Таби Азири: од Скопскиот џез фестивал до музеите на Амстердам

01.07.2016 11:23
Таби Азири: од Скопскиот џез фестивал до музеите на Амстердам

Менхетен 1977. Американскиот графички дизајнер, Милтон Глејсер (во тој момент најдобро познат по оваа илустрација од Dylan), седеше на задното седиште од едно жолто такси.

Не беа тоа најдобри времиња за да се биде во Њујорк. Стапката на криминал токму тогаш ги достигнуваше највисоките измерени вредности во историјата, епидемијата на крек-кокаин се засилуваше, условите на улиците во маалата како Бронкс се влошуваа. Сè на сè, може да се каже дека Њујорк беше страшно место за ноќни прошетки.

Во моментот кога таксито поминуваше покрај Бродвеј, Милтон извади црвена масна боја од џебот и на задниот дел од еден плик почна да црта: најпрвин едно „I“, веднаш до него контура на срце, проследено со две букви – „N” и „Y”.

Задачата на Milton беше да смисли лого кое ќе успее да ја регенерира судбината на Њујорк. Во тие моменти на Њујорк му беше потребна сета помош која може да ја добие. Едно од решенијата на градот беше да изгради кампања која ќе привлече туристи. Луѓето од градот смислија слоган („I Love New York”) за кој им требаше лого — тука во равенката влезе Глејсер.

Веселата порака на дизајнот на Глејсер, која потсетува на наивен графит кој заљубен тинејџер би го изгравирал во стеблото на дрво, беше привлечна како за жителите, така и за туристите. Употребата на симбол за срце е генијален потег. Денес се изразуваме себе и нашите чувства преку емотикони (emojis) и оваа приказна е всушност за почетоците за начинот на кој сега комуницираме.

„I ♥ NY” беше почетокот на една од најуспешните маркетинг кампањи на сите времиња — толку успешна, што искинатото плико на кое тој ден Milton шкрташе е дел од трајната изложба на Музејот за модерна уметност во Њујорк. Истото тоа лого е прогласено за најчесто имитираното лого некогаш направено.

„За да го разбереш дизајнот, треба да го преведеш“ — изјавува во една прилика Милтон, во обид да го објасни успехот на неговото лого. „Најпрвин треба да препознаеш дека „I” е всушност цел збор, следно треба да разбереш дека симболот на срце е знак за искуство, за на крај да сфатиш дека „NY“ се иницијалите на местото. Знаеме дека идејата во комуникацијата е размрдување на мозокот, а „гатанки“ како оваа го предизвикуваат токму тоа. Секој кој ќе ја дешифрира се чувствува задоволно дека успеал во тоа.“

Раскажувајќи си ја приказната за Милтон Глејсер и неговото „I ♥ NY“ лого, се обидувам да разберам:

Што е всушност тоа што ги одвојува неверојатните од добрите кога е во прашање дизајнот?

Ова е тежок предизвик, особено во 2016 <тука внеси клише изјава за дигиталниот свет и како нè има визуелно-презаситено>. И покрај мојата пасија за добар дизајн, која ја одгледувам скоро цел живот, сè уште не се чувствувам компетентно да дефинирам што е одлично, но сепак се чувствувам доволно сигурно за да заклучам дека одличен дизајн е многу повеќе од визуелно привлечни слики. Клучниот збор тука е „комуникација“, и најверојатно поентата на Милтон во врска со „решавањето на проблеми“ (и храната за егото која гледачот ја наоѓа во пазли од овој тип) е уште една битна состојка во комплексниот рецепт за достигнување на одличен дизајн.

Каква поврзаност има сето ова со Reborn? Е па, минатата недела виртуелно се дружевме со Таби Азири — македонски графички дизајнер кој многумина го сметаат за еден од нашите најдобри. И додека ги бркав соодветните зборови за вербално да ја опишам неговата работа, или зошто длабоко во утробата сум убеден дека неговите дела не се само добри, туку одлични, се сетив на приказната за „I ♥ NY“ логото.

Најдобрите работи на Таби се поврзани со оние на Глејсер во тоа што комбинираат едноставна естетика со добри идеи кои резултираат во дизајни кои не се само убави, туку уште поважно, комуницираат на начин кој остава траен впечаток кај гледачот.

Ќе налеташ на многу примери од горенаведеното во работата на Таби (расфрлани низ овој напис, како и низ неговата веб-страница). Мојот личен фаворит е неговиот дизајн за Скопскиот џез фестивал 2013 — интернационално препознаен проект награден од Кан, Eurobest и Golden Drum. Погледнете ја кампањата:

SJF CANNES from Tabi Aziri on Vimeo.

Додека Таби повеќе не престојува во Скопје, се чини како неговиот креативен белег никогаш да не го напушти овој град. Почнувајќи од Скопскиот џез фестивал па сè до Скопскиот филмски фестивал и неговиот постер за филмот „Трето полувреме“, формите и боите на Азири се суштествен дел од метафоричната скица на „I Love Skopje“, логото (кое сè уште се скицира).

Во продолжение, прочитајте го нашето интервју со Таби.

 

Re: Каде си сега и што правиш?

Таби: Моментално додека ти пишувам сум на Тершелинг, остров во Северна Холандија, на тим билдинг со колегите. Инаку, веќе скоро 2 години живеам и работам во Амстердам. Градот првпат го посетив во 2013 и тоа беше љубов на прв поглед. Работам во Koeweiden Postma – мало brand identity студио што е дел од една поголема брендинг групација, Total Identity. Клиентите за кои што работиме се најчесто од културниот и јавниот сектор и меѓу нив се имиња како Van Gogh Museum, Hema, Royal Flora Holland, The Jewish Museum, The Dance Theater, The Music Theater Amsterdam, итн.

Re: Дали има разлика (кај колегите и кај тебе самиот) во однос на „workflow“ во Македонија и Холандија?

Таби: Да, секако, и тоа се подразбира. Но пред да преминам на споредување морам да споменам дека во Македонија работев во агенции што претежно работат на рекламирање, а овде сум во студио за развој на брендови. Во локалниот систем овие дисциплини (брендирање, рекламирање, дизајн на амбалажа) се одделени и не е својствено да се пристапи кон агенција што специјализира во некое од овие полиња за работа од друго.

Да се навратам на прашањето – начинот на работа е многу различен и тоа не само за дизајнерите туку и за сите вработени. Работата на сите (дури и оние со кои можеби не сме директно инволвирани) се цени и трошење туѓо време бесполезно е неприфатливо. Вработениот има слобода и должност да објасни колку време е потребно да се направи нешто но и да ги почитува својот збор. Исто и работодавачот е свесен дека промените на плановите и барањата резултираат во дополнителни трошоци кои тие би ги сноселе. Сè се планира — во јануари повеќето колеги веке имаат испланирано и резервирано 1-2 годишни одмори за во текот на годината. И да, се работи 40 часа. Но постои разграничување помеѓу приватното и работното време.

Re: Дали мислиш дека принт дизајнот е во изумирање на сметка на дигиталниот графички дизајн?

Таби: За темата на дигиталното vs. печатеното слушам многу последното време, и сум убеден кога велам дека овој проблем секаде е различно третиран. Во Холандија, на пример, терминот „Digital Graphic Design“ не постои бидејќи се знае дека производот на еден графички дизајнер секогаш оди барем на печатење. Статистички гледано, моментално се печатат повеќе материјали одошто во 1993-та и затоа со убеденост тврдам дека барем во Холандија не е во изумирање. Останатото обично е „спакувано“ во Web, UI, UX design — нешто што во догледно време не очекувам да го работам. Сè додека физички постојат компании и институции ќе постои и традицијалниот графички дизајн.

Ако за нешто може да се каже дека дизајнот преминува на дигитални платформи тоа е рекламирањето — за што е битно да се спомене дека во Амстердам нема билборди и сити-лајтови на градски површини освен на постојките за автобуси и трамваи кои се во сопственост на градскиот превозник.

Re: На почетокот си се занимавал со фотографија. Дали се гледаш во иднина во некоја соработка за филм или друг медиум… концепт анимација?

Таби: Фотографијата е мојата прва љубов и иако можеби звучи претенциозно би рекол дека сум горд на моите фотографии. Сепак тоа е само дел од мојата адолесценција — фотографирав меѓу моите 17-та и 19-та година и не верувам дека наскоро повторно би фотографирал. Многу малку се гледам во сцената за филм и анимација и ако некогаш соработувам за нешто тогаш најверојатно тоа би било поврзано со моден дизајн.

Re: Кој ти е најдрагиот постер кој досега си го направил?

Таби: Тоа дефинитивно би било постерот за Скопскиот Џез Фестивал во 2012. Периодот кога студирав фестивалот ми беше еден од најомилените брендови во Македонија, а Славимир, дизајнерот на најпознатите постери од фестивалот, еден од најомилените дизајнери. Секогаш сонував да го дизајнирам постерот за Скопскиот Џез Фестивал и на деветнаесет-годишникот во мене тоа му е најдрагиот постер.

Re: Кој ти е „најлудиот“ постер кој досега си го направил?

Таби: Ова е лесно – дефинитвно плакатот за натпреварот Скопје Постер „EcoLogic“. Бев втора година на факултет и всушност тоа беше првиот мој изложен постер, првиот кој го видов закачен на ѕид пред публика. Добив трета награда и бев пресреќен. По изложбата почнав интерншип во Идеа+. Мајка ми уште мисли дека постерот е „за срамота“ :)

Re: Дали промената на градот на живеење ти влијаеше на креативноста и творењето?

Таби: Тоа се подразбира бидејќи и културно „се хранам“ подобро. Амстердам нуди плетора настани секојдневно — концерти, театар, опера, изложби, презентации. Уметничката сцена е максимално диверсифицирана и постојано постои можност да искусиш нешто ново. А луѓето во градот се отворени и со отворен мозок за нови идеи и искуства — всушност грото од градот живее барајки нешто ново. Со сигурност можам да кажам дека зборовите „innovation“ и „reinvent“ се едни од најкористените зборови во градот. Сето тоа секако се рефлектира и кај мене, и резултира да бидам поотворен и поиновативен постојано. Амстердам е град што те прифаќа таков како што си, и ти дава простор да го правиш тоа што те исполнува.

 

Re: Guilty pleasure?

Таби: Уф… веќе неколку минути се мислам како да одговарам на ова прашање, и мислам дека е најдобро да го разделам на 2 нивоа.

Она „not so alarming guilty pleasure“ ми е купување чевли, и тоа многу често, некогаш и срам ми е да влезам во Zara, мислејќи дека викат „Ох, пак овој”, а не дека сум лош муштерија :) Секогаш кога и да ми дојде мајка ми на гости, пола од чевлите ги ставам во кеса и ги кријам.

Како она „bottom level guilty pleasure“ би рекол дека ми е плејлистата за туширање: Destiny’s Child, TLC, Крег Дејвид, Тамар Брекстон.

Re: Крчкаш ли нешто ново во моментов?

Таби: Оваа година ми почна со еден огромен проект, и така си оди уште. Во фиока имам досега 4 проекти што најискрено едвај чекам да ги споделам со сите.

Извор: www.reborn.mk

ОкоБоли главаВицФото