и книжевност. Објавувала поезија во повеќе списанија од просторот на поранешна Југославија (Profemina, Tema, Zarez, Quorum, Diwan, Poezija, airBeletrina). Авторка е на неколку блогови. Феминистка е и полиглот. Освен со пишување, се занимава и со книжевен превод. Во 2009 ја објавува поетската книга „Може и кактус, само нека боде“ (која на македонски можете бесплатно да ја преземете овде), а во 2015 збирката раскази „Марс“.

Раскази, есеи и колумни од Асја Бакиќ на Окно можете да прочитате овде.

Слични содржини

Книжевност / Култура / Уметност / Настан
Книжевност / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото