Избришана приказна

30.06.2016 09:51
Избришана приказна

Владимир Лукаш
многу глупа приказна

таа носеше црвени гаќички, и мали бемки светлина исползуваа зад нејзините весели гради. таа се викаше. таа молчеше. знаеше ненаметливо да се престори во снежен облак и мирно да умре во нечиј туѓ сон. таа се викаше. умееше да брише прашина од загубените спомени и да готви пита од идни љубови. еден ден седеше на мал троножец на една мала тераса и целиот свет се престори во пупка која ја уништил првиот мраз. таа испушташе звуци кои само одбраните микроорганизми можеа да ги протолкуваат и запишат во тефтерите на влезовите од црните дупки. таа се викаше, но сепак немаше име. само едно влакно од нејзината коса беше доволно да предизвика цела низа поплави и земјотреси во кинеските рудници. таа сакаше руини. невидливости. неизречливости. еднаш ја видов во првата голтка кафе и се престорив во капка крв која капе од издупчената ткаенина на вселената.

Оливера Ќорвезироска
Избришана приказна

Tаа носеше. Таа ме носеше. Таа се носеше. Црвени гаќички и весели гради. Гаќичките – секогаш, веселите гради – наесен. Малите бенки светлина ги лекуваше со темен препарат од сомнително билје. Таа се викаше. Таа молчеше. Знаеше да стане снежен облак и мирно да ми умре в сон. Таа не се викаше. Таа бришеше прашина од загубените спомени и правеше пити и пити со купечки кори од идни, тенки љубови. Еден ден седеше на мал троножец на мала тераса и целиот свет стана голема пупка која ја беше уништил голем некој мраз. Таа испушташе звуци кои само одбрани микроорганизми можеа да ги протолкуваат и да ги запишат во тефтерите на влезовите од црните дупки. Таа се викаше, но сепак немаше име. Таа молчеше, но сепак не поседуваше тишина. Беше голтарка. Но, само едно единствено влакно од нејзината коса беше доволно да предизвика низа поплави и земјотреси во скришните рудници за злато. Таа сакаше трошности и дребности. Невидливости. Неизречливости. Еднаш ја видов во првата голтка кафе и се престорив капка љубов која истече на тацната на нејзината страст. Таа ме избриша.

Слики: Byron Eggenschwiler

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото