ДРУГА ПРИКАЗНА, ден 3: Книжевноста и активизмот

30.06.2016 13:44
ДРУГА ПРИКАЗНА, ден 3: Книжевноста и активизмот

Вечерва во Паркот на франкофонијата, ќе се одржи третата и последна вечер на фестивалот „Друга приказна“, главно посветена на книжевноста и активизмот.

Во 19 часот, најпрво ќе биде претставен бугарскиот писател и театарски режисер Петар Денчев, со кого ќе разговара Роберт Алаѓозовски. Петар Денчев е роден 1986 година во Варна. Автор е на романите „Како мажот ја бакнува жената што ја сака“ (2007) за кој ја добива награта Развитие за Нов бугарски роман и дистопискиот роман „Тивкото сонце“, како и на збирката раскази „Раскази во минато време“ (2012). Пишува и поезија, но сè уште нема објавено поетска книга.

Во 19:30 часот, ќе се одржи разговор со Милан Ѓурчинов на тема Книжевност и активизам/политика, кој ќе го води Бобан Карапејовски.

Потоа програмата продолжува со уште еден разговор за книжевноста и активизмот, во 20 часот, кој ќе го води Јасна Котеска. Во разговорот учествуваат Срѓан Тешин, Никола Гелевски, Роберт Алаѓозовски, Станимир Панајотов...


По вториот разговор, програмата завршува со настанот Книжевноста активизмот во практика, кој ќе го води Ирена Цветковиќ. Во рамки на настанот, Драган Протиќ од Белград ќе ја претстави иницијативата Песничење, ќе биде проектирано видеото од акцијата „Лажни пророци“ на Свирачиња, а на крајот, Дарко Лешоски, Луми Бекири и Југослав Петровски накратко ќе разговараат за Шарената револуција. Потоа, авторите ќе прочитаат кратки ангажирани текстови, а на крајот, заедно со публиката, ќе изработат пароли кои ќе бидат истакнати на протестите на Шарената револуција.

* * *

Југослав Петровски
Бронзениот Аце и скаменетиот Самоил

Седел така Царот Самоил со години во сенка на Големиот Александар. Еден ден му здодеало да го гледа огромниот бронзен газ на Букефал и свикал:

-Слушај ти! Тргни ми се! Ми го сокриваш сонцето!

Но, Александар не се збунил, оти ова го нема слушнато првпат: истото, пред многу години, во времето кога тој бил човек а не споменик, му го има речено Диоген. А од друга страна, зарем се сомневате дека тој кој најголемите загатки, како што е „Гордиевиот јазол“, ги решавал со остар замав на главосечачки меч, нема да најде одговор на оваа проста „старословенска“ провокација?

Се свртел Големиот Аце кон седнатиот Самоил, и од таа триесетметарска дистанца во височина му рекол:

-А што ќе ти е тебе сонце, твоите војници и онака се редум ќори, та за нив и сонцето е темница!

Од овие зборови Самоил побелел и се скаменил, станал бел мермер. А бронзениот Александар, за да го дотолчи противникот и да го понижи до крај, слично на неговиот татко Филип, кој по победата на Атињаните три дена пијан танцувал врз нивната крвта, коски и месо, врз мртвите тела на загинатите Атињани, кои се дуеле и усмрдувале... танцувал тој и пеел: „Јас сум Филип Варваринот! Филип Варваринот“... та така и синот Аце, полн со злоба и цинизам, на Самоил му го рекол и ова:

-Тендерот за мене вредеше милиони и милиони евра повеќе! Плус тоа - јас сум на коњ, а тебе те чучнале како на веце шолја. Затоа, молчи, глас да не сум ти слушнал веќе!

Овој ораторска победа можеби е и најголем подвиг на Големиот Александар откако е споменик. И од тој ден, од денот на оваа негова победа, сите ние ноќта заспавме како Словени, а со утрото, се разбудивме како Антички Македонци. Се разбудивме и запеавме – Алелуја!!!

* * *

Фото: Ванчо Џамбаски

Дарко Лешоски
Сцена: Панорамско тркало

Дечко и девојка седнуваат во корпата на панорамското тркало.
Антички војник им ги врзува сигурносните појаси.
Тркалото почнува да врти.
Грицкаат семки.

Дечкото: Види! (и неприметно ѝ ја префрла раката преку рамена како на кино). Она лево ти е Куманово!
Девојката: Ме зезаш?!
Дечкото: Не бе, стварно!
Девојката: Кај што загинаа полицајците еден куп, а уште не знаеме зашто?!
Дечкото (се смее): Да бе злато!
Девојката: Лелее, преубаво!
Дечкото: Види она десно ти е Тетово!
Девојката: Леле, кај што се испоудавија луѓе од неисчистени каналчиња?
Дечкото: Да бе срц, во 21 век! Да! А онаа точкана доле ти е Солун право!
Девојката: Наш Солун?! Стварно?!
Дечкото: Наш, наш, само потивко да не има некој Грк во другиве корпи!
Девојката: Арно викаш, каменот доаѓа од блиску!
Дечкото: А она долу, скроз долу, таму десно точката ти е Вевчани! Јас сум од таму! Пред некоја зима на метро снег беа 10 дена без струја. Бајка! Преубаво!
Девојката: Лелееее, да, да, се гледа стварно – види позади и Пустец скроз малце се гледа!
Дечкото: Еј стварно – твојте се од таму!
Девојката: Па тоа ти викам, од Центар, ние од таму сме сите.

Завршува возењето.

Дечкото и девојката излегуваат од корпата.
Појасот претходно им го ослободува комита.
Колегата антички војник јаде петка во сендвич со кромид.
Дечкото љубезно им вели „Фала, многу ни беше убаво“ и заминуваат со девојката.
Комитата седнува до античкиот војник и пали цигара дури јаде овој.
Празен е плоштадот. Средина на август. Жив човек нема.


НЕКОГАШ ВИКАМ ФАЛА НА ОВА БУРНО ВРЕМЕ – НЕ МОРА ДА ИЗМИСЛУВАШ НИШТО.

Какви драми се пишуваат... „Буре Барут“ и „Диво месо“ би биле гола вода ...

* * *

Фото: Борче Поповски

Луми Бекири
Протестиве станаа идеалната Македонија која сакаме да ја живееме

Протестиве станаа идеалната Македонија која сакаме да ја живееме. Без никаков обид да ги романтизирам истите или да поддржувам некаква наводна карневализација на протестиве, тие станаа наш дом.

Во целава мрачна еднолика атмосфера во државава последнава деценија кај секој од нас се јави тоа чувство на бездомност, неприпадност, отуѓеност од сопствените животи. Но се јави и таа потреба за некаков одреден време-простор каде што ќе сме слободни и свои. И последниов месец и пол тоа беше токму СЈО во 18 часот во Скопје, а истото се појави и во другите градови.

Од целава водечка матрица што се инсталираше свесно или несвесно во нас - да се минимализира човекот во нас, да се потиснат основните човекови потреби и чувства, да сме мали и безначајни, одеднаш се појави и тој отпор во нас, кој ми се чини е и наша водечка сила периодов. На протестиве ние секојдневно запознаваме нови луѓе, гледаме еден на друг во личните болки, се заљубуваме, плачеме пред сите, се смееме на цел глас, учиме да се солидаризираме со секој, се реализираме како луѓе и сите се радуваме поеднакво на тие 'мали' работи, кои што ни беа одземени од секојдневниот живот.

Протестиве станаа состојба на живеење. Тие се веќе нашите животи, протестиве сме ние. Со нив се роди и една нова татковина, еден нов дом, во кој што сите живееме слободно. И таа енергија од протестиве треба да стане генералната атмосфера во новата Македонија што сакаме да ја изградиме!

Слични содржини

Книжевност / Култура / Настан
Книжевност / Култура / Настан
Книжевност / Култура / Музика
Книжевност / Култура
Книжевност / Култура / Настан
Општество / Активизам / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото